Македонија
Владата ќе потроши 1 милион и 450 илјади евра за базени

Дваесет и деветте базени кои премиерот Зоран Заев ги најави вчера на пратеничките прашања во Собранието на Република Македонија ќе го чинат државниот буџет вкупно 1 милион и 450 илјади евра, односно околу 50 илјади евра за еден изграден базен.
Тој истакна дека за четиринаесетте базени за кои е планирано да бидат изградени оваа година Владата веќе обезбедила локации. Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, за „Макфакс“ ја потврди сумата, како и општините каде тие ќе бидат изградени. Тој информира дека базените ќе бидат во склоп на училиштата и по сите европски стандарди за одржувањето на истите, а ќе бидат ангажирани и спасувачи кои ќе внимаваат на пливачите.
-Еден базен ќе чини околу 50 илјади евра, 14 базени ќе бидат изградени оваа година и зависно од реакцијата на јавноста и успехот, ќе се одлучи дали и наредната година ќе се продолжи со проектот за кога е планирано да се градат уште 15 нови. Базени оваа година ќе се градат во општините Ѓорче Петров, Карпош, Чаир, Кисела Вода, Аеродром, како и во Штип, Струмица, Гевгелија, Битола, Прилеп, Кавадарци, Тетово, Гостивар и Велес, а планирано е и реставрирање на стариот базен во Струга, вели Каевски за „Макфакс“.
Според Каевски, целта на овој проект е основците барем еден час неделно по физичко образование да го имаат во базен. Како што вели тој, примерот е земен од Австрија каде се покажал доста успешен.
-Базените ќе бидат со димензии 8,80 x 14,80 и до 15 часот ќе служат само за учениците кои учат во училиштето, а за по 15 часот планирано е со одлука на советите во општините, базените да се пуштат за комерцијални цели, вели Каевски.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пронајдени двете девојки од Португалија кои се изгубија во реонот на Водно – Матка

Денес околу 17.00 часот од страна на Центарот за управување со кризи бевме известени за две изгубени туристки во реонот од врвот на Водно кон Матка, извести директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Како што информираше Ангелов, Дирекцијата за заштита и спасување итно извршила мобилизација на тимот за спасување на планина од Тетово и истиот веднаш бил упатен во пребарување на теренот.
Во 18.40 двете девојки од Португалија беа пронајдени и однесени до ресторанот Матка каде ги пречека Конзулот на Република Португалија, додава Ангелов.
Македонија
Дел од Ѓорче Петров утре без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека утре без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од улиците Веле Марков, Ибе Паликуќа, Воин Драшковиќ, Рафаел Батино. (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Меџити прими жители од Страчинце: Анализите на експертите јасно покажаа дека отворањето на каменоломот ќе има сериозни последици врз животната средина

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денес ги прими во својот кабинет жителите од селото Страчинце, со кои одржа отворен состанок за одлуката за одбивање на барањето за отворање на каменолом во оваа скопско село.
Министерот Меџити ги информираше жителите за професионалните и институционалните причини што доведоа до оваа одлука. Анализите на експертите јасно покажаа дека отворањето на каменоломот ќе има сериозни последици врз животната средина, ризик од поплави и негативно влијание врз јавното здравје, велат од Министерството.
На состанокот беше истакнато дека приоритет е заштитата на животот и благосостојбата на граѓаните над секој економски интерес.
Меџити истакна дека следниот чекор е конечно поништување на концесијата во Влада, со што ова прашање ќе добие трајно решение.
Жителите на Страчинце се заблагодарија за одлуката и за приемот што го оствари министерот Меџити, нагласувајќи дека овој состанок е пример за владеење со отворен дијалог и чесна соработка со граѓаните.