Македонија
Викендот на гордоста ќе биде отворен со изложбата на Дел Лагрејс Волкено
Изложбата на фотографии „CORPUS QUEER: тела на отпор 1980-2018“ на светски реномираниот фотограф Дел Лагреј Волкено, ќе биде отворена денеска во 21 во Музејот на современата уметност. Со оваа изложба официјално ќе започне и годинашниот Викенд на гордоста Скопје 2018.
Викендот на гордоста Скопје 2018 се одржува шести пат во организација на коалицијата „Маргини“ и ЛГБТИ-центарот за поддршка при Хелсиншкиот комитет. Носечката идеја на Викендот на гордоста 2018 е „НАСТРАНО. ПОЛИТИЧКО.“ и ќе се оддржува од 7 до 10 јуни.
„Со оваа идеја, од една страна, сакаме да ги проблематизираме многустраните начини на кои нормативните имагинации за родот и сексуалноста се вкоренети во главните политички поими. Од друга страна, сакаме да ги претставиме алтернативните можности што произлегуваат од многукратните маргинализирани практики на пријателство, грижа, љубов, секс, заедници и правда, а кои се создаваат и циркулираат во колективите и историите на „настраните“ и жените и да истражиме какви идни хоризонти тие отвораат за мислење на политичкото демократски и отворено општество. За да биде демократијата можна, политиката мора да биде настрана“, велат организаторите.
Меѓународниот фотограф Дел Лагрејс Волкено ги преточува родовата варијација, сексуалната поврзаност и телесните мутации во постојан предмет на обработка подолго од триесет години. Фотографиите на Волкено ги сценираа конструираноста на родот и богатиот диверзитет на телесните морфологии, достапни за тие што навистина сакаат да ги побараат на начин што длабоко одекна во – односно кој им претходел, влијаел и придонел за суштинско здружување на – новите лезбиски, квир, транс и интерсекс-теории. Како фотограф и мислител Волкено покажува исклучителен интерес родот/полот да се прикаже како крајно перформативен, но и интимно отелотворен. Повеќе од кој било уметник во своите уметнички дела Волкено ги претставува квир, транс и интерсекс-луѓето како субјекти наместо предмети бидејќи ги создава сликите преку погледите на идентификација, припадност и желба, размените меѓу оној што позира и фотографот. Волкено свесно ѝ пристапува на фотографијата како еден вид огледало – цврста пластична површина која служи за идентификување и љубов.
Skopje Pride Weekend 2018 е реализиран со поддршка на Heinrich-Böll-Stiftung, Фондацијата „Отворено општество – Македонија“, Министерство за култура, Европската унија и Civica Mobilitas.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче: Нема гаранција дека прашањето со Бугарија ќе остане единствениот услов
Нема гаранција дека билатералното прашање со соседна Бугарија ќе остане единствениот услов за напредок во евроинтегративниот процес, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на Националната конвенција за Европската Унија, оценувајќи дека најновиот извештај на Европската комисија е сериозен аларм за состојбата во која се наоѓа државата.
„Можно е да не биде единствен услов решавањето на билатералниот проблем со еден од соседите. Зошто? Затоа што не сме спремни. Нема никакво придвижување, ништо во делот на подготовките за отворање на кластерите, особено на првиот – fundamentals“, рече Филипче.
Како особено сериозен проблем го посочи недонесувањето на трите клучни патокази за владеењето на правото, функционирањето на демократските институции и јавната администрација. Според него, дури и да се изгласаат уставните измени, преговорите со ЕУ нема да можат да започнат веднаш.
„Сега да се случат уставните измени, ние утре нема да можеме да ги почнеме преговорите со Европската Унија, што ја става под знак прашање политичката волја на оваа владејачка гарнитура да направи нешто во делот на евроинтеграциите“, рече Филипче.
Тој посочи дека ваквата ситуација се случува во време кога Европската Унија испраќа јасни сигнали дека е подготвена за проширување и охрабрување на кандидатите.
„Јасни се сигналите од Европската Унија дека има волја да се стави акцент на процесот на проширување. На минатиот состанок кога беше присутна амбасадорката на Данска, ги образложуваше приоритетите на данското претседателство со ЕУ и јасно кажа: ние бевме најголеми скептици за проширувањето, а сега даваме зелено светло и ги поддржуваме сите земји-кандидати да продолжат со реформите, затоа што проширување евидентно ќе има“, порача Филипче.
