Македонија
Богдановиќ: Маџир Маало ќе добие улица каква што заслужува една од најстарите скопски населби
Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, на прес-конференција најави дека наскоро ќе почне целосна реконструкција на улицата Ѓуро Ѓоновиќ во Маџир Маало, која важи за една од најстарите скопски населби.
Вкупната должина на улицата ќе изнесува приближно 250 метри со ширина од 14 метри, со што ќе се зголеми проточноста на истата. На 4 100 метри квадрати ќе се постави комплетно нов асфалт во два слоја и нов долен строј. Тротоарите ќе бидат со ширина 2,25 метри, а ќе има простор и за велосипедисти и за пешаци. Фекалната канализација е во должина од 650 метри со приклучок и изведба во соседната општина Аеродром.
Богдановиќ најави дека ќе се изгради нова атмосферска канализација која што ќе ги зафаќа атмосферските води и рече дека со ова ќе биде решен проблемот со поплавувањата на површините на улиците.
Што се однесува за детелниот урбанистички план за Маџир Маало, градоначалникот на Центар соопшти дека ќе биде усогласен со Генералниот урбанистички план и истиот наскоро ќе се најде на јавна расправа.
„Овој нов ревидиран ДУП ќе биде во интерес на граѓаните на Маџир Маало. Со ова ќе се стави крај на градежната инвазија, како што е случај во Дебар Маало. Во оваа населба ќе има комерцијално-станбени објекти, општината ќе изврши реконструкција и на другите улици освен ‘Ѓуро Ѓоновиќ’, а ќе биде изградена и нова градинка“, најави Богдановиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

