Свет
Иран сака да нѐ уништи, тврди израелскиот премиер Нетанјаху

Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, ја осуди најавата на Иран за планот за зголемување на капацитетите за збогатување на ураниум, тврдејќи дека Техеран сака да биде сопственик на нуклеарно оружје за уништување на Израел.
„Ајатолахот Хаменеи, врховниот лидер на Иран, пред две дена ја објави намерата да го уништи Израел. Тој во понеделникот објасни и како ќе го стори тоа: со збогатување на ураниум без ограничувања, со цел да се создаде силен нуклеарен арсенал“, вели Нетанјаху во снимка објавена на социјалните мрежи.
„Сепак ние не сме изненадени и ќе го спречиме Иран во намерата да се снабди со нуклеарно оружје“, додава тој.
Ајатолахот Али Хаменеи во неделата на Твитер напиша дека Израел е канцероген тумор на Блискиот Исток, кој мора да биде искоренет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Русите им ги предадоа на Украинците телата на над 900 загинати војници

Украина и Русија повторно разменија тела на војници, соопшти денес Киев.
Украинските власти одговорни за воените заробеници соопштија дека телата на 909 убиени војници се примени од Русија. Војниците, според извештаите, биле убиени во источните украински региони Донецк, Луганск, Запорожје, Суми и Харков.
Некои беа примени и од мртовечници во Русија, а украинските сили неодамна беа истиснати од граничниот регион Курск. Руските медиуми наведуваат дека Москва ги примила телата на 41 војник во размената.
Предавањето, најавено за Велики петок, беше извршено со посредство на Меѓународниот Црвен крст, соопштија украинските власти.
Регион
Вучиќ бои јајца за студентите: „Се восхитувам на храброста што ја покажуваат учениците кои сакаат да учат, им бојам јајца

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, објави видео на својот Инстаграм профил во кое бојадисува јајца за Велигден за да им ги однесе на студентите кои сакаат да учат во Пионирскиот парк.
„Се восхитувам на храброста што ја покажуваат студентите кои сакаат да учат. Затоа им бојам јајца и им ги носам. П.С. Само да знаете, оваа престилка ѝ припаѓа на г-ѓа Јока, а таа е таа важна личност, апсолутно најважната за нас овде“, се вели во описот на видеото.
Свет
Невремето во Италија ги зема првите жртви: три лица загинаа, десетици луѓе се евакуирани

Телата на две лица кои беа пријавени како исчезнати за време на бурата на северот од Италија беа пронајдени денес, соопштија пожарникарите, со што бројот на жртви во таа област се искачи на три.
Телата на 64-годишен маж и неговиот 33-годишен син, чиј автомобил бил однесен од порој, биле пронајдени во близина на Виченца во североисточната покраина Венето. Претседателот на покраината Венето, Лука Заија, изрази сочувство до жената која ги загуби сопругот и синот и рече дека станува збор за „незамислива трагедија“.
Двајцата се пријавиле како волонтери и биле на пат да помогнат во спасувачките операции кога се случила несреќата.
Во четврток, деведесетгодишен маж беше пронајден во неговата поплавена куќа во Пиемонт, на северозападниот дел од земјата.
Северот на Италија, како и француските и швајцарските Алпи, беа погодени од обилни дождови во четврток, кои на поголемите надморски височини се претворија во снег, што доведе до бројни блокади на патиштата поради лизгање на земјиштето и поплави.
Десетици луѓе мораа да бидат евакуирани од поплавените подрачја, понекогаш со своите домашни животни. Во долината Аоста, околу 5.000 семејства останаа без електрична енергија во четвртокот вечерта, објави локалната компанија за дистрибуција на електрична енергија.