Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Со предвремени избори да го урнеме картелот на власт, кој сѐ повеќе се богати
Граѓаните на Република Македонија излегоа масовно и им порачаа на Зоран Заев и на СДСМ дека се против распродажбата на државните и националните интереси, велат од партијата ВМРО-ДПМНЕ во соопштение што се однесува на протестот одржан во саботата пред Владата на РМ.
„Граѓаните гордо и исправено се спротивставија на неправдите и понижувањата од страна на власта. Граѓаните покажаа дека повеќе не се плашат од заканите и притисоците на Заев и неговиот картел и порачаа дека време е да им се стави крај на лажните ветувања, злоупотребата на институциите и уништувањето на државата“, се наведува во партиското соопштение.
Од опозициската партија истакнуваат дека граѓаните на Република Македонија упатиле порака до власта дека не смее повеќе државата да тоне, еконимијата да стагнира, а институциите да бидат заробени од картелот.
„Тие кажаа дека не сакаат повеќе да ги води неспособна и безидејна власт, која спасот го бара во продажбата на државните интереси. Откако е СДСМ на власт, граѓаните сè повеќе осиромашуваат, а картелот на Зоран Заев сè повеќе се богати. За една година повеќекратно го зголемија своето богатство. Го купија струмичкиот гигант ‘Герас Цунев’ за цена колку обична гарсониера, влегоа во милионскиот бизнис со марихуана, а нивните камиони превезуваат руда за потребите на РЕК ‘Битола’“, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму наведуваат дека цената на богатењето на Заеви ја плаќаат граѓаните.
„Нема 500 евра плата, нема 100.000 денари плата за лекарите, нема поврат на 15 отсто ДДВ, нема социјална помош од 12.000 денари, бесплатно болничко лекување и нема 600 километри нов автопат и 550 километри магистрални патишта. Граѓаните се уверија дека сè што вети СДСМ е голема лага. Единственото покачување што го спореведе оваа власт, а не го вети пред граѓаните, е зголемување на акцизата на дизелот и затоа количината дизел што граѓаните можеле да ја купат со една просечна плата пред една година е 120 литри помала денес“, стои во соопштението.
Како што велат од опозициската партија, по една година на власт новата влада не успеала да реализира ниту една капитална инвестиција.
„Успеа да го зголеми јавниот долг, кој ја надмина психолошката граница од 5 милијарди евра. Граѓаните секојдневно се сведоци на задолжувањата од страна на власта, но останаа без одговор каде што завршуваат нивните пари и колку ќе треба да враќаат идните генерации. Граѓаните и Република Македонија заслужуваат просперитетна иднина, квалитетен живот и сигурна и безбедна иднина за нив и за нивните деца“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, од каде што категорично бараат предвремени избори заедно со претседателските, техничка влада 100 дена пред избори и претседател на ДИК по предлог на опозицијата.
„Само така ќе се креираат еднакви услови за фер избори. Државата повеќе не смее да биде заложник на Заев и СДСМ. Граѓаните заеднички, сложно и обединето ќе го победат овој криминален картел на власт и ќе триумфираат над неправдата, над темнината и понижувањата и ќе стават крај на ова неславно владеење. Република Македонија заслужува подобро, граѓаните заслужуваат подобро“, се вели во партиското соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

