Македонија
Граѓанските активисти не се предомислија: Гасоводот на Водно е штетен проект
По разгледување на документацијата доставена на увид, реалната слика на терен и врз основа на водените разговори со надлежните институции и фирмите вклучени во изградбата, граѓанските еколошки иницијативи остануваат против изградба на гасоводот низ парк-шумата Водно.
Во соопштението од граѓанските иницијативи: Го сакам Водно, О2 Коалиција, Зелено Тафталиџе, Стоп на загадувањето, Екокарпош 3,2,1, Спас за Водно, Ние сме Карпош 4, Скопје смог-аларм и Сакаме Аеродром да дише се наведува дека парк-шумата Водно е заштитено подрачје и дом на загрозени, ретки и ендемични видови.

„Трасата на гасоводот, 11 километри по Водно, би поминала низ над 4 километри високостеблеста шума, даб (благун и горун) и габер (бел и воден), црн бор, со ширина помеѓу 25 до 10 метри односно 10 до 4 хектари шума), дел низ т.н. нискостеблеста шума, би ги уништила живеалиштата на значајни видови, од кои еден е ендемичен скакулец кој живее само на Водно (Poecilimon vodnensis), потоа растението Fritillaria gussichiae, кое има меѓународен статус на заштита и се наоѓа на разни листи, од Светската црвена листа на видови кои исчезнуваат, Европски загрозените видови, Бернската конвенција, Хабитат директивата, како и на неколку ретки и значајни видови печурки. Дел од трасата поминува низ строго заштитена зона, според ревалоризацијата на парк-шумата Водно, која носи повисок степен на заштита. Минирањето на камењарите и тревестите делови, т.н. голи појаси на трасата, би уништило голем биодиверзитет и ретки видови со кои обилуваат“, се вели во соопштението.
Активистите наведуваат дека гасоводот започнува од јужната страна од с. Сопиште, при што преку срт оди кон врвот на Водно, па паралелно со пешачката патека кон Бункерите, цело време низ шума, по што повторно преку шума оди до Бел Камен, од каде се спушта кон с. Шишево. Според активистите, ова претставува една од поомилените рекреативни зони на скопјани, особено по изградбата на жичницата, а посебно популарна од отпочнување на градежните работи на кулата на АЕК, поради која посетителите веќе го избегнуваат врвот Крстовар.

Покрај природните вредности, се вели во соопштението, парк-шума Водно содржи и значајни палеонтолошки и археолошки наоди кои со ископот на трасата и минирањето, потенцијалните наоди би биле неповратно уништени.
Во соопштението на активистите се наведува дека со оглед дека постои алтернативно решение, кое поминува од северната страна на Скопје и кое било разгледувано во 4 од можните 5 варијанти на оваа траса, штетите нанесени на парк-шумата Водно се неоправдани.
„Во студијата за оцена на влијанието врз животната средина на проектот се наведува дека избраната траса бара минимална експропријација. Најголемиот дел од трасата низ Водно е државно земјиште. Но, минимална експропријација не смее никогаш да биде причина за избор на траса, особено кога тоа значи градење низ заштитено подрачје. При тоа 56 километри од целата траса, заедно со кракот за Тетово, имаат незавршен процес на експропријација и Владата само за оваа година планира да потроши околу 6 милиони евра за решавање на имотно-правните односи на овој дел од гасоводот, делница 5. Што значи, стопирањето на гасоводот низ Водно и одобрување на алтернативна траса за тој потег не е главната пречка за изградба на гасоводот до Тетово и Гостивар.
Дополнителна причина за изборот на оваа траса низ Водно, наведена од проектантите, е што не ги сече главните водоводни цевки од Рашче кон Скопје. Но во исто време, планираниот гасоводен крак за Косово го прави токму тоа, што повторно не го оправдува изборот на трасата низ парк-шумата Водно“, се истакнува во соопштението.
Освен горенаведеното, активистите истакнуваат дека има и недоследности во документацијата.
„Град Скопје, декември 2017 година, доставува одговор до МЕР во кој заклучува дека треба да се преиспита трасата на гасоводот, да се изготви нова оцена на влијание врз животната средина, како и да се повтори постапката за добивање на потребната документација за изградба на предметната делница на гасоводот. Од сите 53 документи наведени во Одобрението за градење, ниту еден не е документ со кој е одобрена градба во заштитено подрачје. Оцената на влијание врз животната средина за овој проект не го разработува делот на трасата на гасоводот кој поминува низ заштитената парк-шума Водно, и со тоа не се земени предвид влијанијата врз тој простор“, се наведува во соопштението и се додава дека постојат нелогичности и неслагање на датумите на поднесување барања, издавање на документите и склучувањата на договорите.
Граѓанските активисти истакнуваат дека ќе се борат со сите расположливи средства доколку се продолжи со работење на трасата низ парк-шума Водно. Тие велат дека се надеваат дека МЕР и Владата ќе одобрат алтернативна траса, со што парк-шума Водно ќе остане заштитена, а магистралинот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар ќе се изгради.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Герасимовски: Отстранета доградената дивоградба на ресторанот „Мечка“
Во рамките на акцијата за отстранување дивоградби, Општина Центар ја урна нелегалната доградба на ресторанот „Мечка“ во Дебар Маало.
Доградбата го блокираше тротоарот, дел од коловозот и пешачкиот простор, велат од Општината.

