Македонија
Арсовски: Над половина милион евра нè чинат советниците на Заев
Премиерот Зоран Заев и криминалниот картел на власт не работат во интерес на граѓаните и државата, туку само за себе и бизнисите на своите блиски. Буџетот и државните институции им служат единствено за задоволување на партиските потреби и исплата на долговите и обврските што ги презеде Зоран Заев пред изборите. Ветуваа намалување на бројот на министерствата, а ја наполнија владата со неспособни, некомпетентни и сомнителни кадри, изјави на прес-конференција Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, Заев го наполни премиерскиот кабинет дури со 56 советници. Како негови советници фигурираа и фигурираат сомнителни лица, лица со криминални досиеја и без ниту еден единствен резултат позади нив. Трагедијата е што сето ова го плаќаат граѓаните. „Кабинетот на Зоран Заев брои 13 посебни советници, 33 надворешни советници и 10 обични советници. Вкупно 56 советници. Ако како просек се земе нето платата која ја имаше Заев договорено со командант Хоџа, кој за своето средно образование требаше да добива 600 евра месечно, тоа значи дека годишно граѓаните од својот џеб плаќаат вкупно за сите 56 советници над 540.000 евра за плати и придонеси. Тука не се вклучени тековните трошоци за советниците за патувања и користење на службени бенефиции кои што исто така директно паѓаат на грбот на граѓаните“, вели тој.
Според Арсовски, над половина милион евра, Заев со парите на граѓаните ги плаќа советниците, од кои најголем дел од нив по ниту еден критериум во нормална Влада не би биле советници на ниту еден премиер.
„Еден од таквите еклатантни примери е Силвио Аврамовски. Човекот е непознат за јавноста, но Заев си го назначил за надворешен соработник за економски прашања и зајакнување на економската соработка со земјите од Кавказ и Блискиот Исток. Во медиумите единствено се појавува како човек кој бил избран за делегат на Конгресот на СДСМ во 2011 година. Врска со Блискиот Исток или Кавказ, никаква. Единствено неговата сопруга Маја Аврамовска Трпевска се јавува како вработена во германска невладина организација која што оперира во градот Тбилиси. Уште позагрижувачка е информацијата која што кружи во јавноста дека Силвио Аврамовски е токму човек кој што има досие во полиција. Затоа, прашуваме дали пред неговиот ангажман како советник на Зоран Заев, Владата го проверила неговото досие? Дали е точно дека против него се водела постапка затоа што во кафеана пукал во припадник на специјалните единици? Дали бил осуден за ова дело, дали одлежал затворска казна или истото дело му е избришано од досието?“, вели Арсовски.
Тој додава дека јавноста мора да знае кого плаќа, колку плаќа и зошто ги плаќа. „Доколку информациите за сомнителното минато и некомпетентноста на советникот Аврамовски се точни, истиот треба уште веднаш да се повлече од функцијата. Зоран Заев ја потценува интелигенцијата на целиот народ. Зоран Заев очигледно си поигрува со граѓаните и ги третира како неинтелигентни. Ова лудило мора да прекине, а овој криминален картел мора да се разбие и уште веднаш да падне.“, вели тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Акција за чистење и уредување на трим-патеката во Кисела Вода
Во рамките на континуираните активности за одржување на јавните површини и унапредување на животната средина, Општина Кисела Вода од утрово спроведува обемна интервенција за чистење, кастрење, косење и подигнување на кабаст отпад долж трим-патеката, на потегот од објектот на Институтот за јавно здравје до спојката со булевар Србија.
За реализација на овие активности се ангажирани 30 сезонски работници. Со цел ефективно и квалитетно извршување на работите, се користи и целокупната опрема на општината: камиони, тримери и телескопски пили.
Со овие интервенции, Општина Кисела Вода продолжува да работи на одржување чиста и уредна животна средина, обезбедувајќи јавни простори кои се функционални и пријатни за рекреација и слободно време на сите граѓани.
Воедно, локалната самоуправа упатува апел до граѓаните за одговорно и совесно однесување, со правилно одлагање на отпадот, со цел заеднички да ја зачуваме чистотата и редот во нашата општина.
Македонија
Зајкова: Срамно е после 18 месеци чекање нов Кривичен законик да добиеме само козметички интервенции на постоечкиот
На вчерашната седница на Собранието, на која се дискутираше усвојувањето на новите измени на Кривичниот законик, претседателката на Либерално-демократската партија и пратеничка, Моника Зајкова, од собраниската говорница порача дека е срамно после 18 месеци замајување на јавноста и на граѓаните дека ќе добиеме целосно нов кривичен законик, денеска да имаме предлог кој што е само уште една козметичка измена.
