Македонија
Заев на трибина во Кисела Вода: Ќе ја затвориме дупката во ПИОМ, пензиите мора да растат
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и премиер, Зоран Заев, вчеравечер учествуваше на граѓанска трибина на ОО СДСМ Кисела Вода. Во своето обраќање порача дека СДСМ преку Владата и парламентарното мнозинство што ги предводи, посветено работи на спроведувањето на зацртаните мерки што ги намалуваат трошоците за живот, обезбедуваат повеќе пари кај граѓаните и повисоки плати.
„За само неколку месеци успеавме да испорачаме резултат и покрај тоа што наследивме катастрофлана економска сотојба. Од негативен тренд успеавме да обезбедиме економски раст. Вкупниот долг е намален, а Македонија денес е финансиски стабилна држава. Ја зголемивме минималната плата на 12 илјади денари со што ја отворивме спиралата на раст на платите и сега просечната плата е покачена за 5,6 проценти во споредба со минатата година. Следете го овој тренд, ви ветувам поголеми плати, и до крајот на 2019 година просечна плата од 500 евра“, рече Заев.
Преку заштеди во буџетот, додаде тој, ќе се ослободат средства за нови мерки што се во интерес на сите граѓани, како значително зголемување на социјалната помош, поддршка за нови работни места и вработувања за младите, како и стабилизација на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

„Посветено работиме на унапредување на стандардот на пензионерите, веќе ова лето ќе следи ново, второ за оваа година усогласување на пензиите. Пензиите мора да растат согласно со растот на платите и трошоците за живот. Но, истовремено, мора да работиме и на санирање на штетите во ПИОМ и тоа ќе го направиме. Фондот сега има дупка од околу 500 милиони евра годишно. Со политиките што ги планираме и ќе ги спроведуваме, со отворањето нови работни места и со економскиот раст очекуваме тој минус да се намали, а потоа и дупката од петстотини милиони евра да се затвори. Сигурни и стабилни пензии заслужуваат и сегашните, но и иднинте пензионери. Ние тоа ќе го обезбедиме“, рече Заев.
Тој истакна дека недостигот на лекови на позитивната листа веќе во првата половина на месецот ќе биде минато, бидејќи наскоро се очекува нов Закон за лекови и медицински помагала со којшто ќе се надмине овој проблем. „Со новиот Закон за лекови што треба да биде усвоен аптеките ќе добиваат вкупна квота за сите лекови и тоа значи дека нема повеќе да се соочуваме со проблемот од недостиг на лекови на 10 или 15 во месецот, туку лековите ќе бидат достапни во текот на целиот месец. Истовремено, со измените на Законот ќе се стави ред во пазарот на лекови, а за секој увозен лек ќе мора да се знае потеклото, односно да има сертификат за анализа на квалитет, со што ќе се стави крај на сомневањата за квалитетот на одредени лекови“, истакна тој.
Претседателот Заев зборуваше и за успесите на меѓународната политика во изминатиот период, враќањето на земјата на интегративниот пат и градењето добрососедски односи со сите соседи. Тој се осврна на придобивките за граѓаните од членството во Европската Унија и во НАТО. „Членството во НАТО не обезбедува само безбедност и стабилност туку обезбедува нови работни места и повисоки плати. Само почетокот на преговорите со ЕУ обезбедува пристап до нови структурни фондови, зголемени субвенции и повеќе пари за државата, за граѓаните. Вистински патриоти се оние што ќе донесат подобар и поквалитетен живот за своите граѓани“, порача Заев.
На трибината свое обраќање имаше и претседателот на ОО СДСМ Кисела Вода, Бранко Георгиевски, кој посочи дека СДСМ останува одговорна партија којашто е отворена за граѓаните. „Нашата намера како општинска организација е преку напорна работа да покажеме дека можеме повеќе и подобро. Ја преземавме одговорноста и од тоа нема да отстапиме. Нашата цел е да бидеме партија којашто ќе ги слуша нашите сограѓани и ќе ги следи нивните потреби“, истакна Георгиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дедо Мраз од Лапонија ќе дојде со волшебен воз на Железничка во Скопје
Специјална новогодишна театарска претстава за деца „Дедо Мраз дојде со воз“ ќе се одржува од денеска 30 декември на Железничката станица во Скопје, со почеток од 19 часот. Претставата ја организираат Училиштето за театар „Од игра до претстава“, Македонски железници Инфраструктура и Македонски железници АД Транспорт.
