Македонија
Општина Центар им додели признанија на децата што спасија човек во автобус

Општина Центар им додели признанија на 13-годишните Петар Тодоровски, Ведран Лауренчиќ и Мила Кочевска, кои пред два дена спасија патник во градски автобус, кому му се слошило и колабирал за време на возењето. Вчера градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, им се заблагодари на тројцата ученици во ОУ „Кочо Рацин“ за нивната храброст и пожртвуваност и им ги додели признанијата.
„Особено сум горд што имам можност да им изразам почит и признание на нашите херои, кои вчера помогнаа да се спаси еден човечки живот. Признание за нивната хуманост, храброст и пожртвуваност. Тие треба да бидат пример за сите деца, а и за нас, возрасните“, изјави Богдановиќ.
Ученикот Ведран нагласи дека секој треба да знае како се пружа прва помош затоа што не се знае кога ќе ви притреба за да помогнете некому, а можеби и да спасите човечки живот. „Најважно е да не се паничи, да се остане присебен, но и да се знае што е најважно да се направи при вакви случаи“, вели Ведран.
Интересна коинциденција е што трите деца се враќале од натпревар по прва помош кога се случи настанот во автобусот со број 57. Тие забележале дека на еден од патниците не му е добро при што му кажале на возачот да запре и со помош на дел од возрасните го извадиле надвор од автобусот. Применувајќи го своето знаење го спречиле да го голтне јазикот и му ја преврзале главата од каде крвавел по што пристигнало амбулантно возило кое го однело повредениот човек во скопските клиники.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Постои сомнеж дека пожарот во Дрисла е подметнат

Скопската противпожарна бригада со сити сили се обидува да го локализира пожарот во депонијата Дрисла. Направен е противпожарен појас за да не се дозволи на огнот да тргне кон блиската трева, грмушки и шума од горната страна на депонијата., информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Како што додаде, постојат сомненија дека пожарот бил предизвикан намерно.
„Ќе потсетам само дека летово имавме рекордно високи температури но Дрисла не се самозапали“, рече Ангелов.
Противпожарните возила и дополнителните цистерни од „Комунална хигиена“ интервенираат на терен, а пожарот сè уште не е целосно локализиран.
Командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Звонко Томевски посочи дека станува збор за посериозен пожар од поголеми размери, при што постоела опасност огнот да се прошири.
Македонија
Филипче од Париз: Потребен е проактивен пристап и политички консензус за напредок кон ЕУ

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во рамки на еднодневната работна посета оствари повеќе средби со високи француски политички претставници, на кои во фокусот на разговорите беа реформската агенда и предлог Резолуцијата на СДСМ, како гаранција за заштита на националните интереси и решение за деблокирање на преговите со ЕУ.
Филипче одржа работна средба со пратеничката и потпретседателка на групата за пријателство Франција – Северна Македонија во француското Собрание, Лилиана Танги, со шефот на Канцеларијата за соседство, проширување и одбрана при Генералниот секретаријат за европски прашања, Жозеф Жустиниани, како и со директорот за Континентална Европа при Министерството за Европа и надворешни работи, Брис Рокфеј и со специјалниот претставник за Балканот, Рене Троказ.
На состаноците беше истакната поддршката од Франција во процесот на евроинтеграција, но и потребата од брзи резултати во исполнување на обврските и работа на реформите.
Филипче ги презентираше позициите на СДСМ и истакна дека партијата има проактивен пристап и работи на решенија за деблокирање на евроинтеграцискиот процес. Тој нагласи дека во завршна фаза е подготовката на Резолуцијата, со која ќе се потврдат националните црвени линии – македонскиот јазик, култура и идентитет, како и механизми за справување со евентуални непринципиелни барања што излегуваат надвор од Преговарачката рамка.
Во разговорите беше потенцирано дека во Европската Унија постои јасен консензус за проширувањето, и дека тоа е можност која Македонија мора да ја искористи. Француските претставници пренесоа очекувања дека нашата земја треба да направи напредок во евроинтеграцискиот процес, како што тоа веќе го прават државите од регионот, особено Албанија и Црна Гора.
Македонија
Пожар на депонијата Дрисла, Ангелов смирува дека не е алармантно, но е сложено поради хемиските процеси

Пожар избувна на депонијата Дрисла.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, рече дека пожарот не е алармантен, а скопската противпожарна бригада работи на негово гаснење.
Сепак, како што објаснува Ангелов, гаснењето на било која депонија е сложен процес поради хемиските и биолошките процеси кои се одвиваат во внатрешноста на депонијата како резултат на кои се создаваат запаливи гасови.
(Фото: илустрација, архива)