Македонија
Мицкоски: Ветија и излажаа дека просечната плата ќе биде 500 евра
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска оствари средба со членовите и симпатизерите на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ – Тетово. Тој пред присутните истакна дека оваа ненародна влада на чело со Заев мора да замине час поскоро, а како причина за тоа ги наведе сите предизборни лаги и празни ветувања.
Мицкоски посочи дека капиталните инцестиции се на катастрофално ниско ниво. „Денес излегоа податоците за капиталните инвестиции. За 4 месеци владата има два ипол пати помалку капитални инвестиции од она што го сторила претходната влада истиот тој период лани. Значи го полнат буџетот со парите на граѓаните, но не го трошат за капитални инвестиции што ќе значи раст на стопанството, туку за други непродуктивни трошења. А како го полнат? Собрале 23 милиони евра повеќе врз основа на акциза, а таа е акциза е онаа што ја покачија на почетокот на годината. Значи директно од џебот на граѓаните преку поскапување на горивото, одат во буџетот, кој гледаме како непродуктивно го трошат. Тоа е истата акциза за која ВМРО-ДПМНЕ бараше да се укине, а власта го одби предлогот“, истакна Мицкоски.
Тој додаде дека данокот на добивка се полни со инвестиции направени од претходната влада. „Втората ставка по која што исто така ќе се пофалат е дека собрале повеќе средства во основ на данок на добивка, ама забораваат да кажат дека тие 25 милиони повеќе што ги собрале споредбено со минатата година се токму оние средства кои што „Џонсон Мети“ ги уплати во буџетот како данок на добивка. Откако некој претходно успеа да го убеди Џонсон Мети да дојде во Македонија, да инвестира, да вработува и да стопанисува десет години и откако му заврши повластениот период да не плаќа данок на добивка, ова е првата година кога Џонсон Мети плати данок на добивка. И тие средства сега се уплатени во Буџетот“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека „оваа криминална власт не само што не работи, туку и прави штета на граѓаните’.
„Картелот на власт не само што ја носи државата кон економски пропаст и банкрот, туку нема реализирано ниту еден проект, ниту пак има најава за започнување на некој проект. Ние ја викаме Влада за еднократна употреба или Влада само за едно прашање, тоа е суштината. Ќе речат на крајот од нашиот мандат просечната плата ќе биде 500 евра. Ама забораваат да кажат дека издале документ кој се вика фискална стратегија каде што предвидуваат во 2018 година просечната номинална плата ќе расте за 4%, а во 2019 и 2020 ќе растат 4,4% соодветниот период. Или ако ја видиме просечната плата во 2017 која што изнесува 23.850 денари, со овие покачувања кои што економијата ќе ги генерира на крајот од 2020 година, под услов да немаме предвремени парламентарни избори, просечната плата ќе биде околу 27 илјади денари. Повторно кажаа и повторно излажаа, а ветуваа 500 евра плата. Имаме влада која што лаже“, истакна Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР: Повторените локални избори завршија без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржаа во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одржаа во мирна, фер и демократска атмосфера, информираат од Министерството за внатрешни работи.
„МВР во текот на целиот ден презеде мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. Не беа регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир“, стои во известувањето од МВР.
Македонија
Состојба по обилните врнежи во Македонија: пресек на ЦУК до 18:30 часот
Центарот за управување со кризи направи пресек на состојбата по врнежите на територијата на Македонија до 18:30 часот.
Тетовски регион
Тетово
На патниот правец Тетово – Бањиче, пред ресторанот „Лумаре“, има падната голема карпа на коловозот со опасност од дополнителни одрони. За настанот се известени ЈКП Тетово, СВР Тетово и ДЗС, кои преземаат мерки согласно надлежностите.
Состојбата во градот и околината е стабилна, патната инфраструктура е проодна, а коловозите се претежно влажни.
Гостивар – Маврово
Кај каменоломот е евидентиран одрон на патниот правец Гостивар – Маврово. Надлежните служби се известени и најавено е расчистување и обезбедување на сообраќајот.
Тиквешки регион
Кавадарци
Во ридско-планинскиот дел се интервенира со два камиона на патните правци Кавадарци – Мушов Гроб – Мрежичко, Мушов Гроб – Михајлово и Страгово – Горна Бошава. Сите патишта се проодни во зимски услови. Висината на снежната покривка е до 15 см. Во останатите населени места нема снег.
Североисточен регион
Куманово, Липково и Старо Нагоричане
Нема излевање на реките, а водостоите се во опаѓање. Патот од с. Пелинце до Граничен премин Пелинце беше подмрзнат и небезбеден, по што е извршена интервенција и патот е расчистен.
Крива Паланка
Сите локални и регионални патни правци се проодни и чисти. Интервенирано е на патот кон манастирот Св. Јоаким Осоговски поради одрон.
Ранковце
Патот од с. Пклиште до с. Герман е затрупан со снег и е испратена механизација за расчистување. Делницата е со кашаст снег и отежнато движење.
Кратово
Сите локални патни правци се проодни. Водостоите на реките не претставуваат опасност од излевање.
Источен регион
Штип
Нема врнежи. Водостоите се зголемени, но без опасност од поплавување. На патните правци Истибања – Делчево – граничен премин, Виница – Берово и Штип – Неготино има помали одрони кои редовно се расчистуваат.
Југозападен регион
Охрид
Реката Сушица е ставена под контрола со насип. Сè уште има поплавени подруми и дворови на повеќе локации.
Струга
Во селата Мислешево и Калишта има поплавени дворови. Санирањето е отежнато поради непречено истекување на водата.
Дебар
Реката Радика има зголемен водостој без опасност од излевање. Има помали одрони на патните правци Жировница – Дебар и Дебар – Струга, кои редовно се расчистуваат.
Кичево
Водостоите на Зајашка река и Треска се намалени и нема опасност од нови поплави. Во тек е состанок на општинскиот кризен штаб за проценка на штети и планирање на санација.
Пелагониски регион
Демир Хисар
Поради оштетување на мостот на Боишка Река, локалниот пат кон с. Мренога е затворен за сообраќај.
Битола
Состојбата во градското подрачје е нормализирана. Во околните места водата се повлекува од поплавените површини.
Крушево
Сите локални и регионални патни правци се исчистени, посолени и проодни.
Ресен
Поплавени се земјоделски површини, но водата се повлекува. Во тек е интервенција со градежна механизација за расчистување на коритото на Голема Река.
Новаци
Нивото на река Црна изнесува 320 см и се следи континуирано.
Македонија
(Видео) ДИК: Излезноста на повторените локални избори во четири општини до 18:30 часот е 28,07 проценти
Државната изборна комисија соопшти дека излезноста на повторените избори до 18:30 часот изнесува 28,07 отсто.
По општини:
– Врапчиште: 31,76 %
– Гостивар: 28,22 %
– Маврово и Ростуше: 28,04 %
– Центар Жупа: 13,18 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека поради задоцнето отворање, ќе има продолжување на пет избирачки места, три во Гостивар и две во Маврово-Ростуше. Најдолгото продолжување на гласањето во траење од 2 часа и 45 минути ќе биде на избирачко место 503 во Гостивар.
На избирачкото место 0782 во Ќафа немало гласање бидејќи тоа воопшто не било отворено.

