Македонија
(Видео) Неждет Мустафа: Со влегувањето во Владата, Амди Бајрам доби политичка аболиција
Лидерот на Обединетата партија за еманципација на Ромите (ОПЕР), Неждет Мустафа, денеска на прес-конференција во општина Шуто Оризари го изрази незадоволството по одлуката Амди Бајрам со неговата партија Сојузот на Ромите од Македонија (СРМ) да влезе во владината коалиција.
Притоа Мустафа истакана дека со вчерашната појава Амди Бајрам признал дека самиот тој е промотор на поткупување на ромските гласови. Додаде и дека Бајрам 20 години со блеф го претставува ромскиот народ на политичката сцена во Македонија.
„На кој начин влегува Амди Бајрам и кој е неговиот интерес по секоја цена да биде дел од владината коалиција“, јавно запраша Мустафа. Потоа констатира дека Бајрам не може да живее без власта и кажа дека веднаш по договорот со СДСМ, сите деца на Бајрам што биле во странство се вратиле во Македонија.
Претседателот на Обединетата партија за еманципација на Ромите исто така истакна дека со влегувањето на Бајрам во Владата практично се прави негова политичка аболиција.
„Сакаме да докажеме дека тој речиси на секои локални избори во Шуто Оризари е губитник. На последните избори се докажа дека тој тука е соголен и дека своето членство го задржува само со режим. Свесен е дека ако не е во коалиција, ако не е во власта, нема партија“, истакна Мустафа.
На новинарско прашање дали ОПЕР е подготвена да го изрази незадоволството со тоа што ќе ја напушти коалицијата со СДСМ, Мустафа не ја исклучи таквата можност и одговори дека за тоа ќе одлучат органите не партијата. Најави и дека можно е партијата да го демонстрира незадоволството со улични протести во целата држава.
Покрај Неждет Мустафа, на денешната прес-конференција присуствуваа и Миљазим Сакип од Демократската партија на Ромите, како и градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, кој рече дека верува во правната држава и сака да му порача на Бајрам оти се излажал ако мисли дека ќе влезе во коалиција за да се спаси себеси и своето семејство да не бидат гонети за криминалите што им биле откриени во изминатите месеци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

