Македонија
Заев: До петок ќе разговарам со Ципрас, очекувам исчекор во преговорите за името
																								
												
												
											„Никогаш не сме биле поблиску до решение со Грција, а пријателството меѓу двата народа никогаш не било поголемо. Името и идентитетот се заштитени. Ќе има референдум, граѓаните ќе го имаат конечниот глас на референдумот“, порача премиерот Зоран Заев пред Владата каде денеска со министрите дадоа отчет за едногодишното работење.
Тој е дециден дека сè уште нема конечен договор за името, дека се договорени принципи и начела и се работи на правно-формалниот спект на договорот. Тој најави дека деновиве ќе разговара со грчкиот премиер Алексис Ципрас на кој очекува да биде постигнат исчекор.
„Следува разговор меѓу мене и Ципрас – денес, утре, до петок, на кој очекувам да направиме исчекор. Ги следиме сите шпелулации, штом имаме информација, ќе ја споделиме со јавноста“, рече Заев.
Тој не коментираше дали сè уште се во игра предлозите Северна Македонија и Илинденска Македонија. „Не би дал коментари за одредени одредници за името затоа што сме во финална фаза за можно решавање“, рече Заев.
Во однос на забелешките на претседателот Ѓорге Иванов, премиерот рече дека тој бил детално информиран на лидерската средба. Најави дека министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска ќе побара средба со претседателот Иванов за да го информира за сите детали за кои е разговарано во Брисел.
По средбата со Ципрас, повторно ќе биде информиран и претседателот Иванов и сите институции за текот на разговорите, додаде Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
																	
																															Македонија
Почнува изградбата на железничкиот тунел што ќе ги поврзува Македонија и Бугарија, утре министрите на двете земји ќе го потпишат договорот
														Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, утре, 6 ноември, заедно со вицепремиерот и министер за транспорт и врски на Република Бугарија, Гроздан Караџов, ќе го потпишат догорворот за подготовка, изградба и оперативност на меѓуграничниот железнички тунел на Коридорот 8.
На потпишувањето, кое ќе биде на железничката станица Ѓуешево, предвидено е да присуствуваат претставници на Европската комисија, претставници на НАТО, претставници на САД на Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој, како и претставници на Светската банка.
Изградбата на железничкиот тунел ќе претставува меѓугранична точка на двете држави на Коридорот 8. Проектираната должина на тунелот е околу 2,4 км, од кој 1,2 км се наоѓа на територијата на Македонија.
Изградбата на железничкиот Коридор 8, покрај економското значење за Македонија и регионот, има и безбедносно значење во рамките на НАТО. Во таа насока, на источниот Коридор 8 веќе е изградена и пуштена за сообраќај пругата од Куманово до Бељаковце. Делницата од Бељаковце до Крива Паланка е во фаза на изградба, а интензивно се работи и на подготовка за третата делница од Крива Паланка до границата со Република Бугарија, која во продолжение ќе го опфати и тунелското решение.
Македонија
Воведена нова процедура на Клиниката за кардиологија, пациентите со сложени срцеви аритмии повеќе нема да бидат упатувани во странство
														Министерот за здравство Азир Алиу денеска ја посети Универзитетската клиника за кардиологија по повод извршената прва аблација за коморна тахикардија во нашата држава.
„Со воведувањето на новата процедура на Клиниката за кардиологија овозможуваме пациентите со сложени срцеви аритмии да бидат згрижени и соодветно третирани во оваа врвна терциерна установа, без да има потреба да бидат упатувани во странство. Тимот од оваа клиника покажа дека во македонското здравство постои знаење, храброст и визија за врвни резултати. Ова е голем чекор напред за нашето здравство и потврда дека инвестицијата во знаење, технологија и човечки потенцијал овозможува врвни резултати“, истакна министерот Алиу при посетата.
Директорката на Клиниката за кардиологија, Даница Петкоска-Спирова, изрази благодарност до целиот тим за посветеноста во работата и грижата за пациентите со кардиолошки заболувања.
„Министерството за здравство продолжува со поддршка на иницијативите за воведување нови процедури и методи во јавните здравствени установи, со цел унапредување на третманот на пациентите на сите нивоа на здравствена заштита“, порача министерот Алиу.
Македонија
Љутков ќе се обрати на 43. сесија на генералната конференција на УНЕСКО
														Министерот за култура и туризам Зоран Љутков ја предводи македонската делегација на 43. сесија на Генералната конференција на УНЕСКО што од 30 октомври до 13 ноември се одржува во Самарканд, Република Узбекистан.
Љутков утре (5 ноември) во Конгресниот центар „Патот на свилата“ во Самарканд ќе се обрати на дебатата посветена на генералните политики на Организацијата, на која учествуваат министри и претставници од земјите членки на УНЕСКО.
На Генералната конференција учествуваат претставници од над 200 земји и меѓународни организации. За време на двонеделното заседание ќе бидат усвоени значајни документи што ги одредуваат буџетот и програмата за работа на УНЕСКО за следниот период, а државите членки ќе изберат и членови на извршниот одбор. Се очекува во текот на Конференцијата да биде именуван и нов директор на Организацијата.
Одржувањето на Конференцијата во Самарканд е од особено значење бидејќи за првпат по повеќе од четири децении Генералната конференција на УНЕСКО се одржува надвор од седиштето на Организацијата во Париз.
Учеството на овој меѓународен собир, во кој Република Македонија е полноправна членка од 28 јуни 1993 година, ја потврдува континуираната посветеност на земјава кон целите и вредностите на УНЕСКО, а претставува и можност за унапредување на видливоста на македонската култура на глобално ниво.