„Нема да дозволиме узурпирање на јавен простор поради приватни интереси. За секој објект каде што ќе утврдиме нерегуларности ќе издадеме решение за негово отстранување“, изјави градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски.

По неколку опомени и непостапување по издадените забелешки, механизацијата излезе на терен, во координација со инспекциските служби, и ја отстрани незаконски поставената конструкција, која го попречуваше нормалното движење на пешаците и функционирањето на сообраќајот, велат од Општината.

„Жителите на Дебар Маало ја поздравија акцијата и ослободувањето на просторот што подолго време беше бесправно узурпиран.
Во тек е обемна и континуирана акција за воспоставување ред на јавните површини, со засилени инспекциски контроли и активности за расчистување на нелегално поставени објекти.

Целта е да се заштити јавниот интерес, како дел од пошироката стратегија за воспоставување ред во општината“, се додава во соопштението.
Македонија
Муцунски ја претстави националната стратегија за соработка со дијаспората 2025 – 2030
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска го претстави предлог-текстот на новата „Национална стратегија за соработка со дијаспората 2025–2030“, како петгодишен план за развој на соработката со претставниците од дијаспората, иселениците и припадниците на македонското национално малцинство.
„Денес не претставуваме само документ. Денес ја претставуваме нашата обврска, нашата зрелост и нашата одлучност како држава – конечно, вистински, системски и долгорочно да им се посветиме на нашите луѓе надвор од границите. Македонската дијаспора е најголемата, најсилната и најраспространетата мрежа што ја има нашата земја“, истакна Муцунски во своето обраќање.
„Ова не е Стратегија напишана зад затворени врати, туку во партнерство: институции, експерти, организации, професионалци и, најважно, дијаспората. Таа значи дека Владата ги слуша вашите потреби, предлози и критики. Оваа Стратегија значи дека државата се менува кон модерна, дигитална, достапна и доверлива администрација. Значи дека државата создава систем, а не импровизација; партнерство, а не протокол; долгорочна визија, а не ад-хок мерки“, додаде тој.
Министерот Муцунски нагласи дека културата претставува најсилниот дипломат на државата, бидејќи ја пренесува нејзината душа и идентитет, кој продолжува да живее и преку дијаспората. Тој посочи дека институционалната поддршка за културата, образованието и јазикот е клучна, бидејќи токму јазикот и знаењето се корените што ја чуваат нашата посебност во глобализираниот свет.
Дополнително, истакна дека Стратегијата ја зајакнува националната самобитност и преку развојот на спортот и спортската дипломатија, чии успеси допираат до милиони. Притоа, подвлече дека со инклузивниот пристап при изработката на документот, државата ја гради заедно со сите граѓани, без разлика дали живеат во земјата или во странство, гледајќи на дијаспората не како на „заминати“, туку како мостови на соработка, амбасадори и партнери.
Покрај министерот за надворешни работи и надворешна трговија, на јавната дебата се обратија и неколку министри од клучни ресори важни за подобрување на односите на матичната земја со дијаспората.
На крај, претставниците од дијаспората, граѓанскиот сектор и академската заедница имаа можност да дебатираат на темите опфатени во Стратегијата, која во следните неколку дена ќе биде отворена за јавноста, а секоја заинтересирана страна ќе може да даде дополнителен придонес за нејзино понатамошно подобрување.
Македонија
Словенија ги призна возачките дозволи oд Македонија
Словенија усвои измени на Законот за возачи, со кои им се овозможува на носителите на возачки дозволи издадени во Македонија, кои живеат во Словенија, да ја заменат својата возачка дозвола без да го полагаат практичниот дел од возачкиот испит.
Истите бенефиции важат и за лицата чии дозволи се издадени во БиХ, Србија, Црна Гора и Косово.
Според новите правила, секој што има регистрирано живеалиште во Словенија ќе може да ја замени својата возачка дозвола во рок од една година од аплицирањето. Практичниот дел од испитот нема да биде потребен, но ќе биде задолжително да се обезбеди доказ за ментална и физичка способност за возење.
Во име на предлагачот, Сандра Газинковски (Свобода) објасни дека овие измени не воведуваат никакви привилегии, туку ја отстрануваат непотребната нееднаквост.
„Тоа е административна пречка што ги забавува процедурите за вработување и им предизвикува на луѓето непотребни трошоци, чекање и дополнителни тестови“, изјави таа.

