Свет
Најмалку двајца полицајци мртви во експлозија во Пакистан

Најмалку двајца полициски службеници загинаа, а двајца беа повредени во експлозија во северната област Дир во Пакистан во близина на границата со Авганистан, соопшти полицијата.
„Терористичка група нишанеше кон полициско возило со импровизирана екплозивна направа во областа Дир, каде што беа убиени полицаецот од локалната станица, Бакт Мунаир, и неговиот возач, а двајца други полицајци беа повреден“, изјави полицискиот службеник Гул Хабиб за агенцијата „Анадолија“.
Тој додаде дека повредените се во критична состојба и се пренесени во болницата „Лал Кила“.
Вооружената група Техрик-е-талибан Пакистан ја презеде одговорноста за нападот.
Областа Дир, која се граничи со провинцијата Кунар во Авганистан, беше база на талибанската терористичка група. Регионот беше расчистен по воена операција во 2009 година, а терористите избегаа кон граничните делови на Авганистан.
Властите на Пакистан тврдат дека оние што избегале изградиле скривници од кои сега извршуваат напади врз Пакистан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Лавров: Русија бара меѓународно признавање на анектираните украински територии

За да се обезбеди траен мир, Русија бара украинските области анектирани од Москва да бидат меѓународно признати како дел од нејзината територија, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во интервју објавено денес.
Рускиот претседател Владимир Путин побара од Киев да ѝ предаде четири украински региони на Русија, чија анексија беше објавена во септември 2022 година, покрај Крим анектиран во 2014 година, и Украина да се откаже од своите планови за влез во НАТО. Ова се неприфатливи услови за украинските лидери и нивните западни сојузници.
Украина бара руската армија целосно да се повлече од својата територија. Русија окупираше околу 20 проценти од Украина.
„За мирот да биде траен, новите територијални реалности што се појавија треба да бидат признати и формализирани во согласност со меѓународното право“, рече Лавров во интервју објавено на веб-страницата на руското Министерство за надворешни работи.
Неговиот украински колега Андриј Сибига брзо реагираше на тие изјави:
„Нова серија стари ултиматуми. Русија не ги промени своите брутални цели и не покажува расположение за значајни преговори“, напиша тој на социјалните мрежи.
Тој додаде дека ова докажува дека „апетитот на агресорот се зголемува само кога не е подложен на притисок и сила“.
„Време е да се справат со руската воена машинерија и да се воведат строги нови санкции“, додаде тој.
Регион
Зошто само Вучиќ и Фицо дојдоа од Европа на историската парада на Шји во Кина?

Речиси сите европски лидери одлучија да ја бојкотираат кинеската воена парада по повод Денот на победата во Пекинг, со исклучок само на двајца лидери чие присуство предизвика бројни контроверзии, пишува „Би-би-си“.
Тоа се словачкиот премиер Роберт Фицо и српскиот претседател Александар Вучиќ, кои со тоа повторно се најдоа во центарот на вниманието. И двајцата присуствуваа на руската парада за Денот на победата во Москва во мај и, исто како и тогаш, и сега во Пекинг се сретнаа со рускиот претседател Владимир Путин.
Иако двајцата пристигнаа во Пекинг, нивните мотиви се разликуваат. Србија, иако е кандидат за членство во ЕУ, има блиски економски односи со Кина и се обидува да одржи неутрален став кон Русија, и покрај осудите на војната во Украина.
Од друга страна, позицијата на Роберт Фицо е многу посложена. Неговата Словачка е членка и на ЕУ и на НАТО, но Фицо отворено повикува на нормализација на односите со Русија.
Додека Брисел планира да го прекине увозот на руска нафта и гас до крајот на 2027 година, словачкиот премиер сака да го зголеми снабдувањето на својата земја со руски енергетски производи, и покрај напорите на Украина да го прекине гасоводот.
Остра порака од Брисел
Додека Путин го фали Фицо за неговата „независна надворешна политика“, европските сојузници го гледаат тоа сосема поинаку.
На прашањето дали словачкиот премиер ја претставува Европската Унија во Пекинг, портпаролката на Европската комисија даде краток и јасен одговор „не“. Таа нагласи дека Кина е „клучен поддржувач“ на Русија во војната против Украина.
Политичките противници на Фицо во Словачка го обвинуваат дека служи на руската пропаганда и деја ги предал интересите на сопствената земја. Самиот Фицо го оправдува своето доаѓање со тоа што наведува дека е во Пекинг „додека се формира новиот светски поредок“.
По разговорот со Путин, тој рече дека дошол до неколку заклучоци и дека има „сериозна порака“ за украинскиот претседател Зеленски, со кого треба да се сретне во петок.
Фото: ЕПА
Регион
Вучиќ на воената парада во Кина: „Благодарен за искреното пријателство кон нашата Србија“

Српскиот претседател Александар Вучиќ денес објави дека Кина отсекогаш била покрај Србија, особено во тешките моменти.
„Благодарен на претседателот Шји и на кинескиот народ за нивното искрено пријателство кон нашата Србија. Кина отсекогаш била покрај Србија, особено во тешките моменти. Србија и српскиот народ никогаш нема да го заборават тоа“, напиша Вучиќ на „Инстаграм“.