Свет
Пентагон се закани: Ќе преземеме сè за да му се спротивставиме на Иран

Пентагон денеска објави дека американската армија ќе ги преземе сите неопходни чекори со цел да се спротивстави на однесувањето на Иран во регионот.
Портпарлолот на Пентагон, полковник Роберт Менинг, сепак додаде дека уште проценуваат дали да ги удвојат постојните акции или да применат нови.
Менинг не прецизира на каков вид акции мисли.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Рубио: Стабилна Сирија би бил драматичен чекор напред за целиот регион

Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека мирна и стабилна Сирија „би била едно од најдраматичните подобрувања во регионот во многу долго време“, сугерирајќи дека Вашингтон го поддржува новото сириско раководство под водство на претседателот Ахмед ал-Шара, пренесува Анадолија.
„Ова е историска можност и ако успее, ќе имаме драматично, трансформативно влијание врз регионот“, рече Рубио во Анталија.
Неговата изјава дојде откако американскиот претседател Доналд Трамп и Шара се сретнаа во Ријад во средата – состанок што го означи првиот контакт на високо ниво меѓу САД и Сирија откако беше соборен режимот на Башар ал-Асад во декември.
Трамп, кој претходно објави укинување на американските санкции врз Сирија, го нарече состанокот „одличен“.
Рубио го опиша новото сириско раководство како посветено на обновата на земјата како плуралистичко општество.
Тој посочи дека Сирија изразила желба за „мир со сите свои соседи“ и „протерување на странските борци и терористи“ кои би можеле да ја дестабилизираат земјата.
Рубио рече дека САД сакаат да бидат „од помош“, но дека американската помош ќе зависи од тоа дали Сирија „презема чекори напред“.
„Очигледно сакаме да видиме напредок и ќе одговориме на секој нивен чекор, но тоа ќе биде долг пат“, рече Рубио.
Тој додаде и дека постои можност еден ден да оди во Конгресот и да побара трајно укинување на санкциите.
Европа
Нема директни преговори меѓу Украина и Русија: трилатерални средби во Истанбул денес

Трилатерални средби најверојатно ќе се одржат во Истанбул денеска наместо мировни преговори што требаше да започнат меѓу делегациите на Русија и Украина во турскиот мегалополис, изјави синоќа извор од турското Министерство за надворешни работи.
„Трилатерални преговори меѓу САД, Украина и Турција“ од една страна и меѓу „Руската Федерација, Украина и Турција“ од друга страна се на дневен ред, рече изворот.
Затоа, се чини дека директни преговори меѓу Русија и Украина нема да се одржат.
Свет
Рубио: Сите членки на НАТО ќе издвојуваат 5 проценти од БДП за одбрана

Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека на претстојниот самит на НАТО во јуни, сите негови членки ќе се согласат да ги зголемат трошоците за одбрана во следната деценија на пет проценти од БДП.
Рубио ги даде овие забелешки во интервју за „Фокс њуз“ по учеството на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Анталија, Турција.
Неговиот шеф, американскиот претседател Доналд Трамп, во својот прв мандат од 2017 до 2021 година го намали финансирањето на НАТО, честопати жалејќи се дека САД ѝ даваат на алијансата неправедна сума во споредба со другите членки.
„Можам да ви кажам дека за шест недели имаме состанок каде што речиси секоја членка на НАТО ќе биде на два проценти или повеќе од БДП, но што е поважно, многу од нив ќе бидат на над четири проценти, и сите ќе се согласат за цел од пет проценти во текот на следната деценија“, рече шефот на дипломатијата на САД.
Новиот германски министер за надворешни работи Јохан Вадефул претходно оваа недела изјави дека Берлин го поддржува барањето на Трамп земјите-членки да ги зголемат трошоците за одбрана на пет проценти од БДП.
Самитот на НАТО ќе се одржи на 24 и 25 јуни во Холандија.