Македонија
Над 123 илјади граѓани во изминативе 20 години побарале помош од Народниот правобранител
Човековите права и слободи се принципи и стандарди врз кои се гради сегашноста, а јас мислам и иднината на човековата цивилизација. Токму затоа, во секое демократско општество, во секоја демократска држава во која имаме владеење на правото, овие права се штитат и се надградуваат, истакна претседателот на Собранието, Талат Џафери, по повод свеченото одбележување на 20 години Народен правобранител на Република Македонија.
Според него, во изминативе 20 години до Народниот правобранител се обратиле над 123 илјади граѓани. Ова зборува за тоа дека институцијата Народен правобранител кај нас станала препознатлива за граѓаните, а со своето работење стекнала и доверба во пошироката јавност кога станува збор за заштита на уставните и законските права на граѓаните, кога тие им се повредени од органите на државната управа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања.
„Фактот дека народниот правобранител, според Уставот и законот не е дел ниту од извршната, ниту од законодавната, ниту од судската власт, му обезбедува целосна независност ви-за-ви која било државна институција. Исто така, факт е дека во овие дваесет години на постоење и работење, Народниот правобранител се потврди како независна и високо професионална и стручна институција, која во своето работење поаѓа од принципите на еднаквост во заштитата на правата и слободите на граѓаните, без разлика на пол, боја, раса, вера, политичка припадност и слично. Човековите права и слободи се динамична категорија, но во исто време и многу ранлива категорија. Затоа, би било фарса ако заштитата на човековите права ја сведеме само на институцијата Народен правобранител“, истакна тој.
Според Џафери, надзорната функција на Собранието треба да биде искористена во функција на поголема заштита на човековите права. „Само да потсетам дека Собранието кое го избира народниот правобранител и кое секоја година го разгледува и усвојува извештајот за работата на народниот правобранител, токму преку тие извештаи може да ја насочи својата надзорна улога во функција на заштита и остварување на човековите права. И кога веќе ги спомнав годишните извештаи на народниот правобранител, мислам дека би било добро ако тие извештаи, по усвојувањето во Собрание, станат еден вид прирачник во работењето на секоја државна институција, без разлика дали станува збор за извршната или судската власт. Понатаму, овие извештаи, според мене, би требало да станат и дел од стручната литература на факултетите за правни и политички науки.
Посебна одговорност и улога во заштитата на човековите права има невладиниот сектор, потоа медиумите и другите општествени субјекти. Односно, потребно е сите заедно да работиме на подигањето на свеста и одговорноста на секој поединец и на секоја институција дека човековите права и слободи треба да се почитуваат, да се штитат и развиваат, бидејќи тие се темелот на демократијата. Затоа и денешното свечено одбележување на 20-годишнината од воспоставувањето на институцијата Народен правобранител, треба да ни биде пред сè поттик за многу поголемо и поефикасно почитување на човековите права и слободи од страна на државните институции. А со тоа, и враќање на довербата на граѓаните во институциите на државата, без разлика дали станува збор за извршната, законодавната или судската власт“, истакна Џафери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) ДИК со првични неофицијални резултати од повторените локални избори во четири општини
Државната изборна комисија (ДИК) вечерва ги објави првичните, неофицијални резултати од повторените избори во општините Врапчиште, Гостивар, Маврово Ростуше и Центар Жупа.
