Регион
Во Албанија регистрирани 23 парцели со дрога
Албанската полиција соопшти дека оваа година во земјата се регистрирани 23 парцели заседени со дрога. Евидентирањето на парцелите е извршено во текот на мај со хеликоптери на албанското МВР со поддршка на италијанската полиција.
Директорот на Управата за јавен ред и мир и јавна безбедност, Ѓовалин Лека, изјави дека во споредба со минатата година бројот на засадените парцели е многу помал, односно дури 53 парцели помалку. Албанската полиција во соработка со италијанската полиција во првите пет месеца од годинава откри и заплени големи количини дрога од типот канабис сативас. Најголемата количина дрога запленета оваа година е на 2 мај кога беа откриени 2,4 тони дрога вредна над 2о милиони евра во акцијата која беше реализирана во Јадранското Море во близина на италијанското крајбрежје.
Вкупната количина што била откриена и запленета во периодот јануари – мај годинава е 5 тони, без да се земат предвид помалите количини дрога фатени во земјата, како и на граничните премини кон Црна Гора и Грција, изјави претставникот на албанското МВР.
Албанските медиуми нагласуваат дека и покрај тоа што во земјата има намалување на бројот на засадени парцели со дрога, како и намалување на шверцот со дрогата од типот канабис сатавас, меѓународниот фактор бара од официјална Тирана и понатаму зголемени активности околу стопирање на производството и шверцот со дрога во Албанија. Во бројните реагирања на странските дипломати, меѓу условите кои се зададени на албанската влада за почеток на преговорите е и борбата против производството и шверцот со дрога.
К.М.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Ја уби својата партнерка, па нејзиното тело го скри во замрзнувач: српската полиција го фати 43-годишниот убиец
Полицијата во Лесковац го уапси Д.Д. (43) од Печењевац, осомничен за тешко убиство на неговата 36-годишна партнерка. Тој е осомничен дека ја убил на 2 ноември во семејната куќа, по што избегал. Му е одреден притвор до 48 часа и ќе биде приведен во Вишото јавно обвинителство во Лесковац со кривична пријава, пишува српски Телеграф.
Злосторството што ја потресе Србија беше откриено кога полицијата го пронајде телото на Катарина Глигоријевиќ скриено во замрзнувач. Нејзиниот вонбрачен партнер, Далибор Демировиќ, веднаш беше осомничен за нејзиното убиство.
Во времето на неговото бегство, Демировиќ наводно бил во домашен притвор со електронски мониторинг за друго кривично дело.
Тој бил ставен во домашен притвор за напад врз службено лице, полицаец, врз кого наводно фрлил ограда од тераса. Сепак, локалните жители се сомневаат во оваа верзија.
фото: принтскрин
Регион
Прогласена четиридневна жалост по трагедијата во Тузла
Тузла е обвиена во тага по вчерашниот пожар во дом за стари лица, во кој животот го загубија 11 мина. Поради оваа голема трагедија, една од најголемите во поновата историја на градот, градоначалникот Зијад Лугавиќ прогласи четиридневна жалост, што почнува денес, пишува „Кликс.ба“.
Голем број луѓе добиле со полесни и тешки повреди во пожарот. Според последните информации, 15 пациенти сè уште се во болница. Состојбата на четворица од повредените е исклучително сериозна и тие се поврзани на респиратори.
Со одлука на градоначалникот, денови на жалост во Тузла ќе бидат денес, утре, сабота и недела. Во овој период јавноста треба да се придржува до пропишаните правила. Четврток е прогласен за ден на жалост на ниво на Федерацијата на Босна и Херцеговина и округот Брчко.
фото: принтскрин
Регион
Бугарија се подготвува за продажба на рафинеријата на „Лукоил“
Партијата ГЕРБ во Бугарија планира да предложи закон што ќе му овозможи на специјален администратор да ја спроведе продажбата на рафинеријата на „Лукоил“ во Бургас, најголемиот објект за преработка на нафта во земјата.
Иницијативата доаѓа во време кога САД и Велика Британија воведоа нови санкции против руските нафтени компании, вклучувајќи го и „Лукоил“, поради војната во Украина.
Законот, како што објави денес локалниот бугарски медиум „Медијапул“, ќе му овозможи на специјалниот администратор да го преземе надзорот врз рафинеријата во Бургас и да донесува одлуки за продажбата, без право на рускиот сопственик да ја блокира одлуката, да ја оспори или да влијае на процесот, што би овозможило промена на сопственичката структура на рафинеријата и зачувување на нејзиното работење според новите услови на меѓународни санкции, пренесе „Б92“.
Лидерот на ГЕРБ и поранешен премиер Бојко Борисов изјави дека постои логика во ова решение и најави дека нацрт-законот ќе биде доставен до парламентот.
Целта е да се обезбеди непречено функционирање на клучната енергетска инфраструктура во земјата почитувајќи го режимот на санкции од Западот, објавува „Ројтерс“.
Рафинеријата во Бургас, со капацитет од речиси 190.000 барели дневно, е од стратешко значење за снабдувањето на Бугарија и делови од регионот.
Владата на Софија објави дека е во постојан контакт со американските институции за да може работењето на рафинеријата да продолжи и покрај санкциите.
„Лукоил“ веќе се соочува со тешкотии во меѓународните операции поради ограничувања што влијаат на логистиката, трговијата и финансиските текови.
Компанијата, според изворите, имала проблеми со товарење во Ирак, пумпни станици во Финска и со тргување во Швајцарија.
Министерството за финансии на САД издаде привремена дозвола, што им овозможува на компаниите да ги прекинат постојните трансакции со „Лукоил“ до 21 ноември.

