Македонија
Од Воска до хотелот „Десарет“ – чистење на охридското крајбрежје во пресрет на сезоната
Потегот од населбата Воска до хотелот „Десарет“ ќе биде поделен на 8 реони во рамките на големата екоакција „Мој Охрид, чист Охрид“ за чистење на крајбрежјето на градот во пресрет на туристичката сезона.
„На овој начин групите што ќе ги чистат плажите ќе може поефективно да го исчистат својот реон и подоцна полесно ќе може да се собере ѓубрето од страна на одговорните лица. Првиот реон е комплетно чистење на плажата кај Воска, следен реон е стариот град, потоа потегот од мостот до плажата ‘Голден бич’, потоа до ‘Славија’, зона 5 е од ‘Славија’ до хотелот ‘Гранит’, потоа до хотелот ‘Метропол’, зона 7 е од хотелот ‘Метропол’ до плажата ‘Атлантис’ и последниот реон е до Пештани и хотелот ‘Десарет’. За сите учесници се обезбедени вреќи, вода и ракавици, а посебни екипи на охридскиот Црвен крст со медицински ранци ќе бидат при рака при евентуални поситни повреди. Исто така, обезбеден е превоз до подалечните плажи“, информираат организаторите.

Акцијата, која ќе се одржи в сабота, 9 јуни, е иницирана од „Супер радио“, со поддршка на локалната самоуправа, бизнис-секторот, охридските медиуми, еколошките и спортските друштва од Охрид.
Основната идеја е да се анимираат граѓаните на Охрид, посебно учениците од сите основни и средни училишта во градот, за чистење на централниот дел од градот. Особен акцент ќе им се даде на плажите, каде што е најголемата фреквенција на туристи во пресрет на главната туристичка сезона. Во акцијата активно ќе се вклучат и нуркачите од клубот за подводни активности „Охрид“, кои ќе го чистат дното на Охридското Езеро на потегот пред селото Пештани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.
Македонија
Утрешното судење за пожарот во „Пулс“ е одложено за 26 јануари
Судењето за пожарот во „Пулс“ што требаше да се одржи утре е одложено за 26 јануари, соопшти Кривичниот суд. Расправата за пожарот во Кочани се одлага по барање на една од адвокатките која е избрана за нов член на Судскиот совет.
„Главната расправа за предметот со К.бр. 1872/25 поврзана со пожарот во Дискотеката ‘Пулс’ во Кочани, насрочена за утре 14.01.2026 – та година, се одлага по барање на бранителот на еден од обвинетите, адвокат Сузана Јошевска Анастасовска“, соопшти Судот.
Барањето е од причина што во текот на вчерашниот ден, Јошевска Анастасовска е избрана за член на Судскиот совет на РСМ, па заради исполнување на правото за ангажирање нов бранител и негово запознавање со предметот, утрешната расправа се отповикува, а судењето продолжува на следниот, претходно утврден термин, на 26.01.2026 година во 09:30 часот во судницата во КПУ Идризово.
Од Судот информираат дека заради економичност во постапувањето, странките се веќе известени за отповиканата расправа.
Македонија
Бугарски државјанин протеран од земјава, кај него се пронајдени боксирач и транспарент со навредлива содржина
Полицијата уапси бугарски државјанин на Граничен премин Деве Баир, кај него се пронајдени боксирач и транспарент со навредлива содржина.
Според информациите на МВР, вчера во 13:30 часот на Граничен премин Деве Баир, на влез во државата, полициски службеници го приведоа Н.И.Л.(47) од Република Бугарија затоа што при гранични проверки и извршен преглед во содејство со царински службеници на патничко возило „хонда џез“ со бугарски национални ознаки, со кое допатувал, биле пронајдени и одземени метален боксирач и транспарент со навредлива содржина.
Од Основен суд Крива Паланка му била изречена парична глоба и санкција „протерување на странец од земјата“ во траење од една година.
На 13.01.2026 во 02:10 часот Н.И.Л. е спроведен во Граничниот премин Деве Баир и е предаден на бугарските погранични полициски служби.

