Економија
Денеска се исплаќаат 235 милиони денари субвенции за тутунот
Денеска ќе се исплатат 235 милиони денари или речиси 3,9 милиони евра субвенции за тутунот од реколтата 2017, на 3 828 тутунопроизводители. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство соопшти дека оваа сума е дел од преостанатите 20 отсто за исплата на субвенциите за тутунот.
„Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ги обработува решенијата за преостанатите субвенции за тутунот, и се очекува исплатата комплетно да заврши во текот на следната недела. Минатата недела се исплатија 22 милиони евра, или околу 80 отсто од вкупната сума за исплата на субвенции за тутунот, на 20 880 тутунари. Сумирано со денешната исплата, досега се исплатени близу 26 милиони евра за субвенции за тутунот од реколтата 2017 за 24 708 тутунари“, соопшти Министерството.
Оттаму велат дека тутунарите добија зголемени субвенции за тутунот, односно според новиот модел на субвенцирање со кој субвенцијата за прва класа тутун е 80 денари за килограм, за втора класа 70 денари, а за трета, четврта и дополнителните класи субвенцијата изнесува 60 денари за килограм.
Целта на новиот модел на зголемено субвенционирање, додава МЗШВ, е да се поттикнат тутунарите да произведуваат поквалитетен тутун за да добијат повисока субвенција.
„Оваа година се постигна и убедливо највисока просечна цена за тутунот од 217,6 денари за килограм.
Тутунопроизводството е значајна гранка за македонското земјоделство, којашто носи девизен прилив од околу 100 милиони евра годишно“, заклучи Министерството.
Во насока на создавање поволни услови и поттикнување развој на оваа култура, МЗШВ го најавува и новиот закон за тутун, кој е во финална фаза. Со него се предвидува укинување на поднесувањето евидентни листови, со што најавуваат олеснување на административните процедури.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Средба Славески – Варнс: Стабилниот финансиски систем и модерните платни решенија се основа за инвестиции и економски раст
Гувернерот на Народната банка Трајко Славески оствари средба со вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија Никол Варнс, на која беа разменети мислења за економските текови, институционалниот развој на Народната банка и реформските процеси насочени кон поддршка на економскиот раст и евроинтеграцијата.
На средбата беше истакнато дека Народната банка постојано го јакне својот институционален капацитет преку бројни развојни проекти, со посебен акцент на модернизацијата на платните системи. Современите и ефикасни платни решенија придонесуваат за поголема сигурност, побрз проток на финансиски средства и олеснување на деловното работење, што е значајно за подобрување на инвестициската клима.
Гувернерот Славески нагласи дека одржувањето на макроекономската стабилност и финансиската стабилност е врвен приоритет на Народната банка, како основа за создавање стабилни и предвидливи економски услови, заради поттикнување на домашните и странските инвестиции и за одржлив економски раст.
Во разговорот, гувернерот Славески се осврна и на пристапувањето на земјава кон Единствената област за плаќање во евра (СЕПА), оценувајќи дека станува збор за историски чекор за македонската економија. Тој посочи дека со пристапувањето кон СЕПА, на македонските граѓани и компании им се овозможи да вршат побрзи, поефикасни и поевтини плаќања во евра, и тоа уште пред полноправното членство на земјава во Европската Унија.
Гувернерот нагласи дека со воспоставувањето клон на ТИПС, развиен со поддршка на Европската централна банка, се официјализира почетокот на современ систем за инстант плаќања, што претставува значаен исчекор во модернизацијата на националната платежна инфраструктура и нејзиното регионално поврзување со земјите од Западен Балкан и со европскиот платежен простор. Со овој систем ќе се овозможи извршување плаќања во реално време, 24 часа дневно, седум дена во неделата, при што најголемиот дел од трансакциите ќе се обработуваат за неколку секунди. Новите решенија ќе овозможат едноставно иницирање плаќања, што ќе придонесе за побрзи, посигурни и поевтини трансакции за граѓаните и компаниите, како и за поефикасно работење на трговците.
Соговорниците ја потврдија подготвеноста за натамошно продлабочување на соработката и размената на искуства во областите од заемен интерес, заради поддршка на економската стабилност и реформските процеси во земјава.

