Свет
Естонија е првата држава која во сите градови ќе има бесплатен јавен превоз
Талин, главниот град на Естонија, е еден од ретките европски градови кои можaт да се пофалат со петгодишен бесплатен јавен превоз за сите граѓани, пишува порталот „Попап“.
За бесплатниот јавен превоз граѓаните на Талин одлучија на референдум што се одржа пред пет години, а Алан Алакула, шеф на канцеларијата на ЕУ во Талин, вели дека за сите долгорочни планови граѓаните треба да имаат право на глас.
По пет години бесплатен јавен превоз, Алакула вели дека Талин нема загуби.
„Несомнено е дека не само што ги покриваме трошоците, туку благодарение на оваа одлука имаме и вишок. Заработивме двапати повеќе отколку што загубивме со воведувањето на бесплатен превоз. Среќни сме што многу луѓе одлучија да се регистрираат како жители на Талин за да ги искористат предностите на бесплатниот јавен превоз“, вели Алакула.
Тој додава дека при планирањето на бесплатниот јавен превоз најмногу се размислувало за граѓаните со послаб имотен статус.
„Најпрво сметавме дека оваа мерка најмногу ќе ја користат граѓаните со ниски и средни приходи. Сепак, таа се користи и од луѓе со повисоки примања бидејќи јавниот превоз и за нив овозможува поголема мобилност низ градот. Според нашите истражувања, тие често одат во ресторани, кина, театри. На овој начин индиректно се поттикнуваат и трговијата и угостителството, така што корист имаат и локалните бизниси. Градот е жив, а тоа може да се почувствува и по остварените приходи“, објаснува шефот на канцеларијата на ЕУ во Талин.
Алакула вели дека главниот град на Естонија пред воведувањето бесплатен јавен превоз бил преполн со автомобили, а сега воздухот е многу почист. Со воведувањето бесплатен превоз, цените на паркирањето се зголемиле, но официјалниот претставник вели дека никој не се жали на тоа бидејќи има бесплатна алтернатива.
Примерот на главниот град се очекува да го следат и останатите. Владата планира да воведе бесплатен јавен превоз во сите градови во Естонија оваа година, со што земјата ќе стане првата во светски рамки која вовела ваква мерка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Русија: „Орешник“ беше одговор на украинскиот напад врз резиденцијата на Путин
Руското Министерство за одбрана денес објави дека целта погодена минатата недела во нападот со хиперсоничната ракета „Орешник“ била украинска фабрика за поправка на авиони, која била онеспособена.
Украина и нејзините европски симпатизери го осудија рускиот ракетен напад и рекоа дека имал за цел да го заплаши Западот во исто време кога европските земји понудија војници за потенцијални повоени безбедносни сили во Украина.
Во овој случај, Русија користеше балистичка ракета со среден дострел по втор пат за време на војната. Украински функционер изјави за „Ројтерс“ дека ракетата, која е способна да испорача нуклеарно оружје, била вооружена со лажни боеви глави и оштетила работилница во државна компанија во Лвов, во близина на полската граница.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека нападот ја онеспособил Државната фабрика за поправка на авиони во Лвов. Се наведува дека биле погодени производствени работилници и магацини.
„Оваа компанија вршела поправки и одржување на воздухопловна опрема за украинските вооружени сили, вклучувајќи авиони Ф-16 и МиГ-29 испорачани од западните земји. Компанијата, исто така, произведувала беспилотни летала со долг и среден дострел што се користат за напад на руски цивилни цели длабоко во руска територија“, соопшти министерството.
Русија денеска соопшти дека ракетниот напад бил одговор на украинскиот напад врз една од резиденциите на претседателот Владимир Путин во северна Русија кон крајот на декември. Киев негираше дека извршил таков напад.
фото/илустрација/депозитфотос
Свет
Егзодус на персоналот од германските болници во близина на Швајцарија, сè повеќе пациенти умираат
Во германските болници по должината на швајцарската граница смртноста е поголема отколку во остатокот од Германија, поради медицинскиот персонал што заминува на работа преку границата, според студија објавена денес.
„Смртноста во болниците по должината на границата е за 4,4 проценти повисока отколку во остатокот од земјата поради недостаток на медицински персонал, особено медицински сестри“, според студија на Центарот за европски економски истражувања во Манхајм и Институтот Ифо во Минхен.
Причината за недостатокот на медицински персонал е фактот дека од 2011 година, голем број вработени во болниците по должината на швајцарската граница се вработиле во швајцарските институции поради повисоки плати.
„Болниците по должината на границата регистрирале 12 проценти повеќе заминувања на персоналот отколку во другите региони“, се наведува во студијата.
Како што понатаму се наведува, поради недостаток на персонал, болниците се принудени да избираат пациенти и процедури според итноста и да ги ставаат сите медицински случаи што немаат приоритет на листа на чекање.
„Недостатокот на медицински персонал е особено почувствуван кај постарите пациенти и во итни случаи. Оваа група доживеала повисоки стапки на смртност. Додека во остатокот од Германија гледаме зголемување на просечниот животен век, во регионите по должината на границата со Швајцарија оваа вредност опаѓа“, вели Оливер Шленкер, еден од авторите на студијата.
Во последниве години, низ цела Германија има недостиг од медицински персонал, особено медицински сестри и болничари.
Според податоците од надлежните институции, во 2026 година на Германија ќе ѝ недостасуваат најмалку 200.000 болничари и медицински сестри, од кои над 50.000 во болниците.
Платите за медицинскиот персонал во Швајцарија се за 30 до 40 проценти повисоки отколку во Германија.
Свет
ЕК: Европската Унија може да го заштити Гренланд ако Данска го побара тоа
Европската Унија може да го заштити Гренланд ако Данска го побара тоа, изјави денес европскиот комесар за одбрана, Андриус Кубилиус, предупредувајќи дека американското преземање на островот би значело крај на НАТО.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, повторува дека на САД им е потребен Гренланд, автономна територија што е дел од Кралството Данска, тврдејќи дека постојното воено присуство на САД таму не е доволно.
Членките на НАТО, Данска и САД, треба да се состанат оваа недела за да разговараат за Гренланд. Копенхаген и Нук нагласуваат дека најголемиот остров во светот не е на продажба, но Трамп не ја исклучува можноста да го земе со сила.
„Се согласувам со данскиот премиер дека ова би претставувало крај на НАТО, но би имало и многу негативна резонанца меѓу луѓето“, рече Кубилиус, првиот европски комесар за одбрана, на безбедносна конференција во Шведска.
Литванецот не верува дека ќе има американска инвазија, но нагласи дека член 42.7 од Договорот за Европската унија ги обврзува членовите да ѝ помогнат на Данска или на која било друга членка што се соочува со воена агресија.
„Првенствено ќе зависи од Данска, како ќе реагира и каква ќе биде нејзината позиција, но дефинитивно постои обврска членовите да си помогнат себеси ако некоја од нив се соочи со воена агресија“, рече тој.
фото/депозитфотос

