Македонија
Секоја нова улица во Скопје ќе се гради со задолжителни пешачки и велосипедски патеки

Градоначалникот Шилегов учествуваше на конференцијата за безбедност на патиштата, што се одржа во организација на Светската банка, Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта. Тој учествуваше на панел-дискусијата за безбедност во урбани средини.
„На локалните избори во 2017 година во мојата изборна програма ги увидовме загрижувачките бројки со безбедноста на скопските улици и се заложивме преку сообраќајни решенија да влијаеме на намалување на тие бројки. Според оваа програма, приоритет во сообраќајот секогаш ќе имаат ранливите категории учесници и јавниот превоз, а дури на крајот автомобилите. Така, едно од главните предизборни ветувања на кое заеднички ставивме потпис со некои од иницијативите денеска присутни овде беше дека секоја нова улица или булевар во Скопје ќе биде градена со задолжителни пешачки и велосипедски патеки. Проектите што ги започна новата градска администрација, како новиот мост на булеварот АСНОМ, булеварот Босна и Херцеговина или булеварот Христијан Тодоровски – Карпош, имаат издвоени простори за ранливите категории во сообраќајот“, рече Шилегов.
Планот на Град Скопје е да го следи примерот на другите европски градови и да донесе стратегија за унапредување на безбедноста во сообраќајот за период од пет години во која ќе се дефинира заедничка визија, ќе се постават целите, ќе се идентификуваат мерки и по нејзино донесување ќе се започне со имплементација во согласност со претходно донесен акциски план.
„Лично се заложив кај министерот за транспорт, а тој излезе во пресрет на моите барања, коловозните ленти во правилникот за градба да бидат стеснети од непотребните ширини (3,5 на 3,25 метри), а со тоа директно се влијае на намалувањето на брзините. Некои од чекорите се и чисто симболични, како 3Д-пешачките премини, или оградите кај школските пешачки премини или електронските мерачи на брзина. Тие, иако не влијаат директно на безбедноста, ги елиминираат секундарните фактори во несреќите како невниманието и непрегледноста“, нагласи Шилегов.
Дополнителен голем проблем во Скопје е и спроведувањето на правилата во сообраќајот. Општините и градот немаат своја сообраќајна полиција и зависат од добрата волја и расположливоста на МВР во своите акции.
„Посветеноста што ја имавме изминатите седум месеци во поставувањето метални столпчиња за физичко одвојување на просторот за пешаци и велосипедисти е одличен начин како да се заобиколат прашањата, како соработката со полицијата и расположливоста на пајаците. Се гордеам со бројката од 10 километри должина на тротоарите што некогаш беа окупирани од непрописно паркирани возила, а сега се ослободени за користење на ранливите категории во сообраќајот“, рече Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Разрешен директорот на Клиниката за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски

Министерството за здравство информира дека министерот Азир Алиу денес донесе решение за разрешување на директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски.
„Во најкраток рок ќе биде именуван нов директор согласно законските процедури. Работата на Клиниката продолжува непречено“, известува Министерството за здравство.
Македонија
Завршена регионалната програма за сертификација на службени кучиња за мириси на производи

Во рамки на проектот „Поддршка на националните власти на државата во намалувањето на ризикот од пролиферација и злоупотреба на мало и лесно оружје“, успешно беше завршен процесот на Регионалната програма за сертификација на службени кучиња за мириси на производи – значаен чекор во зајакнување на регионалната безбедност и борбата против транснационалниот криминал.
На свеченоста по повод завршувањето на обуката, директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи, Александар Јанев, им додели дипломи на учесниците, нагласувајќи дека оваа програма претставува симболично, но и суштинско градење на мостови помеѓу институциите од целиот регион.
„Со шест модуларни обуки и создавање тимови подготвени да бидат на првата линија во борбата против криминалот, Регионалниот К9 центар се етаблира како водечка точка за обука и сертификација. Заедно вложуваме во безбедноста, стабилноста и иднината на регионот,“ истакна директорот Јанев.
Проектот е реализиран со поддршка на ОБСЕ, ФРОНТЕКС и донаторите, чија соработка и ангажман беа клучни за успешната имплементација на програмата.
Со ваквите активности, Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност ја потврдуваат својата посветеност на континуираното унапредување на капацитетите за справување со организиран и транснационален криминал, како и зајакнување на регионалната безбедносна соработка.
Македонија
Времето утре: променливо облачно со сончеви периоди

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието и во источните делови засилен северен ветер. Во североисточните подрачја ќе има услови за локален слаб дожд. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 12, а максималната ќе достигне од 11 до 21 степен.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Времето во наредните денови
До вторник времето ќе биде претежно стабилно со дневни температури малку под просекот за овој период од годината. Кон средината на следната седмица под влијание на влажна и посвежа воздушна маса ќе има услови за локални врнежи од дожд и опаѓање на дневната температура за неколку степени.