Публиката ќе може да го следи големото доаѓање на Дедо Мраз од Лапонија, со неговиот волшебен воз во центарот на Скопје, преку приказна која се раскажува на различни локации: музејската постановка на Македонски железници, театарска претстава во салон и посета не волшебниот воз и подарок од Дедо Мраз за секој посетител во вагонот.
– Како куриозитет годинава во соработка со МЖ Транспорт, го имаме и легендарниот воз „Шпанец“, неодамна реставриран, во кој се пренесува новогодишната волшебна магија и со која посетителите ќе може да патуваат низ Скопје и да другаруваат со ликови од претставата. Претставата ги следи патешествијата со кои се соочува Дедо Мраз пред да стигне на Железничката станица во Скопје и неговото доаѓање е неизвесно, па му треба помош од неговите Елени, Џуџиња, Снешко, но најмногу од неговите обожаватели, децата, се вели во соопштението од „Од игра до претстава“, ЈП Македонски Железници – Инфраструктура Македонски Железници АД Транспорт.
Автор и продуцент на проектот е Миодраг Костиќ, а текстот и режијата на Игор Ивковиќ. Реставратор и автор на музејската изложба користена во проектот е дело на авторот Ванчо Милошевски.
Во претставата играат актерите: Дарко Вељиќ, Андреј Серафимовски, Тодор Стојковски, Симона Петрушева, Ведра Димова, Александар Спироски. Вклучени се и 40-тина учениците од училиштето за театар „Од игра до претстава“.
Визуелното обликување на проектот е доверено на Бранкица Јордановска, во соработка со Горан Сачкарски. Музиката е авторско дело на Драган Илиевски, а монтажата е на Андреј Златаноски.
За потребите на претставата, ќе бидат користени: локомотива создадена во 1942 година, серија 33 и вагон што е изработен во 50-те години на 20 век и бил во употреба до крајот на 70-те години, а сега реставриран по урнекот на „ОРИЕНТ ЕКСПРЕС“, како и од неодамна реставрираниот воз „шпанец“ серија 712/714.

Билети може да се купат на билетарницата на Железничка станица – Скопје, секој работен ден од 12 до 19 часот. Резервација на [email protected] и на телефонскиот број 075 295 905.
Македонија
Скопје повторно ќе пулсира во ритамот на виното со Винодонија 2025
Винодонија 2025 – најпрестижниот вински настан во Македонија и годинава ветува незаборавно искуство за сите љубители на виното. Деветтото издание на салонот ќе се одржува денеска и утре во Скопје, а посетителите ќе имаат можност да ги вкусат најдобрите вина од земјата и од странство, додека 15 гастро-изложувачи ќе ги надополнат елегантните вински моменти со ексклузивни деликатеси.
-Салонот ќе биде винска сцена за споделување на вкусови, емоции и моменти, идеално место за уживање во најдоброто од виното пред крајот на годината. Со внимателно одбран амбиент, богата програма и вински ритуали што ги слават сетилата, Винодонија 2025 воедно е и покана за достоинствено затворање на годината – со чаша вино во рака и со друштво што знае да препознае вкус и вредност. Со повеќе од 75 вински брендови кои ќе изложат над 500 вински етикети, Винодонија 2025 ветува незаборавно винско патување, најавуваат организаторите.
Интернационалниот карактер на Винодонија 2025 се огледува во присуството на винари и експерти од различни земји, кои ќе ги споделат своите најдобрите вина и најнови трендови во светското винарство. Оваа година, покрај македонските вина кои ја раскажуваат приказната на нашите лозја, посетителите ќе имаат можност да дегустираат и врвни вина од регионот и пошироко.
Водечкиот карактер на Винодонија 2025 ќе дојде до израз и преку едукативните работилници и предавања. Еминентни експерти од винската индустрија ќе споделат свои знаења на специјални мастер-клас дегустации и интерактивни сесии, кои се наменети за сите – од искусни вински познавачи до оние кои сакаат да ја продлабочат својата љубов и разбирање за виното.
Македонија
Магла кај Ресен и Удово, видливоста е намалена
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Намалена видливост поради магла до 50 метри има кај Ресен и Удово, информира АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Во сила е законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

