Македонија
Митески: Во Аеродром тајно се планира изградба на четири нови висококатници

Златко Марин и ограноците на картелот во Аеродром, нетранспарентно, без претходна консултација со жителите на општината, носат нови урбанистички планови со кои се предвидува изградба на огромни станбени блокови. Дали Златко Марин под притисок на урбаната мафија против која ветуваше дека ќе се бори го става интересот на граѓаните на страна?, изјави Дејан Митески од ВМРО-ДПМНЕ.
Споед него, во четвртокот мнозинството во Советот на општина Аеродром предводено од СДСМ на шверцерски начин донело нов детален урбанистички план за просторот покрај Булевар „Трета Македонска Бригада“, со кој се предвидува изградба на 4 нови станбени блокови со површина од над 90.000 м2 површина.
„Тоа се 4 нови висококатници, од кои 2 нови станбени згради со висина од 8 ката и 40.000 м2 површина и две нови деловни згради со висина од 5 ката и 50.000 м2 површина. Овој урбанистички план е донесен со криење од јавноста. Златко Марин и советниците од картелот на власт преку предлагање дополнителна точка на дневен ред ја заобиколија јавноста и на мала врата донесоа одлука за изградба на нови згради во општината.Златко Марин треба да одговори, зошто беше потребно целото брзање и за чии бизнис интереси се работи? Кој треба да го добие бизнисот за изградба на над 1000 нови станови во Аеродром?“, прашува тој.
Според Митески, Златко Марин во предизборието додека се бореше за гласовите на аеродромци ветуваше брда и долини, ветуваше дека ќе работи транспарентно и во интерес на граѓаните. Сега наместо во интерес на граѓаните гледаме дека очигледно работи за интересите на некој друг. Ова е одраз на лицемерието на СДСМ и нивниот игнорантски однос кон потребите на граѓаните.
„Ова е лицемерието на СДСМ, едно зборуваат додека се борат за гласовите на граѓаните, друго од позиција на власт. Очигледно Марин со стапнувањето на градоначалничката функција заборавил на граѓаните.
ВМРО-ДПМНЕ гласаше против овој детален урбанистички план од причина што не се согласува со начинот на носење на планот со криење од јавноста. ВМРО-ДПМНЕ ќе ги искористи сите правни механизми кои стојат на располагање за оспорување на овој ДУП и во иднина нема да дозволиме жителите на Аеродром да бидат заобиколувани кога се работи од суштински интерес за иднината на општината“, изјави Митески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: За време на СДСМ улица во Драчево е преименувана во Азем Морана

Срамно и дрско е СДС да зборува за темелите на македонската државност откако променија знаме, име и Устав на државата, реагира ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата од СДСМ.
„СДС која тоне се подолу во рејтингот меѓу граѓаните, заборава дека име на училиште го дава општинскиот совет, а не Владата. За да ги потсетиме, токму тие во време Зоран Заев како премиер и градоначалник на СДС во Скопје, во Драчево улица е преименувана во Азем Морана, откако претходно се викала Јустинијан Први. СДС говори за македонска државност, а во нивно време се променија и името, и знамето и Уставот на Македонија. Ги распродаваа државните интереси на кој стигнат за ден повеќе власт. Затоа граѓаните не им дадоа доверба и тонат секојдневно се повеќе. Подлоста на СДС оди во невидени размери, а ние како ВМРО-ДПМНЕ сме вчудоневидени на нивното однесување“, пишува во реакцијата.
Македонија
Клиниките за Токсикологија, Неврологија и Кардиологија добија нови директори

Министерството за здравство информира дека се именувани нови в.д. директори во четири јавни здравствени установи.
На Универзитетската клиника за токсикологија за в.д. директор е именуван д-р Арѓенд Имери, на местото на д-р Андон Чибишев.
На Универзитетскиот институт за клиничка биохемија за в.д. директор е именувана д-р Мимоза Бафќари-Бакији, на местото на д-р Николина Граздановска.
На Универзитетската клиника за неврологија за нов директор е именуван д-р Игор Кузмановски, на местото на д-р Фатмир Меџити.
На Универзитетската клиника за кардиологија за нов директор е именувана д-р Даница Петкоска Спирова, на местото на д-р Беким Поцеста.
Новоименуваните директори ја извршуваат оваа функција почнувајќи од вчера.
Македонија
СДСМ: Осуда за скандалозната одлука за именување на училиште во Студеничани со името на Азем Морана

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија најостро ја осудува, како што велат, скандалозната одлука на Владата за именување на општинското основно училиште во Општина Студеничани со името на Азем Морана, според СДСМ, познат балист и соработник на фашистичкиот окупатор за време и по Втората светска војна.
„Ова именување е историски неосновано и претставува директно понижување на антифашистичката борба на македонскиот и албанскиот народ. Тоа е навреда за сите борци од НОБ, за жртвите од фашистичкиот терор, за вредностите врз кои е изградена нашата држава, слободна, демократска и европска Македонија. Преку рехабилитација на фигури поврзани со балистичкото движење што ја прават ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН се нарушуваат темелите на идеологијата врз која е изградена македонската државност: антифашизмот, народниот суверенитет и демократските вредности. Според десничарската матрица, тие свесно и систематски го бришат антифашизмот од колективната меморија заменувајќи ги партизанските имиња со имиња на балисти, соработници со фашистичкиот окупатор“, велат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека бескомпромисната борба против фашизмот не е само дел од нашето историско наследство, туку е структурна вредност на нашиот уставен поредок, на нашиот идентитет и на нашата евроинтегративна определба.
„Срамно е една влада којашто тврди дека е за Европа да дозволува вакви опасни чекори. Наместо да ги едуцира младите за вистинските херои на слободата, таа ги учи да ги слават соработниците и поддржувачките на фашистичката идеологија. Тоа е образовно и морално злосторство за едно деморкатско општество коешто се стреми кон европските вредности“, велат од СДСМ.
Партијата ја повикува Владата итно да ја преиспита одлуката, водејќи се од почитта кон борците и да поднесе итна иницијатива до надлежните институции за нејзино укинување. Од СДСМ велат дека ќе побараат и отворена расправа во Собранието, како и поддршка од Сојузот на борците и од сите прогресивни сили во државата.
„Нема да дозволиме ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН да ја поткопуваат идеологијата на антифашистичката борба и македонската историја. Македонија е изградена врз темелите на антифашизмот, а не врз ревизионизам и така мора да остане“, велат од СДСМ.