Македонија
(Видео) Рускиот професор Леонид Савин ги обучува кадрите на Единствена Македонија како да дојдат на власт
Рускиот професор и геополитички аналитичар Леонид Савин ги обучува кадрите на Единствена Македонија за доаѓањето на власт на партијата на наредните парламентарни избори. Обуката која траела три дена, од понеделникот до денеска, ја слушале педесет членови на Единствена Македонија, кои, како што кажа претседателот на партијата, Јанко Бачев, биле одбрани по строги критериуми.
„Цврсто сме решени да расчистиме со сите предавници на Република Македонија вклучувајќи ги ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Двете партии во изминатите 27 години украдоа пет милијарди марки и пет милијарди евра“, рече Бачев.
Тој истакна дека откако неговата партија ќе дојде на власт ќе направи ревизија и конфискација на парите и имотот со кои се стекнале двете партии од осамостојувањето на Република Македонија.
Рускиот професор Леонид Савин истакна дека третпат е во Македонија, овој пат повикан од страна на Единствена Македонија, да одржи обука на членовите со цел да бидат подготвени и правилно да ги извршуваат функциите кои ќе ги добијат по доаѓањето на власт.
„Важно е да се овозможи декодиран пристап на граѓаните со државната политика и институциите. Вакви обуки имаме во Србија, Либија и други земји. Целта легитимната влада да ја задржи уставотворноста на државата. Нашата цел не е да се наметнеме туку да овозможиме поширок спектар на избор за граѓаните“, рече Савин.
Претседателот на Единствена Македонија, Бачев, истакна дека обуката е финансирана од партијата и дека ниту еден странски фактор не стои зад партијата.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.
Македонија
Дожд и облаци утре, постудено на почетокот на следната седмица
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени, најавува УХМР.
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

