Македонија
ВМРО-ДПМНЕ бара итна лидерска средба за спорот со името

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ бараат итна лидерска средба, по можност уште во текот на утрешниот ден, на која ќе присуствува и претседателот Ѓорге Иванов, а на која премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Димитров би ги соопштиле деталите и насоките по кои се движат разговорите за името, за да може јавноста да биде информирана но и партиите да заземат став по однос на ново настанатата ситуација.
„Премиерот Заев и владата во континуитет демонстирааат дисонтантни тонови во однос на преговорите за името. Тие на почетокот имаа ставови за непромена на Уставот и задолжително одржување на референдум, но во периодот кој измина гледаме како овие ставови не само што бледнеат туку и истите се напуштаат. Евентуалното постигнување на договор помеѓу Република Македонија и Република Грција би било чин на заеднички компромис, што подразбира и грчката страна да отстапи од некои свои позиции и барања. Но такво чувство не постои, и се чини дека единственото попуштање и ретерирање во ставовите е она од македонска страна. За сето ова единствените информации кои ги има јавноста и партиите се оние кои ги добива од грчките медиуми, и по некој неформален брифинг кој излегува во дел од македонските.
Единствените информации кои ВМРО-ДПМНЕ ги има добиено од владата која ги води преговорите за името се оние добиени на лидерската средба која се одржа во месец јануари оваа година во клубот на пратеници, и билатералната јавна средба меѓу лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ која се случи со почетокот на месец март во просториите на Владата на Република Македонија. Од тогаш до денес, ВМРО-ДПМНЕ не е запознаена со аспектите ниту новите детали од разговорите кои ги води Владата на Заев и грчката страна во преговорите“ изјави Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ.
Имаме дипломатија, вели Јанушев, која се движи по линија на егзибиционизам. Остануваат само позитивните тонови и изјави на Заев, а според неофицијалните информации работите во реалноста се движат во непосакуван правец, оценува тој.
„Јавноста е во исчекување, а граѓаните имаат право да знаат што македонската влада прифаќа уште пред да има официјален договор за тоа, бидејќи за Македонија нема посуштинско прашање од прашањето за името.Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, господинот Христијан Мицкоски ја прекинува својата работна посета на Република Италија и средбите кои што ги имаше со македонската дијаспора и веќе е на пат за Македонија. Потребни се одлуки. Бараме итна лидерска средба која би се случила уште во текот на утрешниот ден, и на која би присуствувал и претседателот на државата господинот Ѓорѓе Иванов, а на која премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Димитров би ги соопштиле деталите и насоките по кои се движат разговорите за името, за да може јавноста да биде информирана но и партиите да заземат став по однос на ново настанатата ситуација“ порача Јанушев.
Тој нагласи дека Зоран Заев иако е премиер, го нема монополот во името на целата држава, власта, опозиција, политички определените или неопределените да одлучува за ова најважно прашање, а евентуалниот договор, да биде ставање на целата држава пред свршен чин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Проектите кои се реализираат не се на ВМРО-ДПМНЕ или на СДС, туку на македонските граѓани, реагира ВМРО-ДПМНЕ

СДС мора да почне да се однесува како сериозна партија, а не како мало дете на кое му ја земале играчката, велат од ВМРО-ДПМНЕ, на обвинувањата од СДСМ дека проектот за изградба на патот Охрид – Св. Наум е нивен.
„СДС мора да прифати дека проектите кои се реализираат, не се во нивна или наша сопственост, туку за граѓаните и за државата.
Исто така, многу е важно да се напомене дека проектите кои се почнуваат мораат и да се завршат. Е сега, разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДС е во тоа што ние кога работиме и остваруваме, се е во временски рок, јавно и транспарентно, а додека пак СДС, ако отпочне некаков проект, тој проект потоа е корумпиран, со тендери договорени во 4 очи, поскапи цени двојно од набавните, класифицирани договори или пак, проекти кои остануваат така да блеат во празно, и никој за ништо да не одговара.
Проекти кои СДС ги има до крај завршено се, проектот за златната виза на Филипче, пари од ископ на јаглен на фирми на Филипче и Заев, проектите за уништување на Македонија, како што беа името, знамето, идентитетот и Уставот, потпишувањето на Преспанскиот и договорот со Бугарија, проектот Француски предлог и многу други проекти слични на овие.
За разлика од нив, ВМРО-ДПМНЕ вистински работи на реализација на проектите, без разлика која Влада ги започнала и ги решава на брз и ефективен начин во интерес на граѓаните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
СДСМ: Мицкоски повторно промовира наш проект, овој пат обновата на патот Охрид – Св. Наум