„Осумнаесет месеци се ветува целосно нов КЗ, се зборува за реформи, за европски стандарди, за правда, а денес пред нас имаме предлог што воопшто не ја менува суштината и воопшто не е нешто поразличен од она што веќе постои. И ова не е реформа и не може да го нарекуваме реформа, ова е чиста козметичка интервенција врз закон кој што безброј пати досега беше сакатен. Не ми е јасно само на кого му одговараше статус квото сите овие месеци? Дали на оние што имаа што да изгубат ако правдата навистина проработи? Можеби им одговараше на некои поранешни или актуелни функционери, на носители на високи функции кои што со години го злоупотребуваат буџетот и јавните ресурси, но сигурно не беше од јавен интерес“, изјави Зајкова.
Според претседателката, ова статус кво им одговара само на оние кои знаат дека со вистински Кривичен законик би се соочиле со реална кривична одговорност. Секој изминат месец со скратени рокови на застареност, значи само уште еден спасен предмет. Зајкова потсети и на предлогот на ЛДП за зголемување на роковите за застареност на кривичните дела, кој што во минатиот собраниски состав беше чуван во фиока под клуч, во овој беше одбиен молчешкум, без аргументи, а во јавноста се прикажуваше дека истото е направено затоа што се чека нов кривичен законик, кој што е даден на мислење во Венецијанската комисија.
„Мене стварно не ми е јасно луѓе, од што се плашите? Ако чесно и одговорно ги вршите функциите во име на граѓаните, како што говорите, зошто се плашите сите од поголеми рокови за застареност? Со измените кои што сте ги предложиле, можеби личи нешто драстично покачена казната, меѓутоа поставувате повторно многу ниски максимални казни за клучните кривични дела, што повторно дава можност за застареност. Во институтот на застареност воопшто и не се интервенира. Повторно се бришат од одговорност службените лица во органите на државната управа, односно министрите нема да одговараат за местење и посредување на тендери. Јавните набавки иако ги има, ќе продолжат да се договараат легално преку распишан тендер со фаворизирање, бидејќи истото не е инкриминирано, а одговорноста ќе се губи низ правните лавиринти што остануваат отворени, оставајќи законски празнини. И ова не е борба против корупцијата. Ова е само менаџирање како повторно да не бидат допрени најмоќните“, посочува претседателката Зајкова.
За спроведување на вистински реформи, Зајкова понуди да го достави и предлог решението на ЛДП, за да се интегрира во новиот кривичен законик или владејачкото мнозинство да го поднесе како нивен предлог, доколку е болно или срамно да се прифати предлог од ЛДП.
„Граѓаните гледаат, паметат и знаат кому точно му служи ова одолговлекување на измените на КЗ. Тоа сигурно не е на правдата, туку веројатно на оние коишто најмногу се плашат од правдата. За волја на вистината, дел од нив и побегнаа, а тука и вас ве гледам како виновни што тоа го дозволивте, иако кога бевте опозиција со години ни ја триевте на глава кои се најголемите криминалци, истите тие што сега се во бегство“, вели Зајкова, додавајќи дека не поддржала, ниту во иднина ќе поддржи закон кој не носи системски измени, но и дека е подготвена да даде целосна поддршка доколку се донесе навистина квалитетен и системски кривичен законик.
“Знам дека тука седат чесни луѓе кои не се плашат од одговорност и дека можеме да донесеме квалитетен системски закон, наместо благи измени“, им порача Зајкова на присутните пратеници.
Македонија
На 108 години почина Рејчел Нахмијас, најстарата битолчанка која се спаси од Холокаустот
На 108-годишна возраст почина Рејчел Нахмијас, најстарата битолчанка и најстарата жива Еврејка по потекло од Битола, која го преживеа Холокаустот и до крајот на животот верно го чуваше споменот на битолските Евреи, јави битолската „Тера“.
Рејчел Нахмијас е родена во 1917 година во Битола. Во 1943 година се спасила од депортација во нацистичките концентрациони логори, откако била сокриена во багажникот од автомобилот на тогашниот албански конзул во Битола. Благодарение на овој чин, таа успеала да го спаси животот.
Во тој период имала 26 години, а нејзините спасувачи ја однеле во Албанија, каде што ја поминала Втората светска војна. Со албанското семејство кое ѝ помогнало живеела до 1950 година, по што се преселила во Бостон, Соединетите Американски Држави.
Веста за нејзината смрт ја соопшти нејзината внука, познатата пејачка Сара Ароесте, која често престојувала во Битола и со голема посветеност го негува споменот на своето семејство и на еврејската заедница која некогаш живеела на Широк сокак.
Во објава на Фејсбук, Ароесте напиша:
„Со длабока тага објавувам дека овој викенд почина мојата херојска драга роднина Рејчел, на неверојатни 108 години. Рејчел е родена во 1917 година во Битолско. Таа била сведок на толку многу работи во својот неверојатен живот. Како единствена преживеана од нејзиното семејство по Холокаустот таа беше инспирација за сите што ја познаваа. Оваа фотографија е направена пред само 3 месеци кога таа сè уште беше целосно активна и споделуваше приказни и песни со мене. Има уште многу што да се сподели за мојата Рејчел која беше вистински благослов за овој свет.“
Рејчел Нахмијас останува симбол на преживување, човечка храброст и жив сведок на трагичната судбина на битолските Евреи.