Тој истакна дека Северна Македонија го добила најлошиот извештај во последните повеќе од десет години.
„Жалам што го добивме најлошиот извештај на Европската Комисија за нашата земја изминатите повеќе од деценија. Јасно е констатирано во извештајот дека изминатата година реформи нема. Мислам дека го кажав тоа и на претходниот состав на Националниот Совет – дека единствен полош извештај е 2015 година, кога сме оценети како заробена држава, но власта и сега го прави“, рече Филипче.
Во своето обраќање тој предупреди дека доколку продолжи актуелната политика на застој и одбивање на реформи, постои реален ризик државата да биде вратена назад во евроинтегративниот процес.
„Ако вака продолжиме, и тоа беше дел од дискусијата на Националниот Совет во минатиот состав, не сум сигурен, можеби Европската Унија ќе не врати повторно на ниво на скрининг“, изјави Филипче
Македонија
Николоски: Заштитата на Охридското езеро и басенот на река Црн Дрим е приоритет за Владата
Остануваме посветени на заштитата и управувањето со водните ресурси во државата во согласност со приоритетите за економски развој и заштита на природните богатства како и усогласување на директивите на ЕУ, истакна денеска вицепремиерот Александар Николоски на состанокот на експретско ниво за заштитата на сливот на реката Дрим и Охридското сливно подрачје.
Николоски во своето обраќање истакна дека Владата преку системски мерки презема активности за заштита на водите, потенцирајќи ги акционите планови кои ги реализираат ресорните министерства во насока на заштитата на природните ресурси.
„За нас, заштитата на водата и водните ресурси е од големо значење. Чистата вода не е само природно богатство, туку и цивилизациска вредност што го одредува квалитетот на животот и одржливоста на идните генерации. Сливот на реката Дрим, кој опфаќа неколку земји и култури, ја симболизира нашата меѓузависност и колективна одговорност, но е и регион за градење политичка соработка, како и за развој на одржлива економија. Дрим не е само река, Дрим е наше природно богатство и наследство, а во исто време сливот на реката Дрим е регион со огромен капацитет за развој на инфраструктурата и туризмот. Водите на Охридското Езеро претставуваат културна вредност, туристички потенцијал и важен економски двигател. Чистата вода станува ресурс што создава можности, работни места и ни овозможува меѓународно препознавање”, рече Николоски.
Тој дополни дека Владата активно работи на спроведување на Стратегијата за рехабилитација на природното и културното наследство на охридскиот регион, а истакна и силна подршка на меѓународниот проект за заштита на сливот на река Дрим.
„Во овој поглед, силно го поддржуваме проектот ГЕФ на охридското крајбрежје, како и напорите на Глобалното партнерство за води – Медитеран. Сите мора заеднички да се фокусираме на борбата против различните форми на загадување на водата и да создадеме еколошки пристап што ќе произведе здрави екосистеми и долгорочна безбедност на водата”, рече вицепремиерот Николоски.
Состанокот беше во организација на Дрим Кор Групата на кој се разговараше за идните мерки и активости за заштита на сливото подрачје на реката Дрим.
Македонија
Алиу–Мемишоглу: Постои можност за уште поинтензивна македонско-турска соработка во здравството
Во рамки на 11. Турски медицински конгрес кој се одржува во Анкара, министерот за здравство, Азир Алиу оствари средба со министерот за здравство на Република Турција, Кемал Мемишоглу.
„Имаме многу заеднички предизвици во здравството, од потребата за јакнење на човечките ресурси и модерна инфраструктура, до дигитализација што ќе ја направи грижата побрза, поефикасна и поправична за секој граѓанин. Убеден сум дека преку размена на експертиза и партнерства меѓу нашите институции можеме заеднички да градиме политики кои директно ќе значат подобар пристап и покавалитетни здравствени услуги за нашите граѓани“, рече на средбата министерот Алиу.
Република Турција беше една од земјите кои ја пружија својата поддршка за хоспитализација и третман на повредените лица од пожарот во Кочани, потсетува Министерството за здравство.
Министерот за здравство на Република Турција, Кемал Мемишоглу изрази задоволство од добрата соработка меѓу двете пријателски земји, притоа нагласувајќи дека постојат уште многу можности за интензивирање на оваа соработка во повеќе здравствени сегменти.

