Македонија
Заев апелира за соработка со Народниот правобранител

Апелирам за максимална соработка со Народниот правобранител, изјави претседателот на Владата, Зоран Заев, кој денеска беше покровител на одбележувањето на 20-годишината од воспоставувањето и работата на институцијата Народен правобранител во Македонија.
„Aко некој има можност да ги поправи работите, тоа значи дека има должност да го стори тоа. Знаеме, како премиер и како Влада, дека Народниот правобранител е една од најважните алки меѓу граѓаните и системот во остварувањето на човековите слободи и права. Ве уверувам – ќе придонесеме, со сè што е во наша надлежност, за да го унапредиме ефикасното и достоинствено функционирање на институцијата Народен правобранител во Република Македонија“, порача Заев.
За време на обраќањето, тој истакна дека во Совет за следење на имплементација на значајните реформи во правосудството за период 2017 – 2022 година, член е и Народниот правобранител.
„Дадени се ингеренции на Народниот правобранител и во дефинирањето модел и правна рамка за надворешен независен механизам за надзор на работата на полицијата, во соработка со Советот на Европа и со Народниот правобранител. Согласно со усвоениот модел од Владата, за надворешниот механизам, во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ќе се формира посебно одделение кое ќе биде надлежно единствено за гонење на кривичните дела сторени од страна на вработените на МВР и припадниците на затворската полиција. Но исто така, и кај Народниот правобранител ќе се формира посебно одделение“, рече Заев.
Додаде дека посебното надворешно тело ќе биде дополнителен коректив на системот на истрага при кривични дела извршени од страна на овластени службени лица при Министерството за внатрешни работи и припадници на затворската полиција.
„Предвидено е во рамките на Народниот правобранител да биде формирана таа посебна организациска единица – механизам за граѓанска контрола, со тројца претставници од невладини организации, кои заедно со Народниот правобранител ќе преземаат потребни дејства и мерки за заштита“, додаде Заев.
Свеченоста за овој јубилеј, што се поклопува со одбележувањето на 10-годишнината од постоењето на Асоцијацијата на омбудсмани на Медитеранот, чијшто домаќин на Годишното собрание овие денови е нашата држава, се одржа во Собранието на Република Македонија. На неа се обратија премиерот Заев, претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, народниот правобранител Иџет Мемети, претседателка на Асоцијацијата на омбудсмани на Медитеранот и омбудсман на Република Албанија, Еринда Баланца, Бојана Урумова, заменик директорка во Канцеларијата на комесарката за човекови права на Советот на Европа, која пренесе порака од комесарката Дуња Мијатовиќ, а имаше и видеообраќање од Емили Орајли, европски омбудсман.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Гази Баба и Кисела Вода денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 09:30 часот, корисниците од село Инџиково од улиците: 3, 7, 14, дел од ул. 10 и дел од ул. Маџари. (Општина Гази Баба)
· од 08:30 до 15:30 часот, корисниците од дел од ул. Студеничанска и дел од ул. Драчевска. (Општина Кисела Вода)
· од 09:30 до 13:30 часот, корисниците од ул. Добре Ивановски, и дел од ул. 22 во нас. Инџиково. (Општина Гази Баба)
Македонија
Денеска максималната температура до 38 степени, од утре потопло

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18, а максималната ќе достигне од 30 до 38 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.
Температурите ќе бидат во постепен пораст, особено од четврток до средината на наредната седмица кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надмине 40°C. Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.
Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.