Македонија
(Видео) Тодев: Доколку за 30 дена не бидат прифатени барањата, затворска полиција ќе излезе на улица
Независниот синдикат на полицијата им даде 30 дена рок на институциите да ги исполнат барањата на затворската полиција, односно да се потпише колективен договор со кој ќе бидат подобрени условите за работа на полицајците или во спротивно сите припадници на затворската полиција низ земјата ќе престанат со работа и ќе излезат на улица да протестираат.
„Откако ќе биде свикана комисијата која треба да ги одобри барањата, 30 дена е рокот тие да ги поминат сите процедурални комисии и да стигнат на пленарна седница. Во наредниот период доколку на сите овие прашања за кои денеска разговаравме наидеме на негативности, сите затворски полицајци ќе излезат на улица“, изјави претседателот на Незавнисниот синдикат на полицијата, Гоце Делчев Тодев.
Денеска гранскиот Независен синдикат на полицијата организираше синхронизиран протестен марш при што беа посетени две министерства, Министерството за земјоделство и Министерството за правда, каде раководството на синдикатот разговараше со надлежните со цел зголемување на правата и подобрување на условите за работа на затворската и шумската полиција.
„Во Министерството за земјоделство поминавме поедноставно, имавме еден час разговори со претставниците, а во Министерството за правда одеше поотежнато, со директорот на Управата за извршување и санкции разговаравме 2,5 часа“, вели Тодев.
Според него, исходот од разговорите е позитивен, сите барања се ставени на хартија и в среда треба да бидат доставени до комисијата каде претседателот на Независниот синдикат во КП Идризово ќе ги презентира забелешките со цел отстранување на негативностите кои во наредниот период треба да бидат надминати.
„Законот за затворската полиција мора да биде применлив, односно прифатен од сите директори во затворите и на се она што беше во минатото проблем да ставиме крај и да започнеме еден нормален процес за нивно функционирање“, додаде тој.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Андоновски на средби со технолошки лидери во САД: разговарано за теми од клучно значење за развојот на безбедна дигитална инфраструктура
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посетата на Соединетите Американски Држави ја започна со работна средба со MITRE Corporation, една од највлијателните и најдоверливи институции што со децении работат директно за Владата на САД во областа на сајбер безбедноста и управуваат со повеќе FFRDC центри (Federally Funded Research and Development Centers).
На средбата се разговараше за теми од клучно значење за современата држава и развојот на безбедна дигитална инфраструктура, меѓу кои: вештачка интелигенција и нови технологии со фокус на доверливост и валидација, сајбер безбедност и национална сајбер-отпорност за заштита на критична инфраструктура и државни платформи, дигитално управување и менаџмент на податоци за институционална дигитална зрелост и интероперабилност, како и области со високи безбедносни стандарди – авијација, безбедност и здравствен систем.
Средбата вклучи разговори со Beth Meinert (виш потпретседател и генерален директор), како и со Yosry Barsoum и Shamik Das од MITRE Corporation. Разговорот беше насочен кон тоа како се гради доверба во дигиталната држава, како се поставуваат јасни правила за одговорност и безбедност, и како институциите можат да носат подобри одлуки базирани на податоци, стандарди и мерливи резултати. Министерот Андоновски имаше можност да го посети и иновацискиот центар за истражување на MITRE, известува Министерството за дигитална трансформација.

Во рамки на посетата, министерот Андоновски заедно со владината делегација, која ја сочинуваат Игор Јанушев, Генерален секретар на Владата, и Златко Перински, Министер за локална самоуправа, остварија средба и со претставници на Microsoft, при што разговараа со Коззета Гарет, General Manager for Cyber Security Services во Microsoft, за актуелни предизвици и можности за унапредување на сајбер безбедноста, зајакнување на отпорноста на јавните системи и поддршка на дигиталната трансформација.
Делегацијата во САД ќе присуствува и на Молитвениот појадок, како дел од официјалната агенда на посетата.
Македонија
Дел од Сопиште денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 09:00 до 12:00 часот дел од корисниците, на село Горно Соње, општина Сопиште.
Македонија
Сообраќајот низ државата во зимски услови, магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица до 60 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

