Македонија
Ученици од Центар ја победија екипата од Бутел на пенали
Во спортската сала „Архиепископ Доситеј“ основците од скопските општини Центар, Бутел, Кисела Вода и Аеродром играа мал фудбал. Фудбалскиот тим составен од ученици од Центар ја победија екипата од Бутел на пенали, натпреварот во регуларниот дел заврши со резултат 3:3, додека учениците од Аеродром ги надиграа своите врсници од Кисела Вода, со резултат 2-1.
Покрај ова, во спортската сала Независна Македонија се одиграа и финалните натпревари во женска одбојка. Одбојкарската екипа од Центар ги надигра ученичките од Кисела Вода, со резултат 2:1, 25-19, 17-25, го освои првото место. Додека, на натпреварот за третото место играа Аеродром и Бутел, со резулатат 2:0, 25-19, 25-10.
Прво место на Купот на Кисела Вода се ученичките од Центар, за второто место се изборија одбојкарките од Кисела Вода, третото место им припадна на натпреварувачките од Аеродром, додека четврти завршија ученичките од Бутел.

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Филип Темелковски, заедно со секретарот на општината Александар Алексовски го проследи одбојкарското финале на Купот на Кисела Вода Св. Георги. На крајот, Темелковски на најдобрите екипи им додели пехари и медали, додека, Алексовски ги додели дипломите.
Утре во Кисела Вода ќе се игра кошарка и фудбал. Купот Св. Георги е во организација на Општина Кисела Вода.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сите што ќе одат на средба со Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ
Сите што ќе одат на лидерската средба со Христијан Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ.
„Сите што денеска ќе одат на средба со Мицкоски за укинување на техничката стануваат соучесници во: легитимирање на криминалот и корупцијата на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ, анти ЕУ кампањата на власта за изолација на земјата, планот за предвремени избори што ги имаат веќе договорено без основни услови да бидат фер и демократски и реализација на планот „мигранти за пари“ после тоа“, смета СДСМ.
Сите чекори кои власта досега ги презема, додаваат од партијата, веќе ги најавивме: изолација, избори, мигранти за пари.
„Секој што ќе отиде на средбата со Мицкоски не може да каже после тоа дека не бил соучесник. СДСМ останува со граѓаните, на вистинската страна. СДСМ останува на страната на Македонија, на страната за интеграција, на фронтот за правда и против корупцијата и криминалот“, велат од опозициската партија.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патот Скопје – Штип
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип е нормализиран, информира АМСМ.
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип утрово беше во целосен прекин, поради опожарено тешко моторно возило, четири километри пред патарината „Преод“.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Без струја делови од Центар и Аеродром
Без струја денеска ќе останат дел од корисниците од општините Центар и Аеродром.
„Од ЕВН Македонија АД добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) без електрична енергија ќе останат: – во периодот од 09.00 до 11.00 часот, корисниците од ул. Наум Наумовски Борче бр. 65 и околните стамбени објекти околу него. (општина Центар). Во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од дел од ул.Ѓорѓи Андеевиќ Кун во близина на училиштето Димитар Македонски (општина Аеродром)“, информира РЦУК – Скопје.

