Македонија
Акциски план за подобрување на состојбата со општинската патна инфраструктура

На предлог на Министерството за транспорт и врски, Владата на денешната седница ја разгледа и ја усвои Информацијата за потребата од подобрување на состојбата на општинската патна мрежа. За таа цел Владата задолжи повеќе институции меѓу кои и Јавното претпријатие за државни патишта да изготви детална анализа и преглед на рехабилитирани општински патишта со помош на средствата од заеми, одобрени за таа намена. Исто така ќе се изготви и преглед на годишните износи на финансиските дотации до единиците на локална самоуправа наменети за одржување на општинските патишта за последните десет години.
На седницата задолженија добија и ЗЕЛС во соработка со општините и Министерството за локална самоуправа да изготват анализа на состојбата со општинските патишта и преглед на општински патишта во лоша и многу лоша состојба, во кој ќе вклучат приоритети. По добивањето на овие анализи Министерството за транспорт и врски ќе достави акциски план за подобрување на состојбата на општинската патна мрежа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Влен“: Историска инвестиција од 6,74 милиони долари за заштита на животната средина

„Климатските промени не чекаат. Земјиштата се деградираат, шумите исчезнуваат, биодиверзитетот е во опасност. Соочен со овие предизвици, „Влен“ не седи со скрстени раце. За прв пат, Министерството за животна средина и просторно планирање, предводено од Изет Меџити, успеа да обезбеди нов договор за соработка со УНДП, во рамките на 8-та фаза од проектите на GEF, со вкупен буџет од 6,74 милиони американски долари“, известув „Влен“.
„Овој фонд наменет за животната средина е поделен на: 1 милион долари за управување со влијанијата од климатските промени, 3 милиони долари за заштита на биодиверзитетот, 2,74 милиони долари за санација на оштетените земјишта и запирање на уништувањето на шумите.
Со овој договор, „Влен“ покажува дека кога постои политичка волја и јасна визија, ветувањата се трансформираат во конкретни проекти, а плановите во опипливи резултати. УНДП останува сигурен и долгорочен партнер во оваа заедничка мисија. Но, пред сè, нашата посветеност како институции е таа што прави разлика.
Времето за дејствување не е утре. Денес е. „Влен“ избра да биде дел од решението, со работа, со идеи и со резултати што зборуваат сами за себе“, се наведува во соопштението на „Влен“.
Македонија
(Видео) „Фирмата и сопругата на Салтировски донатори на ВМРО-ДПМНЕ, ете зошто власта ги штити“, вели Кузеска

„Македонија се соочува со најголемата измама и обид за затскривање на вистината за најголемата трагедија која се случи во поновата македонска историја. Од денес станува јасно дека ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски немаат никаква намера да работат во корист на правдата, ниту пак на крај памет им доаѓа да спроведат неселективна правда“, кажа Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
„Согласно јавно достапните податоци на Заводот за ревизија во списокот на донатори на политичките партии, како донатор на ВМРО-ДПМНЕ во кампањите во 2020, 2021 и 2024 година се сретнува компанијата „Салтировски Консалтинг“ ДООЕЛ увоз-извоз Делчево.
Фирма чиј сопственик е сопругата на началникот на СВР Штип Дејан Салтировски, Анита Салтировска.
Освен донации од фирмата „Салтировски Консалтинг“ ДООЕЛ увоз-извоз Делчево на списокот на донатори може да се најде и името на сопругата на началникот на СВР Штип Дејан Салтировски, Анита која освен донации преку компанијата, вршела уплата на донации и од свое лично име.
Она што ВМРО-ДПМНЕ треба да го одговори на Македонската јавност е дали „Салтировски Консалтинг“, сопственост на сопругата на началникот на СВР Штип служела како фирма параван за прибирање на рекет од локалите кои биле изоставени од контрола на полицијата – како што бил примерот со дискотеката „Пулс“?
Дали оваа компанија водела фиктивно сметководство за компаниите „Класик“ ДООЕЛ и „ММММ“ Дооел кои управувале со дискотеката „Пулс“ на газда Деко?
Дали со транши од Деко на „Салтировски консалтинг“ ДООЕЛ од Делчево се исплаќал договорениот паушал за полициска заштита на „Пулс“? Дали „Салтировски Консалтинг“ ДООЕЛ била вмешана и во скандалот „Делчевски Ниви“ кој магично исчезна од судските процеси?
Конечно, дали овие пари од Деко завршувале за финансирање на кампањите на ВМРО-ДПМНЕ?
Македонија нема никаква надеж за неселективна правда, бидејќи ако навистина се тргнат канџите на Мицкоски од Обвинителството, одговорноста за работењето на дискотеката „Пулс“ ќе укаже директно на највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски треба да објасни, до кога мисли да врши притисок врз обвинителите со надеж дека ќе ја сокрие вистината.
За крајот, да го потсетиме на една мудрост на неговиот претходник ‘вистината е како шило, врти, врти и на крајот ќе излезе’“, изјави Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
Македонија
Началникот на Генералштабот на Армијата на конференција за копнено војување во Лондон

Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, во Лондон денеска се сретна со заменик началникот на Генералштабот за одбрана, воздухопловниот маршал Харви Смит со кого разговараше за моменталната безбедносна состојба во регионот, Европа и пошироко.
Генералот Лафчиски и маршалот Смит разговараа и за развојот на соработката на вооружените сили на двете држави, развојот на регионалните планови на НАТО, учеството на Армијата во мисиите на НАТО во, Романија, Бугарија и на Косово како и придонесот на Армијата во ЕУ операцијата Алтеа во Босна и Херцеговина. Соговорниците разговараа и за новиот Стратегиски одбранбен преглед на Обединетото Кралство, како и потребата од ажурирање на овој значаен документ во нашата земја, имајќи ги предвид британските искуства.
Во рамки на посетата на Лондон, генералот Лафчиски учествува на дводневната Конференција за копнено војување, каде свое излагање имаа претставници од високиот воен и политички врв на Обединетото Кралство, како и претставници на академската заедница, одбранбената индустрија и банкарскиот систем.
За време на Конференцијата, генералот Лафчиски се сретна со началникот на Генералштабот на Армијата на Обединетото Кралство, генерал Сер Роберт Вокер со кого разговараше за проширување на соработката на двете армии, исполнувањето на новите НАТО Цели на способности, користењето на капацитетите на армискиот полигон „Криволак“ и реализацијата на заедничка обука и вежби.