Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Нон-пејперот ги сруши лажните ветувања на Заев и Шекеринска
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека во нон пејперот на европските земји се евидентира целата неспособност на Владата предводена од Зоран Заев, која, како што обвинуваат од партијата, ги клекна на колена економијата, правната држава и судството.
„Како државата тоне, така СДСМ го принудува судството да носи срамни и нарачани одлуки кои се далеку од европските практики и стандарди. СДСМ и Заев создадоа атмосфера на прогон и политички монтирани случаи со цел секој што се противи на оваа власт да биде изложен на притисок. Сите се на удар на оваа ненародна власт, освен криминалниот картел, кој е заштитен како бела мечка, дури и во чисти случаи на корупција како ‘Евро за Вицето’ и двајцата функционери во Владата за кои и саниот Заев кажа дека се корумпирани ама никој не ги гони“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ, како што велат, ја понижил интелигенцијата на лекарите на кои им беше ветена плата од 100 илјади денари и просечна плата од 500 евра за граѓаните.
„Ги излажаа сите со 600 километри нови автопатишта, подобро здравство, образование, земјоделство. Излажаа дека ќе се грижат за националните и државни интереси, а гледаме дека ги распродаваат како на пазар. На секое поле се случува крах, освен само на полето на картелските и клановските бизниси кои цветаат, заштитени директно од власта. Тоа се гледа не само од Европа, туку и од месечината. Затоа е и овој нон-пејпер кој ги нотира сите катастрофални политики и анти-реформи кои ги прави оваа власт“, се наведува во соопштението.
Сериозни држави како што се Франција, Холандија и Данска, според ВМРО-ДПМНЕ, јасно го кажуваат тоа што владините мегафони сакаат да го сокријат.
„Истите тие мегафони сега пробуваат да се вадат со разни изговори, па дури и критики кон овие докажани земји пријатели на Македонија. Урнисувањето и цунамито на секој план се симболот на оваа влада и ова мора да престане час поскоро. Затоа на 2 јуни ВМРО-ДПМНЕ ќе застане на чело на сенародниот протест на кој сите оние кои ѝ мислат добро на државата и се противат на оваа ненародна власт ќе излезат и јавно, јасно и гласно ќе им покажат дека доволно си играа власт, дека цената за оваа игранка нема да ја плаќа Република Македонија. На нашата држава ѝ треба сериозна економска политика, со тоа ќе ставиме крај на осиромашувањето на граѓаните. Потребна ни е стабилна надворешна политика и партнерство наместо непријателство, наместо распродавање на националните и државни интереси. Заканите, монтираните судски процеси нема да го одврати оној кој не се согласува со антидржавната и деградирачка политика на Заев и свитата околу него“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Грипот ја однесе првата жртва: почина 75-годишна жена
Вирусот на грипот ја однесе првата жртва оваа зима. Седумдесет и петгодишна жена починала пред три дена на Клиниката за инфективни болести. Пациентката имала повеќе коморбидитети и не била вакцинирана против грип.
Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 25 пациенти со компликации од грип, oд кои повеќето се возрасни лица со хронични заболувања и невакцинирани од грип.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, пред неколку дена кажа дека пикот се очекува да биде во втората половина од овој месец и првата половина од февруари.
„Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека и бројот на лица коишто ќе бидат заболени од грип или заболувања слични на грип може да биде зголемен“, рече Андоновска.
Институтот за јавно здравје препорачува оние коишто не се заболени да избегнуваат колку што е можно некакви собири или да престојуваат во простории или трговски центри каде што има голем број на луѓе, да избегнуваат контакт со веќе заболени лица или оние што ќе пројават некакви симптоми на кивање и кашлање. Често да се мијат раце со обичен сапун и вода, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни навики – редовна хидратација со течности односно вода, лесна храна, витамини, минерали.
Македонија
Зајкова: Една изборна единица има смисла само со отворени листи
Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова, реагираше по одржаната лидерска средба во Клубот на пратеници, оценувајќи дека нејзиниот исход е „0 проценти економија и 100 проценти политика“.
„Очекуваниот исход од ‘лидерската’ средба е 0% економија и 100% политика. Една изборна единица има смисла само со отворени листи. Во спротивно, како и денес, само неколку мажи ќе продолжат да ја дефинираат судбината на Македонија, наместо граѓаните. Моќта и финансиите ќе останат кај нив, а за народот — трошки. Со отворени листи ќе има поодговорни народни избраници, а со тоа и повеќе пари за граѓаните“, напиша Зајкова на својот Фејсбук профил.
Од ЛДП посочуваат дека лидерската средба има смисла само доколку отвори суштински прашања што директно го засегаат животот и животниот стандард на граѓаните, а не доколку се сведе исклучиво на дилемата за укинување или задржување на техничката влада.
Во соопштението се наведува и дека, иако Зајкова е пратеничка и единствена жена-лидер на партија во Македонија, таа не добила покана за учество на средбата. Организаторите, како што се посочува, одлучиле да поканат само претставници на партии кои имаат пратенички групи во Собранието.
„Лидерските средби не треба да бидат поле за дневно-политички надмудрувања и покажување мускули, туку простор за носење решенија и одлуки што ќе придонесат за подобра иднина на сите граѓани“, наведуваат од Либерално-демократската партија.
Македонија
„Пирамид Билдинг Солушнс“ бара извинување по обвинувањата на СДСМ: Работиме повеќе од 15 години без ниту еден скандал
Компанијата Пирамид Билдинг Солушнс ДООЕЛ Скопје бара јавно извинување од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во рок од 24 часа, поради, како што наведува, јавни напади, клевети и тенденциозно пласирани информации изнесени од претставниците на оваа партија на прес-конференциите на Јон Фрчковски и Петар Огненовиќ.
Во однос на обвинувањата за склучени договори со општини под водство на ВМРО-ДПМНЕ, компанијата објаснува дека станува збор за селективно прикажување на факти со кое се создава искривена слика за нејзиното работење и се нанесува сериозна штета врз угледот, интегритетот и деловната репутација.
Оттука истакнуваат дека повеќе од 15 години успешно опстојуваат и работат на македонскиот пазар, без, како што наведуваат, ниту еден скандал, со доследно почитување на законите и процедурите и со континуиран раст базиран на квалитет и професионалност.
Во соопштението се додава и дека во јавните настапи на претставниците на СДСМ не бил спомнат клучен факт – дека токму во периодот на нивното владеење и раководење со институциите, компанијата добила значителен број договори за јавни набавки, кои биле целосно и успешно реализирани во согласност со законските прописи.
Како доказ за транспарентно и законско работење, компанијата доставува и табела со склучени и реализирани договори за јавни набавки по години и институции раководени од функционери на СДСМ.
„Апелираме бизнисот да се остави надвор од дневно-политичките пресметки и да не се користат инсинуации и неосновани обвинувања за политички цели“, се наведува во соопштението.
Од Пирамид Билдинг Солушнс порачуваат дека, доколку не добијат јавно извинување во наведениот рок, ќе бидат принудени да ги искористат сите расположливи правни механизми за заштита на своите права, углед и деловен интегритет.

