Култура
Фантастичен прием на „Дивата круша“ на Нури Бигле Џејлан на Канскиот филмски фестивал
Македонија по вторпат како малцинска копродукција учествуваше на најпрестижниот филмски фестивал во светот.
Преку „Сестри и брат Митевски продукција“ Македонија учествува во најновиот филм на генијалниот Нури Билге Џејлан – „Дивата круша“, кој беше во главната натпреварувачка програма и имаше извонреден прием од публиката и критиката.
„Дивата круша“ на последниот натпреварувачки ден на Канскиот филмски фестивал ја имаше својата премиера на 18 мај. Екипата уште пред да почне проекцијата беше дочекана со 15-минутни овации во огромната сала „Лумиер“ во Фестивалската палата во Кан. Салата, која сместува 2 300 гледачи, се преплави од емоции по тричасовниот најнов филм на Нури Билге Џејлан и заглушувачкиот аплауз од многубројниот аудиториум беше импресивен израз на одобрување и воодушевување од виденото. Пред публиката беше претставена целата екипа на филмот и најголемиот поздрав секако му беше упатен на Џејлан, кој очигледно е голем миленик на кнската публика. Во исто време во уште две сали имаше специјални проекции за новинари.
Следниот ден, на 19 мај, филмот со голем интерес беше проследен на фестивалската прес-конференција. За време на фестивалот Македонската филмска агенција беше вклучена во промоцијата на филмот и многумина филмски префесионалци, некои и со искрено завидување честитаа за нашето учество во овој врвен културен проект.
„Дивата круша“ доби неверојатно позитивни критики во најпрестижните светски медиуми, а строгите филмски критичари го оценија со најголем број бодови од сите филмови во официјалната конкуренција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денес е Ден на македонскиот јазик
Петти мај е прогласен за „Ден на македонскиот јазик“. На овој ден во 1945 година, со решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни 1945, е усвоен и Правописот на македонскиот јазик.
Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со делата на Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.