Македонија
Јанушев: Заев да не бега од лидерска средба и итно да каже што се случува во преговорите за името
Трет ден имаме молк од Владата и премиерот Заев на повикот за итна лидерска средба на која ќе се разговара за деталите и тековите на најважното прашање за граѓаните на Република Македонија – прашањето за името, рече денеска генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, на прес-конференција.
Тој истакна дека единствените информации со кои располага македонската јавност се оние од грчките медиуми.
„Дополнително, на ова претходеше еден процес на ретерирање во изјавите на премиерот и владините претставници за прашањето за организирање референдум и непромена на Уставот, што само ги зголемува дилемите дека работите се движат во непосакуван правец за Република Македонија“, нагласи Јанушев.
Според него, во една ваква ситуација нормално е да се јави дилема во јавноста што крие премиерот и доколку има некаков договор, кои се деталите за него.
„Јавноста, граѓаните и сите Македонци имаат право да ја знаат вистината. Прашањето за името не е суверено право на Заев и тој не смее да се однесува како да има монопол кон него. Господине Заев, излезете јавно и кажете што се преговара и што е она што следува. Целата оваа ситуација личи на процес во кој Македонија ја ставате пред свршен чин. Дали решението што го договарате или веќе сте го договориле значи капитулација на Република Македонија“, јавно запраша Јанушев.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека нема ниту една причина да не се одржи итна лидерска средба и рече дека власта се плетка во сопствените лаги и лажни надежи создадени за народот.
„Кажаа дека претседателот Иванов не е тука, а претседателот на државата е тука. Кажаа дека проблем бил терминот на одржување на средбата, а досега на лидерите воопшто не им се јавиле за можен термин. Обврска на Владата е да бара консензус за вакви историски прашања, а не да се крие и да се дознаваат информации од грчки медиуми за она што грчката влада го сервира во медиумите. Од авион се гледа дека лошо поставената надворешна политика, базирана на трговија со нешто што не е само на Владата, доживува колапс. Овој народ, овие граѓани, Владата треба да ги гледа како сојузник, а не како непријател. Името на државата не е фамилијарно наследство на луѓето од власта за вака неодговорно да се однесуваат“, истакна Јанушев на прес-конференцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ против работниците
„Пратениците на тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ застана против работниците, одбија зголемување на минималната плата на 600 евра и не гласаа за Законот на СДСМ. Се потврди она што го говори СДСМ цело време. За ВМРО-ОКГ/ЗНАМ важни се само криминалните тендери и луксузирањето а работниците и граѓаните се неважни“, соопшти СДСМ.
„Има пари за нивните 161 тендер за една фирма, за 51 тендер за друга, има пари за 74 тендери за трета, има пари за 1,2 милиони евра за фирмата блиска до ЗНАМ преку Пошта.
Нема пари за работниците, има само за луксузирање и криминални тендери.
Владата на Мицкоски постојано се задолжува, пари обезбедуваат врз грбот на народот ама за криминални тендери а не сакаат да обезбедат пари за плати за работниците.
Одбивањето на законот е директен удар врз животниот стандард на граѓаните и на над 200 илјади работници. Во услови кога синдикалната кошничка надминува 67.000 денари, кога храната, струјата и основните трошоци растат од месец во месец, ВМРО-ОКГ ги изневери работниците.
СДСМ понуди реално и одржливо решение – со ребаланс на Буџетот и пренамена на пари од луксузи, како мебел, коли, авион, да се обезбедат пари за 600 евра плата, како што заслужуваат работниците.
СДСМ нема да се откаже. Ќе продолжиме да се бориме за поголеми плати, за работниците, за граѓаните“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај во официјална посета на Македонија
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, утре, 27 февруари 2026 година, петок, ќе биде домаќинка на претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, кој ќе престојува во официјална посета на земјава.
Албанскиот претседател ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следи тет-а-тет средба на претседателите, а потоа и пленарен состанок на македонската и албанската делегација.
Во рамки на официјалната посета, претседателот на Република Албанија ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Македонија
„Зошто Тренчевска и СДС го штитат Артан Груби и дали поранешните функционери на СДС се исплашени од неговите искази“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Соработката и партнерството на СДС со екс вицепремиерот Артан Груби излезе на површина. СДС со години молчеа и го толерираа милионскиот криминал на Груби се со цел да останат ден повеќе на власт и да не им се растури коалицијата со ДУИ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Милионски криминали и злоупотреби се случувале во Државна лотарија под покровителство на СДС и ДУИ. По апсењето на Артан Груби, СДС се во целосна конфузија и нервоза пoради стравот од сведочењето на Груби и евентуалните искази што би можело да допрат и до поранешни високи функционери на СДС.
Изјавата на потпретседателката на СДС, Јованка Тренчевска, дека одлуките на Владата биле колективни и дека доколку се утврди вина „сите треба да одговараат“, отвора сериозни прашања. Дали ова претставува индиректно признавање на одговорност? Дали станува збор за обид за релативизирање на индивидуалната вина?
Дали СДС застанува во одбрана на Артан Груби и дали раководството на партијата е подготвено да понесе колективна одговорност за одлуките донесени во време на нивното владеење?
Јавноста има право да знае. Дали СДС го брани Груби во врска со наводите за штета од над 8 милиони евра врз државниот буџет?
Дали поранешните функционери се подготвени да застанат пред органите на прогонот и да ја докажат својата невиност?
Зошто по отворањето на случајот се менуваат ставовите и реториката?
Очекуваме надлежните институции да постапуваат професионално, транспарентно и без селективност. Одговорност мора да има, без разлика на функција, партиска припадност или политичко влијание.
Граѓаните заслужуваат правда, отчетност и целосна транспарентност“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

