Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Министерството за култура нема стратегија туку расказ во кој постојано се повторуваат три збора
Распределбата на средствата со овогодинешната програма за култура е пример за аматеризам и партизација. СДСМ ги субвенционираше граѓанските организации на сметка на професионалните уметници, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ како реакција на денешното соопштение на Министерството за култура во кое беа наведени активностите реализирани во предиодот од јуни минатата година.
„СДСМ ја партизираше културата. Македонската култура никогаш порано не била под ваков притисок и тоа се одразува во филм, театар, музика, музејска и сите други дејности на културата во Република Македонија. Стратегијата за развој на културата 2018-2022 година од министерството за култура не е стратегија, туку расказ кој се базира на три збора ревизија, преиспитување и анализа и ја отсликува безидејноста за работата на оваа власт и министерството во македонската култура воопшто“, стои во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека од најавените реформи со кои беше најавено дека ќе се подобрат условите за уметниците и културните работници, нема ни трага ни глас, а никаде го нема и наводниот колективен договор кој требало да биде готов до крајот на 2017 година.
„Излажаа за него исто како што излажаа дека постои реформа во финансирање на националните установи. Владата и министерството наместо да ги реализираат проектите кои беа готови од владата на ВМРО-ДПМНЕ тие ги стопираа и наместо тоа се решија за крпење на дупки. Па така наместо да изградат нов Драмски, тие го стопираа и како нивен голем проект го претставија почетокот на реконструкцијата на кровот на стариот Драмски и тоа дури по година дена“, се вели во соопшението.
Од опозициската партија истакнуваат и дека елаборатите за проектот „Скопје 2014“ се одраз на чист политички реваншизам и непочитување на македонската историја.
„Уште една голема лага е дека постои поправична распределба на средствата и поддршката кон сите заедници во Македонија, затоа што целата јавност во Република Македонија беше сведок како владата и министерството за култура фаворизираат само една етничка заедница, на сметка на останатите.Деблокирањето на Тетовскиот театар и Библиотека, на Албанскиот театар и Турскиот театар е чиста манипулација, затоа што изградбата и никогаш претходно се до нивното доаѓање на власт не беше запрена“, нагласуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека оваа, како што велат, ненародна власт само за една година успеала да ја уништи македонската култура и да ги деградира и понижи културните институции, уметниците и културните работници и ги повикуваат сите кои не се согласуваат со политиките на власта на 2 јуни во 20 часот на голем протест пред владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) МВР: Десет пријави за прекршување на изборниот молк, едно лице приведено во Шуто Оризари
За време на предизборниот молк регистрирани се 10 пријави за негово нарушување од кои по три на подрачје на СВР Скопје и СВР Охрид, две на подрачје на СВР Штип и по една на подрачје на СВР Тетово и СВР Битола. По преземени мерки не се потврдени пријавите за шест настани, соопшти МВР.
„Покрај ова, регистрирани се 19 објави на социјалните мрежи за време на изборниот молк кои се однесуваат на повик за гласање за одредени кандидати, како и објавени видеа и слики од партиски активности во штабови. Во врска со гласањето, на 01.11.2025 регистриран е настан за фотографирање кочан со гласачките ливчиња во основното училиште „26 Јули” во општина Шуто Оризари, при што приведено е едно лице и се преземаат мерки за расчистување на настанот“, велат од МВР.
На сите подрачја гласањето на болни и изнемоштени лица и затвореници помина без нарушување на гласањето.
Македонија
Четири општини останаа без гласање, повторени избори во рок од 60 дена
Денеска нема да се одржи гласање во општините Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, поради недоволна излезеност во првиот круг од локалните избори 2025.
Во првиот круг излезеноста била: Гостивар – 33,31%, Маврово и Ростуше – 30,31%, Врапчиште – 25,18%, Центар Жупа – 21,49%, што е под законскиот минимум од една третина од запишаните гласачи.
Според Изборниот законик, изборниот процес ќе се повтори во рок од 60 дена од објавувањето на конечните резултати од локалните избори.
Денеска се одржува вториот круг од изборите за градоначалници во 32 општини и во Град Скопје. Според податоците од Државната изборна комисија, одѕивот до 9 часот е 2,88 проценти.
Македонија
Гласањето тече без проблеми, одѕивот до 9 часот е 2,88 отсто
Одѕивот во вториот круг од локалните избори до 9 часот изнесува 2,88 проценти, односно 22.379 гласачи, соопшти претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Борис Кондарко. Во Град Скопје одѕивот за избор на градоначалник е 2,46 отсто.
Оценето е дека гласањето тече без проблеми, а единствениот застој бил забележан во Дојран, каде поради технички проблем со уред за биометриска идентификација имало краток прекин, кој бил веднаш отстранет.
ДИК во текот на денот ќе врши ненавестени посети на избирачки места и општински изборни комисии за набљудување на процесот, како и за време на броењето по 19 часот.
Во вториот круг се гласа во 32 општини и Градот Скопје, на 1.771 избирачко место, а право на глас имаат 1.013.375 граѓани. Следната прес-конференција на ДИК е закажана за 11:30 часот, а првичните неофицијални резултати ќе бидат објавени по 20 часот. Некаде околу 23 часот, се очекува да бидат познати сите резултати од гласањето на изборите во вториот круг.

