Македонија
Шекеринска: Да ги отвораме европските поглавја, а поглавјата на поделби и конфликти да ги затвориме
Вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, учествуваа на тркалезна маса на тема: „Креирање на јавните политики во перспектива на Европската Унија“, во организација на Граѓанската алијанса за транспарентност.
Зборувајќи на панелот „Како да го надоместиме загубеното“, министерката Шекеринска рече дека Владата е фокусирана не на минатите 11 години туку на тоа што може сега да се направи. „Доволно е да ги прочитате првите страници на Извештајот на европската комисија за Македонија и да видите дека фокусот овие дванаесет месеци навистина бил кон тоа како Македонија повторно да покаже капацитет за реформи и капацитет да произведува резултати, а не само да најавува резултати“, рече министерката. Таа го спомена и извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за локалните избори „во кој излезе една многу силна реченица, а тоа е дека овој изборен процес ја вратил довербата на граѓаните во тоа дека изборите се рефлексија на нивното мислење, а не на барањето на политичките елити“, истакна Шекеринска.
За еден од клучните столбови на демократијата, слободните медиуми, Фридом Хаус во својот извештај истакна дека Македонија е речиси единствената светла точка во Европа. „Фактот дека Македонија е единствена која покажа подобрување на резултатот во поглед на слободата на медиумите не е квалификација на Владата, туку е квалификација на институција што се смета за најкредибилна организација, најкредибилна во оценка на состојбите“, порача Шекеринска. Таа потсети на изјавата на германскиот амбасадор во Македонија кој истакна дека нашата земја во периодот јуни – јули треба да добие датум за почеток на преговори и покана за членство во НАТО.
„Македонија создаде голем политички капитал и тоа Германија не може да не го цени. Мислам дека ова е реченица која знаеме колку е тешко да се заслужи од една од големите и влијателни земји членки“, посочи министерката. Таа заклучи дека „предизвиците на нашата генерација да не бидат исти предизвици на генерациите коишто доаѓаат – да ги отвораме европските поглавја, а некои поглавја на поларизација, на поделби, конфликти, на неказнивост, на заробени медиуми, тие поглавја дефинитивно да ги затвориме“.
Министерот Манчевски во своето обраќање се осврна на подготвеноста на јавната администрација за почнување на преговарачкиот процес, како и за партнерството со граѓанските организации во процесот.„Она со што се соочив откако влеговме во институциите е дека системот на поставеност е руиниран, а во многу институции не ни постои систем. Тоа е еден од проблемите заедно со кадровскиот потенцијал со коишто располага јавната администрација. Квалитетните кадри во изминатите години си заминале, и тоа е првиот предизвик. Вториот проблем е сериозниот недостиг на анализи, статистики и податоци кои можат да ни служат како основа за креирање законски решенија, кои можат да бидат основа за преговорите. Затекнавме недостиг на хоризонтална координација меѓу институциите, нешто што го надминуваме преку креирање заеднички стратегии и советодавни тела одговорни за имплементација, а во кои се вклучени сите засегнати институции“, истакна министерот Манчевски.
Како што потенцираше тој, хоризонталната функционална анализа којашто во моментов се прави за првпат во Македонија, има за цел добивање јасна слика за тоа како се поставени институциите како основа за реорганизација и јакнење на капацитетите. Во однос на соработката со граѓанските организации, министерот Манчевски рече дека искуството, аналитичките и експертските капацитети што ги поседува граѓанскиот сектор се од клучно значење за квалитетот и брзината со којашто ќе се водат преговорите.
„Во партнерство со граѓанските организации мораме да ги дефинираме преговарачките тимови на секторско ниво, и тоа треба да го направиме што поскоро. Добро е дека постои свесност и во институциите и кај граѓанските организации дека неопходна е вклученост на сите во процесите кои ни претстојат. Наша обврска е да ѝ помогнеме на Македонија во овој период, а тоа можеме да го направиме со целосна подготвеност и посветеност“, истакна Манчевски, повикувајќи ги граѓанските организации да бидат активно вклучени во преговарачкиот процес. На тркалезната маса обраќања имаа и Самуел Жбогар, амбасадор на ЕУ, Данијела Баришиќ, амбасадорка на Република Хрватска, и Андреј Енгелман, дел од преговарачкиот тим на Словенија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДУИ за една изборна единица со праг од 5 проценти, за укинувањето на техничката влада предложи консултација со ЕУ и САД
Претседателот на Демократска унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, по лидерската средба изјави дека партијата се залага за една изборна единица со изборен праг од пет проценти и со отворени листи.
Во однос на иницијативата на премиерот Христијан Мицкоски за укинување на техничката, односно Пржинската влада, Ахмети рече дека е потребна дополнителна консултација со Европска унија и Соединети Американски Држави, како коавтори на моделот.
