Македонија
Министерството за земјоделство ќе назначи постојан претставник во мисијата на ФАО во Рим
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, оствари работна средба со генералниот директор на Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите Нации – ФАО, Хозе Грацијано да Силва, на која било разговарано за работата на техничките групи на МЗШВ и подготовката на програмската рамка на ФАО за Република Македонија за периодот 2018-2020 година.
Како што информираат од министерството, средбата се одржала во рамки на меѓународната министерска конференција за „Значењето на пчелите и другите опрашувачи за одржливо земјоделство и безбедност на храна“, што се одржува во Брдо при Крањ, Република Словенија.
Министерот Николовски на средбата потенцирал дека после десет години, МЗШВ ќе назначи свој постојан претставник во мисијата на ФАО во Рим.
Програмската рамка на ФАО за Република Македонија за периодот 2018-2020 година, како што информираат од МЗШВ, треба да се потпише за време на 10-тата регионална конференција LANDNAT која ќе се одржи во Скопје од 19-21 Јуни, а со што се идентификуваат областите за кои ФАО ќе обезбеди техничка и финансиска помош за Република Македонија.
Генералниот директор Хозе Грациано да Силва изразил силно уверување дека ФАО ќе се вклучи активно и ќе ги ангажира сите свои капацитети како главен партнер на МЗШВ при отпочнување на преговорите со Европската унија и отворање на поглавјата за земјоделство, рурален развој и безбедност на храна. Дополнително, тој ја презентирал и финансиската рамка за Зелениот климатски фонд чија вредност е 250 милиони евра.
Оваа иницијатива е приоритет за МЗШВ и Република Македонија ќе се најде во портфолиото на овој фонд со свои проекти за справување со климатските промени и редуцирање на нивното штетно влијание врз земјоделското производство.
На средбата, како што се вели во соопштението од МЗШВ, генералниот директор на ФАО го поканил министерот Николовски да присуствува на Комитетот за земјоделство на ФАО кој ќе се одржи во октомври во Рим со што после долг период Република Македонија ќе добие важна и активна улога во изработување и донесување на идните земјоделски политики на светско ниво.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

