Македонија
Конференција за слободата на интернет: Борбата се води против лажните вести и говорот на омраза
Историјатот и клучните моменти во развојот на интернетот во Македонија, неговиот придонес во развојот на демократијата, бројните предизвици со кои се соочуваат онлајн медиумите во земјава и нивната улога во борбата за слобода на говорот, како и искуствата со ширењето лажни вести и пропаганда, беа во фокусот на конференцијата „ Слободата и интернетот во Македонија“ што се одржа вчера во организација на Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) и Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.
Конференцијата посветена на улогата на интернетот во развојот на демократијата во Македонија и пошироко е дел од програмата за одбележување на 25-годишнината на ФООМ, во чии рамки се организираат низа конференции посветени на актуелни и значајни теми поврзани со граѓанското општество.
Зборувајќи за појавата и развојот на интернетот во Македонија, директорот на „Метаморфозис“ Бардил Јашари истакна дека на почетокот главниот предизвик бил да се зголеми пристапот до интернет на граѓаните и да се зголеми бројот на корисници, со оглед на тоа што во 1996 година само три до пет отсто од населението користело интерет. Но сега, рече Јашари, пред Фондацијата се појавуваат други предизвици поврзани со интернетот како што се професионалното новинарство, лажните вести, говорот на омраза и заштитата на приватноста.
– Не постои ресурс кој може да обезбеди 100 отсто сигурност при користењето на интернет. Ние сме сведоци на тоа бидејќи во Македонија имаше еден период кога нелегално се прислушуваа граѓани и се затвораа медиуми. Интернетот остана единствениот слободен простор во Македонија каде што граѓаните можеа слободно да се изразат, да критикуваат и да дискутираат за важни политички и други процеси во државата. Фондацијата го искористи тој слободен простор и им даде поддршка на многу интернет медиуми кои играа многу важна улога во еден многу тежок период за земјата, кога на некој начин беа единствениот извор на критички информации за сѐ што се случуваше во државата – рече Јашари на отворањето на конференцијата.
Според Санта Аргирова, членка на управниот одбор на ФООМ, кога станува збор за користење на интернетот, сѐ уште има голем јаз меѓу помладите и постарите генераци. Таа нагласи дека предноста на интернетот и социјалните мрежи е во тоа што се двонасочни и отворени, па благодарение на тоа секаде стигнуваат многу брзо и ниту една информација не може да остане скриена.
– Интернетот не е комплетната иднина на целото општество туку само едно многу јасно и чисто огледало на општеството. Кога ќе ги отворите социјалните мрежи, не ги читате само коментарите и споделените статуси туку го гледате сопственото општество. Интернетот и слободата се една димензија, но слободата е многу поголема работа и таа не може да зависи од тоа колку интернетот е достапен. Таа слобода не ја дава само интернетот, туку сите кои се појавуваат на интернет, кои не се појавуваат, властите, односно сите чинители на општеството. Ако дозволите слободата да се сведе само на интернетот, значи дека веќе живеете во режим и недемократско општество – рече Аргирова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Облачно време со врнежи од дожд и температуриа до 9 степени
Времето денеска ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд, пообилни во источните делови (над 35 l/m²). На планините врнежите ќе бидат од снег, а на некои од повисоките места од дожд и снег. Ќе дува умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, облачно со повремени врнежи од дожд. Во повисоките делови од котлината врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 5 степени.
Утре на планините и на повисоките места ќе провејува слаб снег. Од недела времето ќе биде стабилно со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст. По одделни котлини ќе има појава на магла и таму температурата ќе остане пониска.
Македонија
АМСМ: Тековен сообраќај по влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози, информира АМСМ.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Потсетување дека патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
Македонија
Дел од корисниците од Гази Баба без струја
Дел од корисниците од Гази Баба денеска ќе останат без струја.
„Од ЕВН Македонија АД добивме известување дека на ден 28.11.2025 година ( Петок ) без електрична енергија ќе останат: во периодот од 08:30 до 14:30 часот, корисниците на ул.2 во Раштак ( општина Гази Баба )“, информира РЦУК.

