Македонија
Мицкоски на ручек со коалиционите партнери, бараат лидерска средба и детали за разговорите за името

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска оствари работен ручек со претседателите и претставниците на политичките партии од коалицијата за Подобра Македонија, соопшти партискиот Центар за комуникации.
На средбата станало збор за актуелната политичка и економска состојба, како и процесотот за изнаоѓање решение за името со кое раководи Владата.
„Заедничка беше согласноста дека Владата не споделува информации и процесот на преговори за името го води на максимално нетранспарентен начин што дава впечаток дека се крие нешто од очите на јавноста. Токму затоа произлегува потребата од лидерска средба на која премиерот и министерот за надворешни работи би информирале за детали околу разговорите за името. Воедно беше постигната и заедничка согласност дека премиерот и владата нема монопол над носењето решение за вакво чувствително прашање кое ги засега сите граѓани на Република Македонија“, заклучила коалицијата.
На средбата била изразена и загриженост за економската состојба која сметаат дека постојано се влошува и изневерените очекувања на граѓаните. Како што соопшти Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, коалициските партнери изразиле и загриженост за, како што велат, политичкиот терор кој го практикува власта, базиран на страв и владеење со уцени и заплашувања. Додаваат дека нема ниту напредок на патот кон Европската Унија и НАТО наспроти ветувањата на Владата за откочување на процесите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова-Саид Ал-Хајарин: Единството на малите и средни држави може да биде важен фактор во обликувањето на глобалната политика

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Рашид бин Саид Ал-Хајарин, вршител на должност во aмбасадата на државата Катар во Скопје.
На средбата беа разменети мислења за севкупниот развој на билатералните односи, при што Сиљановска-Давкова изрази подготвеност и отвореност за нивно зајакнување и унапредување. Според неа, единството на малите и средни држави може да биде важен фактор во обликувањето на глобалната политика.
Одбележувањето на три децении дипломатски односи следната година, според претседателката, е добра можност за интензивирање на контактите на највисоко политичко ниво, со очекувано позитивно влијание врз развојот на односите во енергетиката, градежништвото, земјоделството, образованието, културата, науката и туризмот.
Сиљановска-Давкова го истакна интересот за унапредување на економската и трговската соработка и ја посочи отвореноста за директни инвестиции од Катар. Таа изрази очекување за наше вклучување во проектот за извоз на природен гас од Катар, како и за повторно воспоставување на директна авионска линија Скопје-Доха.
Соговорниците разменија мислења и за состојбите на Блискиот Исток, при што се истакна важната улога којашто Катар ја има во напорите за обезбедување мир и стабилност во регионот.
На претседателката Сиљановска-Давкова и беше врачена покана од неговото височество шеик Тамим Бин Хамад Ал-Тани, емир на Државата Катар, за учество на Вториот светски самит за социјален развој што ќе се одржи во Доха во ноември, клучна платформа за глобален дијалог и соработка за општествен напредок во време на растечки нееднаквости, демографски промени и брза технолошка трансформација.
Македонија
До 15 септември сите службени возила ќе имаат таблици во боја

Сите државни институции и јавни правни лица имаат обврска најдоцна до 15 септември 2025 година да ги заменат регистарските таблици на службените возила со нови, специјални таблици во боја. Оваа одлука е донесена на денешната владина седница, по иницијатива на директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски.
Од СОЗР појаснуваат дека целта на оваа мерка е зголемување на транспарентноста, отчетноста и воспоставување контрола во користењето на службените возила.
Обележувањето на возилата ќе овозможи граѓаните лесно да ги разликуваат од приватните, со што ќе се спречи нивна злоупотреба за лични, приватни или партиски цели.
Во наредниот период ќе биде отворена и телефонска линија на која граѓаните ќе можат да пријавуваат неправилна употреба на службените автомобили. Секоја пријава ќе биде евидентирана и ќе се постапува согласно законските процедури.
Во завршна фаза е и изготвувањето на централен регистар за сите службени возила, кој ќе обезбеди дополнителна контрола и увид во нивното користење.
Македонија
Со 71 глас „за“, изгласана интерпелација на државниот обвинител Љупчо Коцевски

Собранието денес ја изгласа интерпелацијата на државниот обвинител Љупчо Коцевски, поднесена од партијата „Левица“. Со 71 глас „за“, без воздржани и без гласови против, Собранието констатира дека наводите во интерпелацијата се основани.
Партијата Левица ја поднесе интерпелацијата минатиот месец поради селективност во истрагата за пожарот во Кочани, политичко влијание во работата на Обвинителството, функционален хаос во Вишото јавно обвинителство Скопје и непостапување по службена должност за дивоградбите во Скопје.
Пред почетокот на седницата, на прес-конференција, пратеникот од СДСМ, Јован Митрески кажа дека партијата нема да учествува во гласањето оти интерпелацијата за јавниот обвинител, Љупчо Коцевски, нема правни последици туку дека е негова одлука дали ќе остане на функцијата. Митрески нагласи дека како пратеничката група на СДСМ и Коалицијата останува на принципиелниот став дека јавното обвинителство мора да биде независно, ослободено од политичко влијание и притисок и сите одлуки мора да се по словото на законот и никако поинакви.