Македонија
Џафери: Законот за јазици ќе го пратам во Службен весник кога ќе проценам дека треба

Имајќи предвид дека нема рокови во однос на објавувањето на законот за јазици, сметам дека во соодветно време, кога ќе проценам дека треба да се прати законот до Службен весник, тој ќе се објави и потоа да можат другите надлежни институции да се произнесат по однос на текстот на законот односно за оние укажувања и дилеми кои се искажаа во јавноста, вели претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери во Неделното интервју на Радио Слободна Европа.
На прашањето кога би било тоа соодветно време, тој кратко одговара: „Па, во секој случај тоа е време кога ќе проценам јас за ситуацијата воопшто.“
Џафери не сака да ги коментира гласините дека ДУИ калкулира со Законот за јазици и игра топло-ладно за во случај на предвремени парламентарни избори, кои се во игра со претседателските, да го извади повторно и да го направи тема.
„Не би сакал да коментирам тоа што вие го нотирате. Сметам дека тоа не е став и калкулирање на ДУИ и на која било од политичките партии, затоа што законот е веќе донесен по втор пат и нема каква калкулација да се направи во однос на тоа“, вели Џафери во интервјуто за Радио Слободна Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Со протестен марш на семејствата, ќе се бара правда за настраданите во пожарот во Кочани

Во Кочани за денеска во 12:05 часот е најавен нов протестен марш на семејствата на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“. Ова е трет протестен марш што го одржуваат семејствата на настраданите по последниот одржан на 12 април.
Протестниот марш ќе започне од Градскиот парк во Кочани и ќе продолжи кон Општината и Министерството за внатрешни работи.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март загинаа 62 лица од кои тројца за време на лекувањето во странство, а 193 беа повредени. Дел од загинатите и повредените беа и членовите на бендот „ДНК“ кој настапуваше таа вечер. Со истрагата се опфатени над 60 физички и три правни лица.
Македонија
Оваа година и православните и католичките верници го слават Велигден на ист ден

Оваа година и православните и католичките верници го слават Велигден на ист ден – 20 април. Ваквото поклопување не се случува често, бидејќи источната и западната црква користат различни календари (јулијански и грегоријански), но годинава датумите се совпаѓаат.
Двата најважни празници во христијанството се Божиќ и Велигден, денот на раѓањето и денот на воскресението на Исус Христос. Датумот на Божиќ е утврден – тоа е 25 декември, и во јулијанскиот и во грегоријанскиот календар.
Велигден, пак, секоја година паѓа на различен датум, што многумина збунува. Иако секогаш се слави во недела, правилата за одредување на датумот на овој празник не се едноставни – тие вклучуваат астрономија, математика и вековна црковна традиција.
По годинашното совпаѓање, догодина православната и римокатоличката црква, повторно различно ќе го слават Велигден. Православните верници Воскресението Христово во 2026 година ќе го одбележат на 12 април, а католичките една недела порано на 5 април.
Последното славење на Велигден на ист ден беше во 2017 година, а следното ќе биде на 16 април 2028.
Македонија
Дел од улиците низ Скопје ќе бидат затворени заради верскиот празник Велигден

По повод верскиот празник „Воскресение Христово-Велигден” од попладне ќе биде воведен посебен сообраќаен режим на одредени сообраќајници во централното градско подрачје и во општините Ѓорче Петров и Аеродром.
Како што соопшти МВР, во периодот од 18 часот во центарот на Скопје по потреба за сообраќај ќе бидат затворени бул.„Партизански Одреди” од крстосницата со ул.„Франклин Рузвелт” до крстосницата со бул.„ВМРО”, бул.„Св.Климент Охридски” од крстосницата со бул.„Илинден” до крстосницата со ул.„Димитрие Чуповски” и ул.„Митрополит Теодосиј Гологанов“ од крстосницата со ул.„9-ти Мај” до кружната крстосница со ул.„Св. Кирил и Методиј”.
На автобусите кои што минуваат преку мостот „Гоце Делчев” по потреба ќе им се менува трасата на движење при што истите ќе се движат по бул.„Илинден” и преку ул.„Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на бул.„Партизански Одреди”, додека автобусите коишто минуваат преку центарот на градот ќе се движат по ул.„М.Т.Гологанов” па преку ул.„Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на бул.„Партизански Одреди”. И во спротивна насока автобусите ќе ги користат истите сообраќајници.
Во општина Ѓорче Петров по потреба за сообраќај ќе се затвори ул.„Македонска Војска“ пред црквата „Свети Петар и Павле“ на потегот од крстосницата со бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“.
Во општина Аеродром по потреба за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон с. Лисиче.
По потреба за сообраќај ќе бидат затворени и други сообраќајници кои гравитираат околу верските објекти.