Македонија
Брзото возење во доцните часови е најопасната грешка што ја прават младите возачи, предупредуваат од РСБСП
Младите возачи и возачите почетници се најранлива категорија учесници во сообраќајот, но и најчесто грешат во него, порачуваат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, објаснувајќи дека се работи за непромислени и ненамерни грешки, бидејќи, како што велат, во голем дел од ситуациите тие се направени за прв пат или не се направени свесно.
„Секој млад човек (кандидат за возач) кога прв пат ќе седне во автомобил да учи да вози, обично е многу внимателен и подготвен да слуша и да ги применува советите од инструкторот. Но, откако ќе се стекне со возачка дозвола и со минимум возачко искуство, наеднаш работите се менуваат, на површина излегува преголемата самодоверба изградена врз основа на лажна перцепција за „големите“ возачки способности. Тогаш се прават најголемите грешки во сообраќајот, а крајниот епилог од таквото однесување најчесто е погубен и фатален“ велат од РСБСП.
Една од најопасните грешки што младите возачи ја прават, потсетуваат од РСБСП, е брзото возење и тоа најчесто во доцните вечерни или во раните утрински часови.
„Возењето во услови на мрак и намалена видливост само по себе носи предизвици и опасности. Кога на тоа ќе се додаде брзото возење, неискуството и заморот од „напорната“ ноќ, тогаш заканата станува многу сериозна и загрижувачка. Посебно „популарни“ во летниот период се уличните трки во доцните вечерни часови кога булеварите и улиците се празни и кога возачите можат „машки да си ги измерат силите“ на улиците“ објаснуваат од РСБСП.
Од таму додаваат дека сериозна грешка и однесување без минимум основа за било какво оправдување што го надополнува брзото возење, а најчесто ја прават машките (млади) возачи, е агресивното возење.
Најчесто ваквото девијантно однесување е последица на поголемо количество алкохол што младите го консумираат непосредно пред да седнат за воланот. Доказ за тоа се и последните контроли на сообраќајната полиција во повеќе градови низ земјава. Оваа „луда“ идеја е грешка која не само што ќе ве чини многу пари, туку може да ве чини и загубен живот.
Една од грешките што скоро никој и да не ја забележува е одвлеченото внимание. Една статистика вели дека 15% од сите незгоди во кои учесници биле млади возачи се случиле кога во возилото освен возачот имало повеќе од еден патник на иста или на приближно иста возраст. Младите возачи забавата со друштвото ја продолжуваат во возилото низ градските улици, а желбата за докажување пред другарите ги води кон фатален исход.
Речиси и да нема млад човек – возач кој овие факти не ги знае или не е свесен за нивната важност. Сите ги знаат фактите, ризикот и опасностите, но не сите се придржуваат до нив.
Затоа РСБСП апелира до секој млад возач: Размисли пред да биде доцна. Животот е еден и нема цена, а сообраќајните незгоди не даваат втора шанса. Биди одговорен возач, биди позитивен пример за твоите пријатели и покажи како вистински се сака животот, младоста и семејството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Скопје утрово пак е покриено со магла, денес променливо облачно време со сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 2, а максималната ќе достигне од 6 до 13 степени, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно и тивко со појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
До вторник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег, информира УХМР.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.

