Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Државата оди кон банкрот, тоа мора итно да се спречи
Од ВМРО-ДПМНЕ го критикуваат ставот на владејачкиот СДСМ според кој покачувањето на акцизата на дизелот нема да ги погоди сиромашните граѓани бидејќи 60% од сиромашните домаќинства во Македонија немаат автомобил. Како што велат од опозициската партија, тоа е ставот врз основа на кој власта не го прифаќа нивниот предлог за укинување на акцизата на дизелот.
„Картелот на власт на чело со Зоран Заев работи директно на штета на граѓаните. Покачувањето на акцизата може не влијае врз функционерите на СДСМ, но исклучително оптоварувачки влијае врз буџетот на граѓаните. Околу 50 милиони евра годишно е директната штета за граѓаните, земјоделците и стопанството од покачувањето на акцизата на дизелот. Индиректната штета, која резултира со покачување на цените на сите продукти и услуги, е уште поголема“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму констатираат и дека граѓаните живеат полошо од пред една година.
„Цените растат, а стандардот на граѓаните паѓа. Просечната платата во февруари е за околу 900 денари пониска од платата во јануари. Во исто време цените на мало растат, а трошоците за живот се сè поголеми. Државата оди кон банкрот. Јавниот долг на државата ја надмина психолошката граница од 5 милијарди евра. Државата се задолжува по неколкупати во месецот, а граѓаните не знаат за што и како се трошат нивните пари“, стои во партиското соопштение.
На крајот, од опозициската партија нагласуваат дека Република Македонија заслужува просперитетна иднина, која ќе гарантира силна економија и институции кои ќе бидат сервис на граѓаните и ги поканува сите обесправени, сите оние разочарани граѓани на голем антивладин собир на 2 јуни во 20 часот пред зградата на Владата на Република Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Министерството за дигитална трансформација со јавен повик за изработка официјални веб-страници
Како дел од иницијативата за дигитализација на локалната самоуправа, но и подобрување на комуникацијата на јавниот сектор со граѓаните преку современи дигитални решенија, Министерството за дигитална трансформација објавува Јавен повик до единиците на локална самоуправа и институциите од јавниот сектор во Република Северна Македонија за изработка на официјални веб страници.
Јавниот повик е во насока на унапредување на дигиталната инфраструктура и зголемување на транспарентноста и пристапноста на локалните самоуправи.
Право на пријавување имаат сите општини и институции од јавниот сектор во Република Северна Македонија, без разлика на нивната големина, број на жители или моменталниот статус на нивната веб страница.
Пријавите може да се достават најдоцна до 31.12.2025, електронски: [email protected] или на адреса: Министерство за дигитална трансформација, бул. Филип Втори Македонски, бр. 11, 1000 Скопје.
Пријавите ќе се обработуваат по принципот „прв дојден прв услужен“ се до пополнување на расположливиот број на општини и институции што можат да бидат опфатени. Министерството ќе ги известува пријавените општини и институции за статусот на нивната апликација.
Подетални информации на следниов линк
Министерството за дигитална трансформација ја охрабрува секоја општина и институција од јавниот сектор, да аплицира и да ја искористи можноста за модерна и интерактивна комуникација со своите граѓани.
Македонија
„Граѓаните жестоко ги казнија политиките на Филипче под менторство на Заев“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Македонските граѓани направија вистински избор, во локалните самоуправи избраа трудољубиви и чесни лица кои посветено ќе работат за подобрување на животот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа не е вистинскиот избор само кој да ги води општините, туку тоа е вистинскиот избор за Македонија да почне да ги гради темелите кои се рушеа за седумгодишното владеење на СДС.
Граѓаните ги препознаа досегашната работа, искрените намери и одлучност Македонија да почне да се развива, затоа и ги избраа кадрите на ВМРО-ДПМНЕ.
На овие локални избори ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен победник, освои 54 општини и градот Скопје.
Овие локални избори се значајни и поради фактот што во општини како Кичево, Карпош и Струга со победата на ВМРО-ДПМНЕ се случија и историски промени.
Благодарение на поддршката и довербата од граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ издвојува големи победи и во Валандово, Дојран, Брвеница, Берово, Делчево, Демир Капија, Крушево, Пробиштип, Росоман, Старо Нагоричане и Чучер Сандево, до сега раководени од кадри на СДС.
Со победата на Орце Ѓорѓиевски за градоначалник на Град Скопје, граѓаните избраа работа, решавање на хаосот и реални проекти за развој на градот.
Кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и во останатите општини убедливо победија, наспроти нивните противкандидати.
Од друга страна, пак, на овие избори СДС доживеа уште еден огромен дебакл и сега веќе е трета партија во државата, зад ВРЕДИ, нашиот коалициски партнер.
Со околу 126 илјади гласа, СДС освоени само 6 општини и околу 230 советника. На ова ниво, до сега СДС никогаш не биле.
Ова е јасна порака дека граѓаните се против политиките на Венко Филипче и неговиот ментор, Зоран Заев. Наместо да се оградат и дистанцираат од него, Филипче и целото раководство на СДС, продолжуваат да го величат ликот и делото на Заев, човек кој ја распродаде и уништи Македонија.
Тоа граѓаните, не само што веќе не го трпат, туку и жестоко го казнуваат.
На Македонија и треба силна опозиција која со конструктивни политики и со луѓе со кредибилитет, ќе биде коректор на власта. А, Филипче и ова раководство на СДС во моментов се во политички офсајд и без никаков кредибилитет.
Затоа се потребни итни промени во раководството на СДС, време е Филипче да замине од политиката и да ја ослободи партијата за нови и некомпромитирани кадри“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Две жени намамиле човек во мотел во Скопје, каде што го пречекале двајца мажи: го удирале со боксови додека не паднал, па го ограбиле
Истрага против четири лица – двајца мажи и две жени поведе Основното јавно обвинителство Скопје за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик, бидејќи четворицата во група, со употреба на сила одзеле 200 илјади денари од едно лице.
На 30 октомври оштетениот со една од осомничените жени отишле во мотел во Скопје, по што таа му предложила да повика уште една девојка. Оштетениот се согласил и осомничената ја повикала другата жена, па заедно го убедиле оштетениот да одат во „поубав и поевтин хотел“.
Излегувајќи од собата, во темниот двор на мотелот, ги пречекале двајцата мажи кои биле во договор со жените и заедно му се нафрлиле на оштетениот. Го удирале со боксови по главата и телото додека не паднал на земјата, а од џебовите му ги одзеле парите, мобилниот телефон и личната карта.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за сите четворица осомничени, поради опасност од бегство и можност да го повторуваат делото. За една од осомничените жени која е во бегство откако го извршила делото, притворот ќе започне да се применува од нејзиното пронаоѓање и лишување од слобода.