Проектот за реконструкција на патниот правец во охридскиот регион е започнат од СДСМ уште во август 2023 година, како дел од сеопфатниот план на Владата предводеа од СДСМ за раст и развој на регионот, унапредување на туризмот и подобрување на патната инфраструктура кон граничните премини со соседните земји, велат од СДСМ.
„Средствата за овој проект, во вредност од 11,7 милиони евра, беа обезбедени од буџетот на ЈП за државни патишта и истиот беше планиран, одобрен и започнат од претходната влада на СДСМ со реализација од околу 50%. До летната сезона во 2024 година комплетно се заврши реконструкцијата на патот од Св. Наум до пред селото Пештани и заради туристичката сезона имаше мал прекин на работите. Претходно, во 2019 година беше започната и завршена реконструкција на патот од бензиската Билјанини извори до с. Коњско“, велат од СДСМ.
Дополнително, додаваат од таму, и цела Туристичка како главна магистрална трансверзала во градот во должина од 5,6 км по 60 години беше реконструирана исто така од страна на СДСМ.
„Токму во време на СДСМ беа рехабилитирани и обновени и патните правци кон граничните премини Блаце, Деве Баир, Ќафасан и Меџитлија. Ја поздравуваме довршувањето на проектот, но до кога власта ќе се кити со проекти на СДСМ. Кога ќе промовира Мицкоски некој проект од неговата Влада? Или тоа не може да се случи затоа што таков проект нема“, велат од СДСМ.
Македонија
Пуштен во употреба патот од Охрид до Св. Наум во вредност од 11,7 милиони евра

Денеска го пуштаме во употреба реконструираниот регионален пат од Охрид до Св. Наум- пат кој беше заборавен. Пат кој го заслужуваше Охрид, го заслужуваа граѓаните, туристите. И сега, конечно, го добиваме, изјави премиерот, Христијан Мицкоски.
Информираше дека со инвестиција од 11,7 милиони евра, реконструирани се 24,3 километри современ магистрален пат. Реконструкцијата опфати целосна санација на коловозот, поставување нова на сигнализација, безбедносни огради и проширување каде што теренот дозволуваше. Направени се и заштитни интервенции на ризичните косини- и сето тоа е со една цел: безбедност, сигурност и долготрајност.
„Овој пат, што денес го пуштаме, не поврзува со еден од најголемите духовни и туристички центри на Балканот – манастирскиот комплекс Св. Наум. Тој ги поврзува и сите плажи и туристички капацитети на јужниот дел од Охридското крајбрежје. И не само тоа- тој е и дел од регионалната врска со Република Албанија“, рече Мицкоски.
Според него, Охрид, градот под заштита на УНЕСКО, полека, но сигурно, го добива ликот на посакувана и пристапна европска дестинација.
„Но ова денес не е само пуштање на пат. Ова е уште една потврда за определбата на Владата- да се гради, без многу врева. Без партиски и бизнис спектакли. Со план, со јасна визија и многу работа. Во моментов, паралелно се градат неколку клучни патни правци. Автопатот Кичево- Охрид силно се забрзува, делниците Тетово – Гостивар и Гостивар – Букојчани се активни, а се работи и на подготовка за градба на делницата Букојчани- Кичево. Тоа значи дека целосно го затвораме автопатниот прстен во Западна Македонија. И тука не застануваме“, рече Мицкоски.