Македонија
Здружението на судиите не е задоволно од законските измени за одговорност и разрешување судии
																								
												
												
											Последните измени и дополнувањата на Законот за судовите и Законот за Судскиот совет не ги исполнија очекувањата на судите, а во насока на ефективно реформирање на овој сектор, особено измените и дополнувањата што ги регулираат статусните прашања, односно дисциплинската одговорност на судиите и основите за разрешување. Ова е ставот на Здружението на судиите на РМ по одржаната седница на Управниот одбор на 15 мај.
Управниот одбор на ЗСРМ смета дека овие измени не се во корелација со стратегијата за реформа на правосудниот сектор за период 2017 – 2022 година и изразената определбата за реален инклузивен пристап на судиите во овој процес. Во тој контекст Управниот одбор на Здружението на судиите ги повикува и охрабрува Владата и опозицијата да преземат законодавни активности кои во прв план ќе ги стават интересите на судиите, притоа креирајќи стабилни решенија што ќе ја гарантираат судската независност и самостојност, а со цел обезбедување квалитетна и ефикасна правда за сите граѓани.
Управниот одбор на ЗСРМ ја поздравува посветеноста на парламентарното мнозинство и на опозицијата да работат заедно на реформската агенда во правосудниот сектор, но смета дека за нив приоритетни треба да бидат определбите за независно и самостојно судство преку креирање стабилни механизми што ќе ја гарантираат, притоа почитувајќи ги определбите на судиите изразени во повеќе документи доставени до Владата и другите фактори на овој процес.
Тргнувајки од акциониот план за имплементација на стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017 – 2022 година, а притоа имајќи ја предвид целокупната проекција, односно поставеноста на овој процес, Управниот одбор на ЗСРМ изразува надеж дека идните активности ќе го рефлектираат реалниот инклузивен пристап на судиите, со видлив партиципативен ефект во креирањето на законската регулатива.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
																	
																															Македонија
Воведена нова процедура на Клиниката за кардиологија, пациентите со сложени срцеви аритмии повеќе нема да бидат упатувани во странство
														Министерот за здравство, Азир Алиу денеска ја посети Универзитетската клиника за кардиологија, по повод извршената прва аблација за коморна тахикардија во нашата држава.
„Со воведувањето на новата процедура на Клиниката за кардиологија, овозможуваме пациентите со сложени срцеви аритмии да бидат згрижени и соодветно третирани во оваа врвна терциерна установа, без да има потреба да бидат упатувани во странство. Тимот од оваа клиника покажа дека во македонското здравство постои знаење, храброст и визија за врвни резултати. Ова е голем чекор напред за нашето здравство и потврда дека инвестицијата во знаење, технологија и човечки потенцијал овозможува врвни резултати“, истакна министерот Алиу при посетата.
Директорката на Клиниката за кардиологија, Даница Петкоска Спирова изрази благодарност до целиот тим за посветеноста во работата и грижата за пациентите со кардиолошки заболувања.
„Министерството за здравство продолжува со поддршка на иницијативите за воведување нови процедури и методи во јавните здравствени установи, со цел унапредување на третманот на пациентите на сите нивоа на здравствена заштита“, порача министерот Алиу.
Македонија
Љутков ќе се обрати на 43 сесија на Генералната конференција на УНЕСКО
														Министерот за култура и туризам Зоран Љутков ја предводи македонската делегација на 43. сесија на Генералната конференција на УНЕСКО што од 30 октомври до 13 ноември се одржува во Самарканд, Република Узбекистан.
Љутков утре (5 ноември) во Конгресниот центар „Патот на свилата“ во Самарканд ќе се обрати на дебатата посветена на генералните политики на Организацијата, на која учествуваат министри и претставници од земјите членки на УНЕСКО.
На Генералната конференција учествуваат претставници од над 200 земји и меѓународни организации. За време на двонеделното заседание ќе бидат усвоени значајни документи што ги одредуваат буџетот и програмата за работа на УНЕСКО за следниот период, а државите членки ќе изберат и членови на извршниот одбор. Се очекува во текот на Конференцијата да биде именуван и нов директор на Организацијата.
Одржувањето на Конференцијата во Самарканд е од особено значење бидејќи за првпат по повеќе од четири децении Генералната конференција на УНЕСКО се одржува надвор од седиштето на Организацијата во Париз.
Учеството на овој меѓународен собир, во кој Република Македонија е полноправна членка од 28 јуни 1993 година, ја потврдува континуираната посветеност на земјава кон целите и вредностите на УНЕСКО, а претставува и можност за унапредување на видливоста на македонската култура на глобално ниво.
Македонија
Утре без вода дел од скопски Центар
														Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( среда ) поради дефект во шахта од ф – ¾ на ул. Ацо Караманов бр. 10, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат дел од корисниците од ул. Ацо Караманов, како и објектот на Американската Резиденција. ( општина Центар )

