Македонија
ВМРО ДПМНЕ-Демократска фракција бара мораторум на преговорите за името
ВМРО ДПМНЕ-Демократска фракција бара мораториум на преговорите поради, како што наведуваат, зголемената хистерија на грчките фашисти и ултранционационалисти и нашите преголеми остапки. Партијата смета дека премиерот Зоран Заев нема мандат, односно нема ниту легалитет ниту легитимитет во име на целата нација да преговара и договара промена на нашето вековно име. Имено, според член 119, ставовите 1 и 2 од Уставот, меѓународни договори склучува претседателот на државата, а Владата само доколку е овластена со закон, а таков закон досега не е донесен.
„Сакаме да го потсетиме премиерот Заев на точката 4 од дадената гаранција при добивање на мандатот со која лично гарантира дека процесот на носење на одлуките за граѓаните на Република Македонија ќе биде во согласност со основните демократски принципи и владеење на правот не доведувајќи ја Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема друга држава, како и на изборната програма на СДСМ во која со ниту еден збор не е споменато промена на името и Уставот. Поради овие факти сметаме дека настојувањето по секоја цена да се постигне договор за промена на името е волунтаристички, неуставен, неморален и непатриотски чин“, се вели во соопштението.
Според нив, со својот бениген и непринципиелен став по однос на преговорите за промена на името, новото раководството на ДПМНЕ е во функција на распродажба на националните интереси и промена на името. Немањето дециден и конзистентен став е јасен показател за постоење таен договор помеѓу раководствата на двете најголеми македонски партии, кој со дел од пратениците треба се реализира за време на гласањето во Собранието. Затоа, упатуваат апел до членството на ВМРО-ДПМНЕ да изврши силен притисок врз пратениците од своите средини со цел да не подлегнуваат на притисок (внатрепартиски и надворешен), како и да бараат оставка од сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кога евентуално склучениот договор Заев-Ципрас ќе дојде на дневен ред на седница на Собранието.
„Без разлика на резултатите од закажаната средба на двата премиера, поради зголемената хистерија на грчките фашисти и ултранационалисти, несвојствена за граѓани на држава што себеси се декларира како цивилизирана држава, како и поради неспремноста за компромис на грчката политичка елита како од позицијата така и од опозицијата и нашите преголеми отстапки, бараме мораториум на преговорите сè до смирување на страстите и надвладување на разумот“, велат од партијата.
Додека трае мораториумот, Демократската фракција смета дека поради наметнатите два неправни услова при нашиот прием во ОН во далечната 1993 година, со кој е навлезено во доменот на строгата внатрешна јурисдикција на државата и е деградиран нашиот правен субјективитет, Владата најитно да го постави прашањето за легалноста на наметнатите два дополнителните услова пред Генералното собрание на ОН. Со помош на нашите пријатели и поддржувачи потребно е Република Македонија да предложи резолуција во Генералното собрание со која ќе бара советодавно мислење од Меѓународниот суд на правдата за согласноста на поставените дополнителни услови кон Македонија при нејзиниот прием со одредбите на Повелбата на ОН.
„Бараме за содржината на досегашните средби и разговори да постои архивско досие, како и пред секоја средба детаљно да бидат информирани претседателот на државата и претставниците на сите парламентарни политички партии. Ова го бараме поради фактот што не се работи за приватни средби и разговори, туку за разговори и средби што се однесуваат на иднината и достоинството на нашата државата и нашите поколенија. Бараме итно пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да побараат свикување седница на Комисијата за надворешна политика на Собранието на Република Македонија на која министерот за надворешни работи и премиерот ќе ги информираат претставниците на највисокиот законодавен дом за содржината и на договореното со нашиот јужен сосед. Секое пост фестум информирање, како и немањето консензус за содржината на евентуалниот договор ќе го сметаме за нелегален и нелегитимен и ќе бараме негово поништување“, е ставот на ВМРО-ДПМНЕ-Демократска фракција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

