Македонија
Дваесет и тригодишно момче од Скопје загина на боиштата во Сирија
Момче од Скопје загина на боиштата во Сирија. Според албанската новинска агенција СОТ, во последните борби во Сирија загинал македонскиот државјанин Е. Исени (23). Истиот извор наведува дека Исени е по потекло од скопското село Арачиново. Агенцијата информира дека веста за загинувањето на боиштата во Сирија е добиена од страна на семејството, според кое Исени на 19-годишна возраст заминал за Сирија.
Притоа не се наведува под која команда бил сега загинатиот скопјанец. Истиот извор додава дека во Сирија и понатаму има голем број Албанци што војуваат на боиштата.

Во борбите во Сирија и Ирак досега загинале дваесетина џихадисти по потекло од Македонија, а претпоставките се дека на страната на Исламската држава се борат околу стотина борци со потекло од повеќе региони во Македонија, како Скопско, Тетовско, Гостиварско, Кичевско, Кумановско, но и други места. Oд летото 2012 година регистрирано е учество на 100-ина македонски државјани на боиштата во Сирија и Ирак, од кои за две и пол години загинале 15 доброволци џихадисти од Македонија борејќи се на страната на терористите на сириските боишта.
Некои од загинатите и активните џихадисти на боиштата на Блискиот Исток заминале од неколку западноевропски земји каде што престојувале по напуштањето на Македонија.
Заминувањето на македонски граѓани во Исламската држава или други џихадистички движења во овие земји првпат било регистрирано во 2012 година, а веќе е феномен што загрижува. Земјата презема мерки за спречување на оваа појава поради што беше донесена стратегијата за борба против тероризмот, беше назначен национален координатор за борба против тероризмот, а беа донесени и измени во Кривичниот законик, со кои се казнува учеството во странски војски и други вооружени групи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

