Македонија
Демократска фракција: ВМРО-ДПМНЕ не е создадена за да биде адвокат на ѓаволите
Во овие историски моменти кога се одлучува за името, идентитетот и идината на нашата држава, како Демократска фракција на ВМРО-ДПМНЕ не можеме да се начудиме како новото наметнато партиско раководство на ДПМНЕ, на чело со Христијан Мицкоски, се обидува со банални и контрапродуктивни прес-конференции да го дезавуира вниманието на граѓаните и да ги игнорира приоритетите на државата и нацијата. Недозволиво е, па макар тоа било и под диригентска палка на наметнат лидер, ВМРО-ДПМНЕ и понатаму да се обезличува и да биде во служба и заштита на обвинетите партиски криминални структури наместо во служба и заштита на државните и националните итереси. Партијата не смее и понатаму да се става во улога на заложник за нечиј спас за да на крајот членството и сите граѓани ги платат сите нивни цехови и гревови, се вели во сооптштението на ВМРО-ДПМНЕ – Демократска фракција.
„Господине Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ не е создадена и градена да биде адвокат на ѓаволите и заштитник на оние што за лични и лукративни цели го осиромашиле македонскиот граѓанин и го довеле на работ на опстанокот. Приоритет на една државотворна партија како ВМРО-ДПМНЕ не е заштита, уцена, пазарење и притисок врз судството за ослободување сторители на кривични дела. Законите и правдата во оваа држава мора да важат еднакво за сите, без разлика на партиската, етничката, верската и каква било друга припадност. Криминалните и квазипатриотски структури, кои и понатаму ја обезличувааат и девалвираат партијата, итно мора да станат минато за ВМРО-ДПМНЕ“, се вели во соопштението.
За ВМРО-ДПМНЕ – Демократска фракција, сè додека наметнато раководство на партијата, анатемисаните членови на ИК, како и новоназначените невмровски и некадарни претседатели на ОК се во длабока закрила и под стегите на поранешните партиски функционери, сè дотогаш партијата ќе биде основ и цел за постмев од довчерашни и сегашни партиски коалициони партнери и некредибилен европски партнер.
„ВМРО-ДПМНЕ не смее и понатаму да глуми фиктивна опозиција и да се занимава со тривијални работи. Водењето недоследна партиска политика, распната помеѓу реалноста и фикцијата, безидејноста и импровизацијата и немањето капацитет и храброст да се биде самостоен наспроти внатрешниот и надворешниот притисок, се причини што и во иднина ќе ја дообезличуваат и руинираат партијата. Потребно е итно да се изградат и промовираат конкретни препознатливи ставови, принципи, идеологија и политика во интерес на државата и нацијата и за најкус можен рок со ново и демократско избрано раководство од членството партијата да се врати како победник на политичката сцена“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ – Демократска фракција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Времето утре – сончево со мала до умерена облачност, максималната температура до 10 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -10 до -3, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, сончево и тивко со умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
До петок ќе се задржи стабилно и суво време со услови за појава на утринска магла по котлините. Температурите ќе бидат во постепен благ пораст. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност со услови за слаби локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање
Македонија
Сиљановска-Давкова прими претставници на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и на Центарот за еколошка демократија ФЛОРОЗОН
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими претставници на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и на Центарот за еколошка демократија ФЛОРОЗОН, со коишто разговараше за актуелните предизвици во областа на заштитата на животната средина.
Претставниците на двете организации ги изнесоа своите согледувања и препораки со посебен акцент на еколошката правда, превенцијата од еколошки штети, заштитата на природните ресурси и усогласувањето со европското право.

Според Сиљановска-Давкова заштитата на животната средина треба да биде клучен приоритет, а соработката меѓу институциите, граѓанските организации и стручната јавност е од суштинско значење за креирање одржливи и ефикасни политики. Таа укажа дека вклученоста на овие организации во креирањето на законските решенија треба да биде институционализирана, преку нивно учество во комисиските тела во Собранието и во Владата.
Именувањето на експертот од областа на метеорологијата и климатските промени, проф. д-р Спиридонов, за член на Советот за безбедност, е важен чекор кон интегрирање на научната експертиза во стратешкото одлучување. Ова, според претседателката, би им овозможило на невладините еколошки организации, со своите идеи и предлози да придонесат во работата на ова тело.
Соговорниците се согласија дека загрозувањето на животната средина е сериозен безбедносен ризик и закана за уставно загарантираното право на живот.

Тие ја нагласија потребата од користење на меѓународни искуства и унапредување на регионалната соработка во справувањето со реалните предизвици.
Претседателката и претставниците на МЗМП и ФЛОРОЗОН повикаа на континуирана едукација и поттикнување на младите во градењето партнерски однос со природата како неопходен предуслов за превенција на можни штети со несогледливи последици.
Македонија
Јордан Апостолски, Наташа Бошкова и Сашо Георгиевски кандидати за судии во Европскиот суд за човекови права
Владата на денешната 141 седница беше информирана за текот на постапката за номинирање кандидати за позицијата судија во Европскиот суд за човекови права.
Во таа насока, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ја презентираше Информацијата за реализираните активности, согласно известувањето доставено од Комисијата за избор на кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права, со кое се информира за предлогот на Комисијата за избор на тројца кандидати: Јордан Апостолски, Наташа Бошкова и Сашо Георгиевски.
„По разгледувањето, Владата ја усвои Информацијата, по што Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, како надлежна институција задолжена за спроведување на административните и техничките активности во постапката, ќе продолжи со обезбедување мислење од Меѓународниот советодавен панел на експерти при Советот на Европа, во однос на исполнувањето на пропишаните критериуми од страна на предложените кандидати“; соопштија од Владата.
По добивањето на мислењето од Меѓународниот советодавен панел, Комисијата ќе ја достави листата со тројца кандидати до Владата, по што конечната листа ќе биде проследена до Парламентарното собрание на Советот на Европа.
фото/Depositphotos

