Македонија
Неофицијална средба на медицинските сестри со Заев за време на конгрес во Струга
Изминатиов викенд од 18 до 20 мај се случи првиот конгрес на медицинските сестри, техничари, акушерки, стоматолошки сестри и лаборанти во Струга. На конгресот присуствуваа над 300 здравствени работници, на 20 стручни предавања на тема: „Градење тимови во здравствената заштита за подобра и современа здравствена грижа на пациентите“, во организација на Унијата на ЗМСТАСЛ предводени од ЗМСТА – ЗА НАС.
„Особена чест и задоволство ни претставуваше неофицијалната средба со премиерот Зоран Заев токму на нашиот прв конгрес. Здружението ‘За нас’ минатата недела прослави една година постоење и над 5000 членови во Унијата на ниво на целата република, па позитивните реакции и наклонетоста кон изнаоѓањето решенија за нашите проблеми од страна на премиерот ни дадоа навистина голем поттик и во нашата натамошната работа. Конгресот помина во најдобар ред, најважно што добивме голема поддршка не само од нашите членови туку и од пациентите и од нивните здруженија, како и од организацијата „Лулка“ каде свое предавање имаше и педијатарот Денис ал Кхалили. Споделивме и разработивме теми кои се од голема важност за сите нас, особено што акцентот го ставивме на тимската работа и на квалитетната здравствена грижа за пациентите“, велат од здружението.
Додаваат дека во текот на неделава ќе го објават и својот прв зборник во контекст на конгресот што измина.
На конгресот присуствуваше и Елсон Јачари, претседател на Здружението на медицински сестри од Албанија, кој исто така се обрати на присутните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова на отворањето на Зимската школа: Македонскиот јазик е темел на идентитетот и културната самосвест
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова преку видео-порака се обрати на свеченото отворање на Шестата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, која се одржува под нејзино покровителство.
Сиљановска-Давкова ја оцени Зимската школа како значаен настан што ја продолжува долгата научна и културна традиција на македонистиката и нагласи дека таа претставува жива академска дебата за македонскиот јазик како темел на идентитетот, меморијата и културната самосвест.
Таа посочи дека во услови на забрзани промени, дигитализација и глобални влијанија, македонскиот јазик мора да биде функционален и видлив во дигиталниот свет и да остане жив за идните генерации, како во земјата, така и во дијаспората.
Според неа, Зимската школа е влог и инвестиција во иднината на македонскиот јазик и македонистиката како светска научна мрежа, а како успешен пример на образовна и научна дипломатија придонесува за меѓунационалниот дијалог и меѓусебното идентитетско разбирање и признавање.
Во обраќањето, претседателката ја истакна и улогата на лекторатите по македонски јазик како културни пунктови и жаришта на македонистиката и изрази надеж за нивно зголемување. Таа ја прогласи Шестата зимска школа за отворена и им посака плодна и инспиративна работа на учесниците.
Македонија
Судењето за „Пулс“ почна со предупредување за родителите на загинатите дека ќе бидат исклучени, по тензиите со бранителката на Јованови
Денешното судење за пожарот во кочанскиот клуб „Пулс“ со 63 жртви и над 200 повредени почна со предупредување за родителите на загинатите кои го следат судењето. Пред да почне сослушувањето на сведоците, судијката Диана Груевска-Илиевска ги предупреди родителите на загинатите да го почитуваат редот во судницата и им објасни дека сите обвинети имаат право на адвокат, по тензијата од минатото рочиште. Ги предупреди дека ќе бидат исклучени од судењето доколку го нарушат редот во судницата, а исклучување на јавноста на следното нарушување на редот побара и адвокатката на сопственикот на „Пулс“ и неговиот син, Ивана Коцевска.
Адвокатката Коцевска во саботата побара сите надлежни органи да преземат мерки поради тоа што, како што кажа, нејзиниот лик бил „злоупотребен и фотошопиран во небулозна форма“ на транспарент за време на „Маршот на ангелите“ во Кочани.
Родителите на загинатите, пак, тврдат дека е неточно тврдењето дека на транспарентот била адвокатката Коцевска, дека тие воопшто не ја споменале, но таа се препознала.
„На постерот не се препознавате само вие, се препознаваат и други лица кои имаат физичка сличност со ликот, но никој од нив не реагираше ниту ја толкуваше пораката како напад. Единствено, вие адвокатке Коцевска излеговте со тврдења дека сте биле лично засегнати. А зошто? Ние семејствата не ве ни споменавме, ниту ве нападнавме. Ние семејствата се бориме за вистината за изгубените животи на нашите најмили“, рече Александар Наунов, татко на загинатата Надица Наунова.
На денешното рочиште ќе сведочат петмина сведоци на Обвинителството кои го преживеале пожарот во „Пулс“.
Македонија
(Видео) СДСМ алармира за унгарско медиумско влијание
Антикорупцискиот тим на СДСМ го разоткрил, како што наведуваат, „медиумскиот октопод“ поврзан со ВМРО-ДПМНЕ, кој, според нив, функционира како политичка алатка за ширење на влијанието на унгарскиот премиер Виктор Орбан во Северна Македонија.
На прес-конференција, членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, изјави дека унгарски компании и поранешни високи функционери од унгарскиот јавен сервис систематски купувале контролни удели во македонски телевизии и портали. Како примери ги наведе фирмите „Target Media“ и „Adinamic Media“, како и медиумските групации поврзани со Алфа ТВ и повеќе онлајн портали.
Според Фрчкоски, овие структури служат како канали за политичко и идеолошко влијание и се дел од поширок проект на Орбан, во кој ВМРО дејствува како локален извршител. Во тој контекст, тој ја спомена и одлуката на Владата за влез на унгарската компанија 4iG во телекомуникацискиот сектор.

