Свет
Принцот Чарлс ќе ја испрати Меган до олтарот

Принцот Чарлс на кралската венчавка ќе ја испрати Меган Маркл до олтарот, објавија од Кенсингтонската палата. Таткото на американската глумица, Томас Маркл (73), поради здравствени причини не е во можност да дојде на венчавката.
„На принцот му е особено драго што на овој начин ќе може да ѝ посака добредојде на Меган во кралското семејство“, се вели во пораката од палатата.
Завчера британски „Сан“ објави дека таткото на глумицата е во лоша здравствена состојба и дека дента ќе мора да оди на операција на срцето поради што не ќе може да присуствува на венчавката на својата ќерка и принцот Хари (33).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Илјадници Филипинци протестираат против корупција: „Луѓето страдаат, а тие се фалат со богатството на социјалните мрежи“

Илјадници Филипинци протестираа во главниот град Манила и во други делови од земјата, барајќи борба против корупцијата во владата поради корупциски скандал во кој се вмешани пратеници, функционери и бизнисмени кои наводно проневериле огромни суми пари од проекти за контрола на поплави.
– Додека луѓето страдаат поради бури и поплави, некои од оние кои наводно се вмешани во корупција во тие проекти се фалат со своето богатство на социјалните мрежи – изјави еден од водачите на протестите, Франсис Акино Ди, пренесе Блумберг.
Локалните власти изјавија дека повеќе од 70.000 граѓани учествувале во протестот во Манила, објави филипинскиот портал „Раплер“.
Студенти, црковни водачи, милитантни организации и некои пратеници учествуваа на демонстрациите.
Филипинскиот претседател, Фердинанд Маркос, изјави дека ги поддржува протестите, но предупреди дека властите ќе реагираат доколку демонстрациите станат насилни.
Претседателот на Филипините овој месец формираше независно тело за да утврди колку пари наводно биле украдени од државната каса за проекти за контрола на поплави.
Стотици банкарски сметки поврзани со тие проекти се замрзнати, а роднина на претседателот Маркос поднесе оставка од функцијата претседател на Долниот дом на парламентот поради обвинувањата дека бил поврзан со проекти погодени од корупција, негирајќи какво било незаконско дело.
Свет
Во нови израелски напади врз Газа убиени најмалку 30 лица

Најмалку 30 лица денеска загинаа во воздушните напади на израелските сили врз Газа, објави Ал Џезира. Од 30 жртви, 28 ги загубија животите во градот Газа.
Израелската армија вчера продолжи со нападите врз Газа, при што загинаа најмалку 91 Палестинец, вклучувајќи цивили кои бегаа од градот Газа, соопштија здравствените власти во Газа.
Израелските сили бомбардирале станбени згради, училишта претворени во засолништа, шатори каде што живеат раселени лица, како и камион што превезувал луѓе кои се обидувале да избегаат од градот Газа по наредба на армијата.
Хамас соопшти дека израелските сили убиле околу 1.700 здравствени работници и заробиле околу 400 од нив откако ја започнале војната во Газа во октомври 2023 година.
Офанзивата продолжува додека 10 земји, вклучувајќи ги Австралија, Белгија, Велика Британија и Канада, треба формално да ја признаат независната палестинска држава во понеделник пред годишната сесија на Генералното собрание на ОН, објави Ројтерс.
Свет
Трамп му се закани на Авганистан

Американскиот претседател, Доналд Трамп, синоќа се закани дека „лоши работи“ ќе му се случат на Авганистан ако САД не ја вратат контролата врз воздухопловната база Баграм и одби да ја исклучи можноста за испраќање трупи за повторно заземање на таа база, објави Ројтерс.
„Ако Авганистан не ја врати воздухопловната база Баграм на оние што ја изградија, Соединетите Американски Држави, ќе се случат лоши работи!“, напиша Трамп во објава на Truth Social.
Трамп претходно изјави дека САД се обиделе да ја вратат контролата врз базата што ја користеле американските сили по нападите од 11 септември 2001 година.
Во петокот, тој им рече на новинарите дека разговара за ова со Авганистан. Повлекувањето на американските сили во 2021 година доведе до преземање на американските бази од страна на Талибанците и соборување на владата во Кабул, која е поддржана од САД. Авганистанските власти изразија противење на враќањето на американското воено присуство.
Сегашни и поранешни американски функционери приватно предупредуваат дека повторното освојување на базата Баграм во Авганистан би можело да изгледа како нова инвазија на земјата, за што би биле потребни повеќе од 10.000 војници и распоредување на напредни противвоздушни системи, пишува Ројтерс.
На вчерашното прашање дали ќе испрати американски трупи да ја преземат базата, Трамп одби директно да одговори, велејќи: „Нема да зборуваме за тоа“.
„Сега разговараме со Авганистан и го сакаме назад, го сакаме назад наскоро, веднаш. А ако не го сторат тоа – ако не го сторат тоа, ќе дознаете што ќе правам“, им рече тој на новинарите во Белата куќа.
Пространиот аеродром беше главната база на американските сили во Авганистан за време на дведецениската војна што следеше по нападите на 11 септември 2001 година во Њујорк и Вашингтон од страна на Ал Каеда.
Во базата некогаш се наоѓале ресторани за брза храна како „Бургер Кинг“ и „Пица Хат“ за американските војници, како и продавници во кои се продавало сè, од електроника до авганистански теписи. Таму се наоѓал и голем затворски комплекс.
Експертите велат дека воздухопловната база на почетокот би било тешко да се обезбеди и дека за нејзино функционирање и заштита ќе биде потребна огромна работна сила.
Дури и ако Талибанците прифатат враќање на САД во Баграм по преговорите, базата ќе треба да се брани од бројни закани, вклучувајќи ги и борците на Исламска држава и Ал Каеда во Авганистан. Исто така, таа ќе биде ранлива на закана од напредни ракети од Иран, кој нападна голема американска воздухопловна база во Катар во јуни откако САД извршија напади врз нуклеарните постројки на Иран.