Врапчиште (излезност 32,37%)
– Исен Шабани (НАИ) – 5.355 гласа
– Зулхајрат Демири (Група избирачи) – 3.028 гласа
Гостивар (излезност 30,34%)
– Ваљбон Лимани (НАИ) – 14.519 гласа
– Невзат Бејта (ВЛЕН) – 7.174 гласа
Маврово Ростуше (излезност 28,51%)
– Онер Јакуповски (ВМРО-ДПМНЕ) – 1.906 гласа
– Анес Ахмети (СДСМ) – 938 гласа
Центар Жупа (излезност 13,26%)
– Аријан Ибраим (Демократска партија на Турците во Македонија) – 973 гласа
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, рече во текот на утрешниот ден Комисијата ќе ги соопшти првичните официјални резултати, по приемот и обработката на записниците од сите избирачки места.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Победата во Маврово-Ростуше е знак дека граѓаните наградуваат резултати, а кланот на Филипче доживува нов дебакл
„Денешниот изборен ден во четирите општини помина во демократска, мирна и достоинствена атмосфера. И покрај тешките временски услови и одредени технички предизвици, граѓаните слободно и одговорно го остварија своето право на глас. Тоа е јасна и недвосмислена потврда за демократскиот капацитет на државата и важна инвестиција во нејзината стабилност“, кажа на прес-конференција, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Овие избори покажаа дека институциите функционираат и дека демократските процеси се зацврстуваат. Во време на сериозни регионални и глобални предизвици, ова е вредност што мора да се чува и надградува, без разлика на политичките разлики. Во општина Маврово-Ростуше, ВМРО-ДПМНЕ оствари убедлива и многу важна победа. Онер Јакупоски е новиот градоначалник! Победа повеќе од двојна со над 1000 гласови разлика. Честитки за Онер, за сите симпатизери и за сите граѓани на Маврово-Ростуше. Оваа победа не е само локален резултат. Таа е јасна политичка порака. Порака дека граѓаните препознаваат работа, присуство на терен и одговорност. Порака дека не се наградуваат празни зборови, туку резултати“, истакна Мицкоски.
Оваа победа, вели тој, е „резултат на концептот што доследно го градиме: скромност, многу работа и реални решенија за секојдневните проблеми на граѓаните“.
„Во другите општини, изборната трка се водеше меѓу кандидати на други политички партии. Но целокупната политичка слика е повеќе од јасна. Со денешниот ден се заокружува резултатот од локалните избори во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ победи во вкупно 56 општини во државата. СДСМ во 6. Тоа не е случајност. Тоа е јасен политички суд на граѓаните. Ова претставува уште еден тежок дебакл за СДСМ и за актуелното раководство на таа политичка партија. По историскиот пораз на локалните избори во 2025 година, денешните избори се само потврда дека изиграната доверба има последици. Партијата која на национално ниво освои околу 140 илјади гласови не може сериозно да зборува во име на мнозинството, ниту да се претставува како силна и кредибилна опозиција“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Мицкоски, „проблемот на СДСМ не е само во изборните бројки“.
„Проблемот е многу подлабок. Тоа е пораз на политика што со години произведуваше криминал, конфликти, национални предавства и деструкција. Политика што ја држеше државата во место и ја трошеше енергијата на граѓаните. Затоа мора јасно да се каже: не станува збор само за блокади. СДСМ мора конечно да се соочи со сопственото коруптивно минато и со криминалците во своите редови. Без тоа расчистување, без јасна дистанца од корупцијата и криминалот, нема ниту кредибилитет, ниту доверба, ниту иднина оваа политичка партија. Македонија нема потреба од политика на навреди и ниски удари. Граѓаните се презаситени од политиканти кои бараат заштита во политиката за сопствените гревови. Оваа држава има потреба од борба на идеи, визии и програми. Од одговорна политичка конкуренција, а не од тоа кој погрубо и поневоспитано ќе навреди. Од другата страна е концептот што победува. Концептот на ред, стабилност и одговорност. Концептот на проекти, мерки и резултати. Концептот на држава што стои исправено и работи за своите граѓани, а не за тесните клановски интереси. Кланот на Венко Филипче доживува нов дебакл и тоа е резултатот кога се води политика на соопштенија напишани во други држави, а не борба на концепти и интересите за своите граѓани“, вели Мицкоски.
Македонија
МВР: Повторените локални избори завршија без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржаа во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одржаа во мирна, фер и демократска атмосфера, информираат од Министерството за внатрешни работи.
„МВР во текот на целиот ден презеде мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. Не беа регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир“, стои во известувањето од МВР.