Во врска со измените на Изборниот законик, Ахмети посочи дека ДУИ ги презентирала своите предлози и дека прашањето останува отворено за понатамошни дискусии.
Околу изборот на Народен правобранител, Ахмети изјави дека побарал дополнителни консултации, нагласувајќи дека не бил обезбеден потребниот консензус. За законите за „Сејф сити“, за кои е потребно Бадентерово мнозинство, Ахмети рече дека координаторите на пратеничките групи треба да изнајдат решение.
За останатите прашања, како што наведе, било договорено тој дополнително да се сретне со премиерот Мицкоски.
Македонија
Димитар Апасиев по лидерската средба: До јуни можен нов Изборен законик, се разговара за една изборна единица
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, по завршувањето на лидерската средба изјави дека, изненадувачки, за првпат станувало збор за конструктивен состанок, на кој начелно било договорено до крајот на пролетта, односно до јуни, да се донесе нов Изборен законик.
Како што рече Апасиев, на средбата се дискутирало за различните модалитети на изборниот модел – воведување една изборна единица, со или без изборен цензус, како и за можноста за отворени или затворени листи. Тој најави дека комуникацијата ќе продолжи на ниво на координаторите на пратеничките групи во Собранието, заедно со дел од министрите во Владата.
На лидерската средба било разговарано и за укинување на техничката, односно Пржинската влада, и тоа во две варијанти – или веднаш, или не на наредните, туку на парламентарните избори по нив, во зависност од ставот на СДСМ.
Како последна политичка тема, Апасиев наведе дека се разговарало и за изборот на Народен правобранител, при што Левица предложила, како што рече, „соломонско решение“.
„Тоа е припадник на ромската заедница да биде избран бидејќи сметаме дека се најдискриминирана заедница која нема никакви полуги на власта – ниту министри, ниту пратеници, еден градоначалник, ако не се лажам, и сметаме дека ова е уставна категорија која треба да ѝ припадне на ромската заедница“, изјави Апасиев.
Левица ги наметнала прашањата за минималната плата, која, според него, е оправдано барање на работниците и синдикатите, како и за апанажа и патни трошоци на пратениците и јавните функционери.
„И за овие две теми не наидовме на разбирање. Иако имаше различни варијанти кои се дискутираа, сепак мислам дека овие се неприфатливи“, изјави Апасиев.
Како дополнително прашање отворено од Левица, Апасиев наведе дека било разговарано и за обештетување на семејствата на жртвите од Кочани, но, како што истакна, за тоа немало слух.
Македонија
Движењето ЗНАМ е за укинување на Пржинската влада и воведување една изборна единица
На денешната лидерска средба, одржана на иницијатива на претседателот на Владата, Движењето ЗНАМ – За наша Македонија беше претставено од генералниот секретар на партијата и министер за јавна администрација Горан Минчев, како и од координаторот на пратеничката група на ЗНАМ, Бобан Карапејовски.
Движењето ЗНАМ ја поздравува иницијативата за одржување лидерска средба како одговорен и државнички чекор, насочен кон стабилност, дијалог и политичка зрелост во период кога пред државата стојат клучни одлуки од стратешко значење.
Во однос на Законот за Влада и постоењето на техничката, односно таканаречената Пржинска влада, ставот на Движењето ЗНАМ е јасен – таа треба да биде укината.
„Таканаречената Пржинска влада беше воведена како привремено решение и со јасна задача. Денес таа е анахрона и претставува кочница за функционирањето на институциите. Македонија има капацитет самостојно да организира кредибилни избори и затоа ова решение мора да биде укинато“, изјави Бобан Карапејовски, координатор на пратеничката група на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.
По однос на Изборниот законик, Движењето ЗНАМ се залага за суштинска и праведна реформа со воведување една изборна единица, која ќе обезбеди еднаква вредност на гласот на секој граѓанин и пофер политичка застапеност. Истовремено, ЗНАМ инсистира на јасно и транспарентно уредување на финансирањето на политичките партии.
Во делот на реформските закони од областа на правосудството, како и останатите закони од реформската агенда, Движењето ЗНАМ дава силна и недвосмислена поддршка, со јасен повик за политички консензус околу овие прашања, како предуслов за владеење на правото и европската иднина на државата.
Во однос на изборот на Народен правобранител, ставот на ЗНАМ е дека оваа функција мора да ја извршува лице со висок професионален и морален интегритет, кое ќе биде вистински и независен заштитник на правата на граѓаните.
Дополнително, Движењето ЗНАМ се залага за побрзо донесување на Законот за прекршоци, со што ќе се зајакне правната сигурност и безбедноста на граѓаните.
„Лидерската средба ја гледаме како можност сите релевантни политички фактори да покажат зрелост и одговорност. Потребни ни се храбри, но државнички одлуки, изборни и правосудни реформи и јасен консензус околу европската иднина на Македонија. Интересот на државата и граѓаните мора да биде над сè“, посочи Карапејовски.

