Македонија
Либералната партија: Впечатокот е дека македонската страна не успеа да обезбеди рамноправен статус во разговорите за името

Во отсуство на официјални информации, а со деталите пренесени од грчките медиуми, се добива впечаток дека во голема мера е излезено од рамката на преговорите за името, реагираат денеска од Либералната партија. Оттаму изразуваат загриженост поради натписите во грчките весници според кои се бара промена на Уставот, името, нацијата, идентитетот, јазикот и историјата и велат дека според тоа македонската страна ни приближно не обезбедила рамноправен статус во разговорите.
„На овој начин резолуциите 817 и 845 и Привремената спогодба, како документи на ОН, се тргнати на страна како да не постојат. Тоа укажува дека надвор од досегашниот тек на решавањето на овој спор Грција наметнала да се бараат нови решенија само врз основа на нејзините интереси. Повеќе од јасно е дека грчките барања за промена на Уставот на РМ фактички ги негираат нашиот национален идентитет и постоењето како посебен народ“, стои во партиското соопштение.
Поради ова, Либералната партија повикува на национален консензус и меѓупартиски договор (власт и опозиција) со цел да се отфрли условот за уставни промени ерга омнес бидејќи, како што велат, е спротивно на Резолуцијата 817 на Советот за безбедност и другите документи на ОН.
„Уставните промени што се навестуваат и ново име ерга омнес е отфрлено уште при усвојувањето на споменатите резолуции и Привремената спогодба од 13 септември 1995 година. Премиерот Заев треба да е свесен за овие факти и треба да води сметка за нив кога ќе разговара со грчкиот премиер Ципрас на 17 мај 2018 во Софија“, предупредуваат од Либералната партија.
Оттаму истакнуваат дека НАТО и ЕУ-интеграцијата се нашиот единствен пат, а постигнувањето одржливо решение засновано на сите досегашни меѓународни документи е од заеднички интерес и на Република Македонија, и на Грција и на членките на овие асоцијации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја денеска делови од Бутел и Аеродром

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.20 до 12.30 часот, дел од корисниците од ул. 1 во населба Радишани. (општина Бутел)
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од ул. Горно Лисиче лоцирани на потегот од Маг Комерц, А-М Стил, Феромонт Инжинеринг кон село Долно Лисиче. (општина Аеродром)
Македонија
Дел од Аеродром денеска без вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на 3-та Македонска Бригада бб, прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на Вива, Метро, Центро, Спорт М и Форд, општина Аеродром.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со повремен локален дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер претежно од северен правец (локално над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен локален дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
До среда ќе се задржи претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд и студени утра. Ќе дува умерен до засилен, а долж Повардарието повремено силен ветер од северозападен правец. Потоа следи период на стабилно и суво со постепен пораст на дневната температура.