Македонија
ССНМ го осуди вербалниот напад врз новинарот на Алсат

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници – ССНМ соопшти дека најостро го осудува насилното и примитивно однесување на членот на Управниот одбор на Кластерот за текстил Сашко Станоевски кон новинарот на Телевизијата Алсат – М Иле Петрески на прес-конференцијата во моментот кога тој постави легитимно новинарско прашање.
„За жал, повторно имавме можност да посведочиме на каков третман се изложени новинарските екипи кога поставуваат прашања до оние кои себеси се доживуваат или имаат третман на моќници. ССНМ потсетува дека прес-конференциите не се полигон за изживување и навреди кон новинарите и медиумските работници туку место од каде претставниците на Кластерот преку комуникација со новинариските екипи ѝ се обраќаат на јавноста. Оттаму, односот што членот на Управниот одбор на Кластерот за текстил Сашко Станоевски го демонстрираа кон колегата Петрески говори за нивниот однос и почитување на јавноста на која ѝ се обраќаат. како и за нивната неспособност да одговорат на легитимни прашања кои токму преку новинарите истата таа јавност би им ги поставила“, велат од ССНМ.
ССНМ бара од Кластерот за текстил кој во своите активности и услуги наведува и обуки за своите членки да се посвети на нивното едуцирање за слободата на изразување, јавниот интерес и корпоративната одговорност, како и извинување до колегата Петрески и ТВ Алсат – М.
Од таму апелираат до надлежните институции да ги засилат инспекциите во текстилните фабрики бидејќи, како што велат, односот на сопствениците кон новинарите укажува на реална опасност дека вработените во тие фабрики се изложени на сериозен мобинг и заплашување.
„Ако некој нема проблем да биде насилен пред камери, не е тешко да се претпостави како се однесува кон оние што поради природа на работите му се подредени, а тоа се текстилните работнички за кои постојат сериозни индиции дека работат во нечовечни и експлоатирачки услови“ .
ССНМ апелира до колегите новинари да бидат будни во препознавањето на потребата за одбрана на професионалното достоинство секогаш кога се сведоци на вербален или физички напад на нивен колега и да покажат солидарност со бојкот и напуштање на прес-конференцијата.
Медиумите и уредувачките политики се менуваат, но припадноста на професијата, довербата на јавноста и поддршка на колегите се константна вредност која мора да биде приоритет за новинарите и медиумските работници, се додава во соопштението на ССНМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Се излеа Маркова Река кај Батинци

Маркова Река се излеа денес по обилните врнежи од дожд.
Во селото Батинци, водата е надојдена, излевајќи се на неколку места околу речното корито.
Ангажирана е механизација за санирање на штетата, а градоначалник на Студеничани, Азем Садики, објави дека забележана е материјална штета во дворовите од куќите кои се наоѓаат во близина на реката.
Засега, според градоначалникот, нема потреба од евакуација.
Фото: ТВ21/скриншот
Македонија
Тетово повика на јавна дебата за промена на имињата на улиците

Општина Тетово в петок, со почеток во 15:00 часот, организира јавна дебата за предлози за имиња на улиците.
„Ги повикуваме сите граѓани, здруженија, невладини организации и граѓанскиот сектор да учествуваат на оваа јавна дебата за именување на улиците“, велат од општината преку допис.
Додаваат дека секој предлог од граѓаните е важен и помага овој процес да биде инклузивен и успешен за граѓаните и градот Тетово.
Македонија
Тошковски: Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто

Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто, информира министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
„Изминативе години сосема оправдано имаше критики дека платите во МВР се ниски, а очекувањата и одговорностите големи. Често се укажуваше на разлики во однос на некои сродни служби, а чувството на потценетост беше реално и оправдано. Ова зголемување не е доволно, но е еден од многуте чекори што ќе следат во насока на враќање на достоинството и угледот на полицаецот. Целта е јасна – да изградиме модерна, професионална и силна полиција која ќе биде вистински сервис на граѓаните. Продолжуваме понатаму кон обезбедување на подобри услови, поголема поддршка и вистинско вреднување на трудот што секојдневно се вложува“, напиша Тошковски во објавата на социјалните мрежи.