Македонија
Свеченост по повод прославата на 23 Мај – Националниот ден на Власите

Владина делегација предводена од заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, денес присуствуваше на свеченоста по повод прославата на 23 Мај – Националниот ден на Власите. Во делегацијата учествуваа и заменик претседателот на Владата и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за култура Роберт Алаѓозовски, како и заменик-министерот за економија, Кире Наумов.
Обраќајќи се на присутните гости на свеченоста, Шекеринска на влашки јазик им го честиташе празникот за кој рече дека е симбол на соживотот во Република Македонија.
„Празнувајќи го овој ден се потсетуваме на важноста на секој народ кој е дел на Република Македонија како заедничка држава на сите нас и како наша заедничка татковина“, рече министерката. Тоа е и пригода, додаде таа, да се потсетиме дека Македонија е пример не само на Балканот, туку и пошироко за тоа како можат да се негуваат и да се унапредуваат различностите и тоа е можеби најголемиот аргумент зошто Македонија треба да биде дел од европското ѕвездено небо. Шекеринска рече дека влашката заедница има посебно место во земјава, бидејќи даде значаен историски, културен и општествен придонес во изградбата на нашата заедничка држава.
Организаторите на свеченоста и се заблагодарија на владината делегација на присуството, потенцирајќи дека граѓаните на Македонија се едно без оглед на нивната етничка припадност и дека сите заедно сакаат да бидат и дел од ѕвезденото небо кое го симболизира заедништвото во Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дел од Ѓорче Петров денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД добивме известување дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 10.00 до 13.00 часот, дел од корисниците од улицата Мијачка, општина Ѓорче Петров.
Македонија
(Видео) Арсовска: Фатен како прави див приклучок сторител беше извесен инспектор од МВР, кој во бес дека се фатени сред дело, физички ја нападна советничката Витина

„Водата е природен ресурс, не се произведува во фабрика, извира од природата. Не е до мрежата, не е до цевките, едноставно од природниот извор на градот и дополнителниот бунарски систем нема капацитет да извира питка вода колку што дел од жителите трошат. Рашче сред суша со високи температури има намален капацитет, а потрошувачката во изминатиот месец на дневно ниво е РЕКОРДНИ 356.000 м3 НА ДЕН, што би значело потрошувачка од 700 литри вода по глава на жител“, вели градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
„Секој ден се фаќаат по 30 ДИВИ ПРИКЛУЧОЦИ од кои си наводнуваат цели ниви, приклучоци на дивоградби, на полнење базени, истите ни денар не плаќаат затоа нерационално трошат бидејќи ја добиваат за џабе, а МВР не постапува.
Тогаш мафијашите мислат дека можат да прават што сакаат и ќе си поминат неказнето, а нивниот број се зголемува. Сите скопјани трпат штета од таквите, сред најголемите горештини нема вода од таквите, 700 литри вода по жител на Скопје е колку овие ликови трошат на грбот на скопјани и на природниот извор Рашче.
Додека не пикнат еден од овие во затвор, состојбите само ќе се влошуваат, А ДРУГ ИЗВОР НА ВОДА НЕМАМЕ и нема како да се добие вода, џабе негодувања, џабе жалење.
На последниот случај на фатен како прави див приклучок сторител беше извесен инспектор од МВР наречен Бујо, кој во бес дека се фатени сред дело, физички ја нападна советничката во град Скопје Ирена Витина пред очите на неговите колеги од МВР кои не реагираа на нападот, иако истиот беше пред 10 сведоци и целиот настан е снимен од почеток до крај“, изјави Арсовска.
Македонија
Сообраќајот на ГП Блаце во двата правци се одвива нормално за патничките моторни возила

Од 21:50 часот сообраќајот на ГП Блаце, во двата правци се одвива нормално за патничките моторни возила, а наизменично движење за ТТМВ со хладњачи додека за ТТМВ со церади движењето е се уште забрането, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.