Свет
Британските дипломати ќe ја користат Амбасадата на САД во Ерусалим иако се противеа на нејзиното преселување
Британските дипломати во Израел сепак ќе соработуваат со Американците преку новата американска амбасада во Ерусалим, пренесува „Раша тудеј“ цитирајќи британски министер. Иако е најблизок европски сојузник на САД, Велика Британија ѝ се приклучи на меѓународната заедница во бојкотирањето на церемонијата за отворање на Амбасадата на САД во Ерусалим минатата недела кое поттикна насилни судири меѓу палестинските демонстранти и израелската армија на границата во Појасот Газа во кои загинаа најмалку 60 лица. Велика Британија се вклучи во меѓународниот протест, повикувајќи ги израелските сили да покажат воздржаност во смирувањета на немирите истовремено осудувајќи ја одлуката на САД.
„Веруваме дека ова е игра со погрешна карта во погрешно време”, рече тогаш британскиот секретар за надворешни работи, Борис Џонсон.
Сега се дознава дека обидот на Велика Британија да му се спротивстави на својот главен сојузник можеби е краткотраен. Само три дена подоцна, британскиот министер за Блискиот Исток, Алистер Барт, наводно, им рекол на членовите на Британскиот совет за палестинска политика дека Британија не е подготвена да оди дотаму да одбие да влезе во американската амбасада.
„Кога му рековме да потврди [дека] британските функционери нема да присуствуваат на состаноците во амбасадата бидејќи Велика Британија не ја признава, тој беше многу јасен дека ќе присуствуваат”, извор кој присуствувал на средбата со Барт изјави за „Мидл Ист ај“.
Само две други земји – Гватемала и Парагвај – го следеа потегот на САД и ги преселија своите амбасади во Ерусалим за кој Израел смета дека е нејзин единствен и неподелен главен град, идеја која нема поддршка од меѓународната заедница. Како и мнозинството земји, Велика Британија го поддржува решението за две држави во кое Ерусалим е предвиден како заеднички главен град на државите Израел и Палестина.
Контроверзноста околу плановите на Британија да им дозволи на своите дипломати да ја посетуваат Амбасадата на САД во Ерусалим е уште еден двосмислетен сигнал од Лондон во врска со последните случувања во палестинско-израелскиот спор. Во петокот Британија се воздржа од гласањето на Советот за човекови права на ОН да почне истрага за воени злосторства во врска со брутално острите мерки против палестинските демонстранти од страна на Израел. Само две земји – САД и Австралија – гласаа против резолуцијата. Одлуката беше критикувана од секретарот за надворешни работи во сенка, Емили Торнбери, од Лабуристичката партија, која рече дека е згрозена што владата на Британија не поддржа независна истрага.
Начинот на кој Британија прво им се спротивстави на САД за само неколку дена подоцна да му се умилкува на американскиот претседател, Доналд Трамп, е крајно лицемерие, вели Питер Форд, поранешен амбасадор на Велика Британија во Сирија. Тој го отфрли аргументот дека со одржување на контакти со Амбасадата на САД во Ерусалим, Велика Британија може да има подобар поддршка од Вашингтон.
Поранешниот дипломат тврди дека работите ќе биле многу различни ако не беа САД тие што ја преселија својата амбасада, туку Русија.
„Дали британската позиција ќе беше да продолжи да соработува со Русија? Нема шанси. Ќе имаше ужасни протести, ќе се најдеа правни аргументи за да се оправда позицијата на Велика Британија да нема никаква врска со таа руска амбасада. Тоа се двојни стандарди. ”
Неспособноста на Велика Британија да ги поддржи своите зборови со дела дополнително го охрабрува Трамп и поставува опасен преседан по излегувањето на САД од нуклеарната спогодба со Иран, истакна тој.
„Тоа е пропуштена можност која прави да изгледа дека Трамп да може насила да си го тера своето покрај Европејците и тоа е многу лош преседан во контекст на Иран”.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Секој Евреин што ќе гласа за Мамдани е глупав човек
Американскиот претседател Доналд Трамп ги повика Евреите во Њујорк да не гласаат за кандидатот на левото крило на Демократската партија, Зохран Мамдани, нарекувајќи го „докажан мразител на Евреите“.
„Секој Евреин што ќе гласа за Зохран Мамдани е глупaв човек!“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social, обвинувајќи го 34-годишниот кандидат дека „ги мрази Евреите“. Мамдани, муслимански демократски социјалист роден во Уганда, е познат поддржувач на палестинската кауза и застапник на кампањата за бојкот и санкции против Израел.
Во обид да ги смири реакциите, Мамдани во последните месеци јавно се изјаснува против антисемитизмот. Тој води во анкетите со 41 отсто поддршка, пред поранешниот гувернер Ендру Куомо, кој има 34 отсто и ја има поддршката на Трамп.
Трамп претходно се закани дека ќе му ги ускрати федералните средства на Њујорк ако Мамдани победи на изборите за градоначалник.
Свет
Глобалното затоплување ќе ја надмине границата од 1,5 степени, предупредува ОН
Светот нема да го исполни климатскиот цел од ограничување на затоплувањето на 1,5 степени Целзиусови, соопшти Програмата на Обединетите нации за животна средина (UNEP). Според годишниот извештај, поради недоволните мерки за намалување на емисиите на стакленички гасови, глобалната температура во следната деценија ќе ја надмине целта утврдена со Парискиот договор од 2015 година.
UNEP предупредува дека сегашните политики водат кон раст на температурите од 2,3 до 2,5 степени, што ќе биде „тешко да се преобрати“. Иако е постигнат напредок во однос на пред десет години – кога прогнозите укажуваа на пораст до четири степени – емисиите и понатаму растат, бидејќи земјите се потпираат на јаглен, нафта и гас за производство на енергија.
Овие податоци, според агенцијата, дополнително ќе го засилат притисокот пред климатскиот самит COP30, на кој државите ќе разговараат за побрзо финансирање на мерките за ублажување на глобалното затоплување.
Свет
Германија им нуди пари на Авганистанците ако се откажат од доаѓање во земјата
Германската влада им понудила финансиска надомест на Авганистанците кои имаат одобрение за прием во Германија, доколку доброволно се откажат од тоа одобрение за влез во земјата.
Според документот на Германското друштво за меѓународна соработка, понудата се однесува на околу 660 лица кои сега се во Пакистан. Поединци што ќе прифатат, ќе добијат еднократна исплата — 1500 евра во Пакистан и дополнителни 5000 евра како „помош за нов почеток“, но со тоа ќе се откажат од сите идни побарувања кон германската влада.
Министерството за внатрешни работи објаснило дека не може да гарантира навремен завршеток на програмата за прием поради административни пречки и рокови што ги поставила пакистанската влада.
Хуманитарни организации ја осудија понудата, нарекувајќи ја „лоша“ и „недоволна“. Според нив, износот не го покрива ниту дел од трошоците што бегалците веќе ги направиле, а враќањето во Авганистан би значело ризик за нивниот живот под талибанскиот режим.
Во меѓувреме, неколку авганистански семејства што поднеле тужби против германската држава успеале да добијат дозвола за влез и пристигнале во Хановер.

