Забава
(Видео) Невин Американец ослободен по 17 години минати во затвор, неговата реакција ги погоди сите во судницата
Џон Бан, 41-годишен Афроамериканец, беше ослободен по 17 години минати во затвор за убиство на полицаец кое тој не го извршил, односно бил наместен од страна на корумпиран детектив од Њујорк.
Во моментот полн со емоции кога судијката ја прочита неговата ослободителна пресуда во судот во Бруклин, Бан заплака, ја фати судијката за рацете и ја наведна главата во знак на благодарност, а во судницата одекна аплауз.
„Сакам да ви кажам благодарам, судијке, бидејќи јас 27 години се борев за својот живот“, рече Бан преплавен од емоции. Потоа се сврте кон обвинителите и со солзи во очите им рече: „Сакам да знаете дека осудивте и во затвор испративте погрешен човек“.
Бан во затвор минал цели 17 години, а бил условно ослободен во 2009 година, пренесува „Њујорк дејли њуз“. Тој бил уапсен и обвинет во 1991 година на 14 години под образложение дека заедно со друг тинејџер, со име Роузен Харгрејв, ги натерал полицајците Роланд Најшер и Роберт Кросон да излезат од автомобил под закана со пиштол по што Најшер бил застрелан, а двајцата сторители побегнале со украдениот автомобил.
„Денеска, јас сум многу повеќе од емотивна. Во тоа време вие сте имале 14 години. Ова никогаш не смеело да се случи“, рече судијката Шавандја Симпсон.
Според тврдењата на адвокатите на Бан во текот на судењето, обвинението против нивниот клиент било проблематично уште од самиот почеток: на местото на настанот не биле пронајдени отпечатоци од Бан и Харгрејв, а преживеаниот полицаец во еден момент ги опишал сторителите како белци на возраст од 20 години. Адвокатот Глен Гарбер тие проблеми ги оценил како очигледни и додал дека немало валидна причина за апсење на неговиот клиент, кој во случајот бил наместен.
Харгрејв, кој денеска има 44 години, исто така бил ослободен. Инаку, за осуда на овие двајца невини луѓе главен виновник е пензионираниот њујоршки детектив Луис Скарчела за кој подоцна било откриено дека со години користел нефер методи во истрагата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
Мајка ѝ е кралица нa „Ноќта на вештерките“, но и Лени Клум воодушеви со својот костим
На годинешната забава на Хајди Клум за „Ноќта на вештерките“ во Њујорк, во центарот на вниманието беше нејзината ќерка Лени Клум, која со креативниот костим го привлече вниманието на сите.
Дваесет и едногодишната манекенка се претстави како ликот Камил Крим од детската книга „Необичниот случај со пругите“. и го обои целото тело во шарени пруги – еден од највпечатливите костими на вечерта.
Хајди Клум се појави како Медуза, нејзиниот сопруг Том Каулиц како сребрен витез, а неговиот брат близнак Бил Каулиц како Сејлор Мун. На забавата присуствуваа и останатите деца на Клум од бракот со Сил.
Забава
Љубов до 5 ноември: неколку хороскопски знаци ќе блеснат во романса
Астролозите предвидуваат дека до 5 ноември четири хороскопски знаци ќе уживаат во љубовна хармонија, благодарение на Венера во знакот на Вага – планетата на љубовта, убавината и рамнотежата.
Вага – Ѕвезда на сезоната: привлекува љубов, пари и успех. Зафатените Ваги ја продлабочуваат врската, а слободните можат да доживеат неочекувана романтична средба.
Овен – Венера носи нова љубов или обновување на старата. Можно е заеднички живот или веридба.
Близнаци – Период на емоции, страст и инспирација. Романтиката се меша со креативноста, но треба да внимаваат да не идеализираат нови луѓе.
Водолија – Конечно мир и длабока поврзаност. Привлекуваат искрени и интелигентни партнери, а некои можат да ја пронајдат својата сродна душа.
Забава
Никогаш не е доцна за љубов, вели новиот партнер на Џенифер Анистон
Новиот партнер на Џенифер Анистон, Џим Кертис, изјави дека никогаш не е доцна да се најде љубов, пренесе „Пипл“.
На прашање како да се пронајде љубов по 40-тата година, Кертис одговорил дека тоа се прави исто како и на 22 или 32 години – но со повеќе самодоверба, искуство и автентичност.
„Прво сакајте се себеси и знајте дека сте во совршени години“, рекол тој, додавајќи дека „животот не завршува на 42“.
Кертис и Анистон првпат биле видени заедно во јули, а потоа и на премиерата на новата сезона на серијата The Morning Show и на заедничка вечера со актерот Џејсон Бејтман и неговата сопруга. Според извор за „Пипл“, „тие повремено излегуваат и уживаат во дружењето“.

