Македонија
Манчевски: Регионална координација за дигитална трансформација
Потребна е регионална координација за дигитална трансформација, изјави министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, при обраќање на шестата Меѓународна регулаторна конференција, која се одржува во Охрид во организација на Агенцијата за електронски комуникации.
Манчевски се осврна на активностите што во моментот ги презема МИОА во областа на информатичко-комуникациските технологии.
„Македонија многу бргу ќе ја усвои стратегијата за широкопојасен интернет, како и националната стратегија за сајбер-безбедност. Веќе во октомври ќе ја презентираме и новата долгорочна ИКТ-стратегија. Во соработка со АЕК ги мапиравме белите зони, каде што дополнително ќе инвестираме. За реализација на овие активности имаме силна поддршка од ЕУ како наш стратешки партнер за дигитална трансформација. Граѓаните набргу ќе ги осетат придобивките од ова партнерство. Како што заклучивме и на првиот Дигитален самит за земјите од Западен Балкан, ЕУ ќе го намали роамингот за земјите од регионот. Дополнително, сите шест економии постигнаа согласност за мерката роаминг како дома за своите граѓани кога патуваат во регионот. За ова имаме голема поддршка од еврокомесарката Марија Габриел“, информира министерот Манчевски.
Како што истакна министерот, од особена важност е што и регулаторните агенции се свесни дека сега е вистинско време за рагионална соработка и координирана акција за дигитализација.
„Целта е да им обезбедиме на граѓаните ефикасни, брзи и евтини услуги. Денес, полесно е да ги донесеме услугите до граѓаните, а не граѓаните до услугите. Тоа можеме да го направиме со помош на технологијата. Ова е многу важно за нас, особено затоа што оваа година ќе го ставиме во функција националниот портал за е-услуги, порталот за отворени податоци, а ќе го претставиме и проектот за електронски идентитет на граѓаните“, посочи министерот.
Како што заклучи Манчевски, за целосна дигитализација на Македонија, потребно е вклучување на сите засегнати страни во државата, но и тесна соработка со земјите од регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

